И ЗАЕВ ЌЕ ГО НАЈДАТ ВО ЕНДЕК КАКО НИКОЛА... ИЛИ МОЖЕБИ НЕ?

Видовте ли конечно кои се вистинските господари на Македонија? Излезе на те-ве германската амбасадорка во нашата земја и од небо па во ребра побара оставки на сите протагонисти и статисти во прислушуваните разговори кои ги објави опозицијата. Во светот на дипломатијата тоа е крајно непримерен чин кој значи пречекорување на овластувањата на амбасадорот и директно мешање во внатрешните работи на државата која му укажала гостопримство. Е сега, доколку станува збор за суверена држава, по таквиот испад веднаш следи протерување на дрскиот амбасадор и тука завршува приказната со него. Дај друго дете.

Во нашиов случај со германската амбасадорка, нема ништо од тоа. Мислам дека немаше дури ни протестна нота од нашата влада до Германија, оти германската амбасадорка сигурно не побара оставки од нашите министри и премиерот зашто така ѝ прднало откако тоа утро станала на лева нога. Кај Швабите нема импровизација, тоа е одамна познато, затоа се Шваби. Таа очигледно добила зелено светло од централата за тоа да го изјави. Зад нејзината изјава стои Меркел и никој друг, во тоа немојте да се сомневате ниту во еден миг. Е, а кој стои зад Меркел, тоа е друга приказна. Сега не сакам никого да однесам во длабокото, па после да не може да доплива до брегот. Доволно е ова.

Лично, ама ич не сум изненаден од она што излезе од устата на германската амбасадорка, зашто тоа јавно го верглам години наназад дека Македонија опстојува до денес каква-таква, само благодарение на „добрата волја“ не некои странци чии имиња не ги знам и од причини кои не ги знам. Барем не сите. Но знам дека тој експеримент наречен Македонија на почетокот, во очите на тие странци не бил замислен да потрае толку колку што трае. Според нив требало да заврши уште пред двеилјадата година, што на некој начин и се случи, ако се земе во предвид сѐ она што се случува по војната во 2001 година, кога државта од година во година сѐ поочигледно стануваше зависник од одлуките и добрата волја на странските фактори кога беше во прашање нејзиниот опстанок или понатамошно одржување. Охридскиот Договор беше креиран и наметнат од странци, територијалната поделба во 2004 година беше креирана и наметната од странци. Пописот на населението пред неколку години беше отповикан и миниран од странци, иако се одвиваше во полн ек, зашто неговото усшешно спроведување ќе значеше нов крвав судир со Албанците. Првото враќање во Собранието на опозицијата кога правеа ОТПОР беше наредено од странци. Еве сега и второто нејзино враќање ќе биде наметнато и побарано од странци. Само сега тоа е наметнато со друга цел. Груевски е спремен за отстрел и се работи за тоа, само да се најде начин отстрелот и да се спроведе, а тоа пак, е невозможно без враќањето на опозицијата во Собранието.

Секој човек со малку повеќе памет во глава, знае дека Македонија е класична сатрап-држава која се одржува благодарение на редица квислиншки влади кои редовно одработуваат одредени странски регионални агенди, на многу поголеми играчи од нив. Она што се случи со феноменот Груевски и неговото предолго владеење е чиста последица на дефокусирањето на вниманието на тие играчи од проблемите на Балканот во оние години кога Груевски дојде на власт и ги воспоставуваше системите за контрола и манипулација. Негов ксмет и проклетство под одреден сплет на околности. Нема тука друга филозофија. Едноставно, играчите кои дозволија тој да дојде на власт и крајно да ја злоупотреби, го оставаа на раат се додека дечкото послушно се задолжуваше во нивните банки и им ветуваше одредени работи за мир во куќата и регионот.

Арно ама, кога батките видоа дека додека се бафтале со други поважни работи, на Балканот им се инсталирало диктаторче кое згора на сѐ станало и арогантно, такашто сериозно им помрсува некои сметки со тоа што гази на ветувањата што ги дал, ооооооооп, решија да кренат рачна кочница. Ете тогаш се случи она: Чекај бе дечко, што се замишљаш! Ај сега да те видиме каков фраер си! И тогаш го викнале Заев, како претседател на најголемата опозициска партија и му рекле: Ќе ти дадеме шанса да го избуфташ дечконо што те дава по судови и лажно се претставува како цар на Македонија, ама само ако бидеш фин и ако не заборавиш како Груевски до каде ти е чергата? И нормално Заев го прифатил предлогот и подадената рака. Е дури тоаш претпоставувам му шепнале на увцето: Види момак, можеме да дојдеме до илјадници тајни снимки кои груевци сами ги снимале за што подолго да останат на власт и да се пресметаат со сите кои ги загрозуваат нивните бизниси. Се снимале и себе и своите противници. Ако дојдеме до нив, а ќе дојдеме, ќе ги добиеш, а ти после растури му го газето со нив и ич да не ти чуе.

Ете зошто Груевски нема никогаш да нареди апсење на Заев. Он многу добро знае кој го шити неговиот грб и дека го пипне ли, ќе нафрка како жолта мравка, баш од оние кои до вчера беа негови ментори и го тупкаа по рамото. Ете зошто лесно му е на Заев да биде храбар кога ги објавува снимките. Оти да дојдеше по некоја случајност сам до нив, до сега веројатно пет пати ќе го најдеа мртов во некој ендек како Никола Младенов, ако ја немаше таа среќа да биде приведен и осуден. Груевци тоа би го направиле без размислување кога знаат дека нивната жртва нема широки плеќи. И затоа се комични кога нивните мегафони како Латас и Миленко ги бранат со глупави оправдувања дека на тајните снимки заканите што ги кажуваат се онака про-форма, од безвезе и дека тоа во пракса не го направиле. Дека никој не завршил во ендек и ничиј бизнис не бил сотрен. Ма немој Латасе! Ако Младенов не може да каже ништо, Фиат е уште жив, а сите видовме како е сотрен неговиот Космос. Со експлозив. Буууууум.

И да се вратам сега на германската мабасадорка и нејзината изјава дека оставка на Груевски и владата мора да има. И мене ме навреди нејзиниот коментар, но во смисла дека ми е срам што живеам во држава на која туѓинци ѝ ја кројат и одредуваат судбината. Ама за тоа не ни е крива ниту таа, ниту Меркел, ниту било кој. Ние до сега стопати покажавме дека не сме способни да имаме своја држава, иако добивме шанса од странските фактори да го покажеме и докажеме спротивното. Не успеавме зашто бевме плашливи и поделени, а нашите политичари опасно корумпирани. Дури тогаш странците отворено почнаа да ни солат памет и за тоа никој не треба да ги обвини. Едноставно сфатија дека имаат работа со недоносенче со пречки во развојот.

Самите сме виновни што Македонија ја изгубивме по сите основи и сега боли кога странците ни кажуваат што треба да правиме. Е па боли. Ама подобро и тоа во овој историски момент, зашто за некоја радикална промена во историско-политички контекст и на ниво на свеста очигледно не сме подготвени. Тоа мора да го признаме колку и да е неподносливо. Груевски и неговата насилна дружина можат да се срушат само на два начини: Со сила или наредба од странство. Затоа и амбасадорката му го кажа тоа што му го кажа. Да си поднесе оставка за да се формира преодна влада која ќе организира предвремени избори, кои нормално, Груевски доброволно ќе ги изгуби, дури и да може да победи. Европската Унија очигледно нема намера да затвора нова крвава рана на Балканот. Барем не во скоро време.

Сашо Тасевски

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на КОТЛЕ1 значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ТУКА

Read 3986 times