Зошто не сум „анти-фашист“?

Кога сојузничките војски на денешен ден пред 70 години ја срушија хитлеровата тиранија, веројатно не ни верувале каков перверзен облик ќе добие нивната идеа за физичка и идеолошка деструкција на фашизмот во сите негови облици. Но пред да се зафатиме со демаскирањето на анти-фашизмот во 21-век, мора да имаме во предвид неколку историски факти кои се (намерно или не) премолчувани или релативизирани.

Црвената Армија на СССР воопшто не е главната осовина на анти-фашизмот, без разлика на бројот на жртви и количината на средства дадени за победа против него. На 23 август 1939 година СССР потпишува пакт кој воопшто не е „договор за ненапаѓање“ туку пакт како и оној со Мусолини и Хирохито. Една недела потоа, на 1 септември 1939 година Полска е нападната од Запад од Германија. Три недели по влегувањето на СССР на страна на фашистичката оска, две недели по 1 септември, истата Полска е нападната од Исток од Црвената Армија. Невините деца убиени од Генерал Сопроненко во шумите покрај селото Катин во септември 1939 година, се исто толку невини како и оние деца убиени во Краков, Катовице и останатите градови уништени од Нацистичкиот Вермахт.

Поделен на два дела, полскиот народ ги поздравува Црвената Армија и Германскиот Вермахт држејки по две црвени знамиња, едно со свастика, друго со срп и чекан. НКВД (подоцна КГБ) соработува со ГЕСТАПО во прогонството на „заедничките непријатели“. Лаврентиј Берија формира посебен оддел во НКВД кој се вика ГПУ, специјално задолжен за предавање на „германските непријатели“ на територија на СССР.

СССР 1939 ГОДИНА, ВЛЕГУВА ВО ВТОРАТА СВЕТСКА ВОЈНА НА ИСТАТА СТРАНА СО ФАШИСТИТЕ!

Периодот 1939-1941 година, го одбележува не само нацистичко-комунистичката окупација врз Полска, туку и обидот за поделба на Европа. Додека Хитлер ги прегазува Бенелукс и Франција, Сталин ги окупира Балтичките Држави и врши агресија врз Финска каде е поразен (значи русите сепак не се воено непобедливи). Молдавија е окупирана од СССР 1940 година со огромна помош на дњепарските козачки паравојски, кои со знаење на Москва го ширеа фашизмот низ Западна Украина. Периодот 1939-1941 година, пред СССР да премине на страната на сојузниците, е можеби најдобро опишан од страна на поранешниот агент на КГБ, Виктор Суворов. Во своето дело ЛЕДОКОЛ (Мразокршач) Суворов детално ги објаснува настаните од тој период, особено причините зошто Сталин ја менува страната во војната. Во период 1939-1941 година, единствените анти-фашисти биле капиталистичките Англија и Франција. Толку!

Поради сите овие факти, наивно и глупаво е комунистичката иконографија (српови, чекани и црвени петокраки) да се користи како симбол на анти-фашистичката борба. И тука не е целата трагедија на денешниот анти-фашизам. Таа трагедија почнува веднаш по 9 Мај 1945 година во параноичната политика на комунистичките држави, особено во онаа на Сталин. Сталин прв почнува да го користи анти-фашизмот како изговор за бруталност кон сите политички противници. Јосип Броз, Ѓорги Димитров, како и милионите руси затворани по сибирските гулази, сите се прогласени за фашисти.

Некои успеале да се спасат, некои не. На академско ниво, комунистите по државните универзитети лансираат теорија според која капитализмот, односно слободниот пазар биле еден вид на фашизам. Додека во исто време се искривува вистината за нацистичко-комунистичката коалиција од почетокот на Втората Светска Војна. Па така денес, во учебниците по историја неретко ќе прочитате глупости дека Хитлер и Сталин правеле пакт помеѓу себе, а не меѓу државите кои ги воделе, односно дека самиот пакт бил некаква „добро испланирана тактика“ од страна на Сталин.

