ЗОШТО ГОРДЕ ИМ ПОКАЧИ ПЛАТИ НА МВРО ДПМНЕ

Кога нешто личи на ѓубре и смрди како ѓубре, мора да е ѓубре. Откако на тајно снимените телефонски разговори чувме како министерката за внатрешни работи ги нарекува своите подредени од полицијата битанги и говеда, таа излезе на прес и објави дека ќе им ги покачи платите за пет проценти со едногласна одлука на и онака, безгласната влада. Кога во полицијата чуле за оваа среќна вест, повеќето од оние тазе вработените по вмровски клуч, се подмочале од радост. Така барем се шушка во чаршијата.
Оние пак, попаметните полицајци велат, не е добро кога само полицијата добива покачување на платите. Кога тоа се случило во периодот кога министер за внатрешни бил Павле Трајанов, веднаш потоа се случила косовската бегалска криза, а по неа и војната во 2001 година. Затоа последново покачување на платите во полицијата, според некои врвни професионалци од полицијата не навестува ништо добро.
Со други зборови, власта е подготвена да ја мобилизира полицијата во одбрана на своите лични интереси и сега веќе јавно познати матни бизниси, доколку се случи некоја масовна разгневена толпа, организирана или не, да тргне на нив и на државните институции и медиумите кои ги имаат запоседнато и ги држат во заложништво за својата криминална кауза.
Последнава заложничка криза од Турција, кога радикални левичари го ликвидираа турскиот јавен обвинител зашто не сакал да процесуира убиство на невин младинец за време на немирите на плоштадот Таксим, дополнително ја вжештиле атмосферата меѓу раководниот партиски кадар на одредени сектори во ме-ве-ро-то. А зошто и не би очекувале такви домашни радикали кои разбеснети би му тропнале на врата на Зврлевски, кога неговото постапување и однесување кон пријавите за корумпираноста и за другите злосторства на власта не само што е крајно непрофесионално, туку е и скандалозно, многу слично на она на турскиот јавен обвинител, иако мислам дека тој турскиот обвинител е мало бебе во споредба со нашиов во однос на сервилноста кон власта која го поставила на функција.
Освен тоа, за постарите волци во полицијата е многу навредливо тоа мало покачување на платите од 1000 до 1500 денари во зависнот од личниот доход, во ситуација кога многу други работи не функционираат и кога многу прекувремени часови работа воопшто не им се плаќаат, поточно се плаќаат, но сумите се толку смешни, што и мене ми е непријатно да ги објавам од почит кон тие луѓе, инспектори во разни сектори кои секојдневно и прекувремено си го изложуваат животот на опасност за апсурдно мали бонуси.
Сѐ уште ми одѕвонува во главата писмото на сопругата на генералот Стојанче кое го упати на минитерката Јанкуловска во кое целосно ја демистификува реалноста во секторот за економски криминал за СВР-Скопје, во кој била вработена пред да биде принудена да даде оставка, во чијашто трошна барака постојат субстандардни услови за работа, катастрофално греење, пукнати цевки за вода, распаднати тоалети, недостаток на тонери и хартија за печатење, такашто на оние кои треба да испечатат нешто им се брои секој лист. Малку подобро додуша било во тие сектори на републичко ниво, па сепак и таму вработените сами си ја купуваат тоалетната хартија и сапунот. Башка муабет е застареното и смешно лично вооружување кое го поседуваат разни припадници од полицијата, кои не се дел од специјалните единици, кои пак имаат малку повеќе бенефиции од останатите и повисоки бонуси и плати.
Чук, чук, има некој дома? За што прајме ние муабет? За Боцвана или за држава во срцето на европскиот континент? Па уште шушумигана Јанкуловска се удира во гради со некакви огромни вложувања и инвестиции во нова современа опрема за потребите на полицијата, а ваму тие кутрите, газот немаат со што да си го избришат. Само им се чудам на тие луѓе кои треба да бидат гордост на министерството за внатрешни, како воопшто наоѓаат мотиви и понатаму да работат за полицијата. За почит е нивната посветеност и храброст.
Ама не, нив никој не ги есапи. На цена се сега лепачите на плакати, кои ја поминале полициската обука на-две-на-три и кои уште не знаат ни пиштол да држат, а камо ли да решаваат тешки случаи на криумчарење дрога, финансиски криминал или трговија со луѓе. Тие безрбетници со коефициент на интелигенција не поголем од бројот на кондурите што ги носат се ставаат на важни места и секојдневно го уриваат реномето на нашата полиција, а често пати оние квалитетните, кои се ставени во нивната сенка, мораат да ја вршат и нивната работа, која не се способни самите да ја завршат.
Вџашени токму од плиткоста на нивните понови колеги, кои во полицијата се вработени во последниве години по партиска линија, а кои пред тоа, како што реков, биле обични лепачи на плакати на владеачките партии, овие искусни професионалци, оправдано стравуваат дека релативно новиот мвровски дпмнеовски кадар за пет проценти покачување на платата е спремен да изврши било што за интересите на Груевски и останатата братија. Оттука и нивната загриженост дека периодот пред нас ќе биде мошне тежок на внатрешно-безбедносен план, и најверојатно ќе има обид од власта да ја злоупотреби полицијата за свои цели, против својот сопствен народ.
Мене лично ништо поврзано со преродбениците не би ме изненадило, а најмалку тоа, зашто конечно го видовме нивното вистинско лице, кое толку умешно со години го криеја зад реториките на преродбата, зад лажната скромност и псеудопатриотизмот кој секојдневно го промовираа во нивните јавни настапи. Вистината е дека сме соочени со чопор манијаци и психопати чија цел била лично богатење на штета на државата и елиминирање на сите оние кои ќе им застанаат на патот во остварувањето на таа цел. Сега пак, кога се обелоденети нивните злосторнички дела, повеќе од било кога, се подготвени да жртвуваат било што и било кого во обид да ја спасат својата кожа. Тоа не смееме да го заборавиме во ниту еден миг, сѐ до денот кога мечот на правдата ќе падне врз нивните глави. Обвинителството веќе крцка од бројот на кривични пријави поднесени против нив, за кои, рака на срце, никој денес не се заморува, ама тие се таму и ќе останат таму, уште неколку години, доволно време за да дојде некој јавен обвинител со срце големо како она на големиот Фалконе.
 

Сашо Тасевски

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без дозвола од редакцијата на КОТЛЕ

Read 5353 times