За време на Студената Војна, според рецептот на Сталин, анти-фашизмот е масовно користен како дипломатско и политичко оружје за одбрана на државните интереси на СССР. На внатрешен план, секој анти-комунистички глас е прогласен за фашизам, и се разбира, замолчен е на начин адекватен за еднопартиска држава. Ништо поразлични не биле ниту другите комунистички држави. За институциите на Јосип Броз „народни непријатели“ (односно фашисти), секој на свој начин биле: Милован Ѓилас, Методија Андонов-Ченто, Савка Дапчевиќ Кучар, Фрањо Туџман, Андрија Хебранг, Алија Изетбеговиќ, односно сите оние кои Југославија или нејзините републики ги замислувале поинаку од него. Во сите хајки против нив, фашизмот јасно се спомнува како една од причините за нивна осуда. Очигледно е дека анти-фашизмот бил инструмент во рацете на тоталитарните држави од Источна Европа, масовно користен како изговор за грабеж на приватен имот, за егзистенцијално уништување и понижување на поединци и цели семејства, како и физички тортури од секаков тип.

Ерата на Владимир Путин, која се развива од почетокот на овој век, во својата основа е нео-советска идеа за восхреснување на СССР и Студената Војна. Владимир Путин околу себе обединува држави од поранешен СССР каде владеат луѓе без лигитимитет, каде има сериозни кршења на човековите права, едвам постојат медиумски слободи, додека владите вршат се поагресивна конфискација на приватниот имот. Согласно политиката на поранешен СССР, секоја меѓународна критика на руската политика, денес се толкува како некаква форма на фашизам.

Во тој дух, путинова Русија поднесе резолуција во ООН за „Осуда на фашизмот“ чии текст индиректно ги осудува евро-атланските интеграции на земјите од Источна Европа. Во тој текст, посебно на мета се дипломатските притисоци на Запад кон новите држави настанати по распадот на комунизмот, притисоци со кои јасно се бара изградба на цивилни и демократски и општества во кои постои минимум пазарна економија. Тоа се толкува како удар врз наследството на СССР во Источна Европа, односно некој вид „нов фашизам“.

Про-руските медиуми направија доста убедливи приказни, според кои неколку стотини снајперисти се виновни за денешната ситуација во Украина, а не илјадниците руски тенкови кои го згазија нејзиниот суверенитет. Про-руските медиуми од Вардар до Триглав, не бомбардираа со слики на кои одредени анти-руски украинци носат фашистички симболи, комплетно игнорирајки го егзодусот и хуманитарната катастрофа која ја донесе башибозукот на Путин. Гледаме слики од Мајдан, слушаме говори на Порошенко, а никогаш ништо не сме виделе за обичниот човек во путиновата „Сао Краина“. Донбас, Лугањск, Крим и останатите руски вилаети со карикатурално име „НовоРусија“ се новото лице на анти-фашизмот денес.

Затоа, 9 Мај 2015 година, нема врска со падот на Нацистичка Германија. Парадата на Црвениот Плоштад денес, како церемонијален израз на рускиот анти-фашизам, повторно се користи како и во времето на СССР. Русија е представена како жртва која наводно ќе го спасува ре-фашизираниот свет, веројатно како што беше „спасена“ цела Источна Европа во периодот 1945-1990 година. Идеите за изградба на демократски, про-западни држави, каде се почитува приватниот имот и слободната трговија меѓу европските земји, каде критикувањето на државата и владата не е криминал, каде народите самостојно одлучуваат дали ќе го почитуваат комунистичкото наследство и колку, каде малцинствата имаат адекватни права па дури и одредени автономии, итн... сето тоа е прикажано како „агресивен пробив“ на западниот вредносен систем, наводно на штета на руските национални интереси. Па, согласно анти-фашистичката филозофија на Москва, сето тоа е фашизам од кој русите повторно имале намера „да не спасат“.

На денешната прослава во Москва нема никакви анти-фашисти, туку политичари кои одат на „баци рака“ кај Путин. Оние кои се денес во Москва, или просат евтин руски гас, или Русија ги брани од демократски промени во нивните земји, или се фатени во традиционалната советска анти-фашистичка стапица. Путиновата нео-советска агенда и во иднина ќе обединува авторитарни режими кои владеат без легитимитет. Нема никакво сомневање, новата советска темница повторно се шири користејки го анти-фашизмот како традиционален изговор. Таквиот анти-фашизам, нема никогаш да ја добие мојата поддршка.

Смрт за анти-фашизмот, нека живее глобалниот либерален поредок!

Виктор Трифуновски

Read 1482 times