Macedonian Albanian Croatian Dutch English French German Italian Portuguese Russian Spanish

ДАНЕ ПОПОВСКИ: ИСКРАТА НА МАКЕДОНСКОТО ДВИЖЕЊЕ



Пишуваат Јордан и Душан Петровски

6.6.2018 година

Замина од овој свет војводата Дане Поповски, носителот на искрата на македонската идеја низ најтемните денови на македонскиот народ. Кога немало каде да се бега, и кога предавањето во борбата за слободна Македонија значело сигурен прогон од службите на нашите поробувачи, и пекол на јаве, Дане јуначки ја ширел вистината за историјата и припадноста на македонскиот народ, притоа организирајќи ја македонската младина во огромно конспиративно здружение кое продолжило да ја подрива антимакедонската политика на србокомунистичката власт. Благодарение на Дане денес сѐ уште живее светото име ВМРО, а покрај него, полека но сигурно се враќа и вистинската свест на Македонецот. Да му се заблагодариме на Господа што ни пратил ваков учител од кого допрва ќе учиме како да чекориме напред.

Почина доајенот на македонското ослободително движење Дане Киров Поповски (20.II.1931-6.VI.2018) од Царев Двор, Ресенско. Според неговото лично сведочење од 14 јуни 1950 година при неговото испитување од Среското полномоштво на УДБ Битола, кога бил уапсен за прв пат, имал завршено IV-клас гимназија и I клас еконокмски техникум, тогаш бил неженет; не служел „во ни една војска ни квинслиншка ни окупаторска,“ и не бил зачленет во друштва. Меѓутоа, значајно за историјата на Македонија, бил член на организацијата ВМРО „Правда“ од 1949 до средината на 1950 година, односно до неговото апсење. Зборувал само македонски, и никогаш не бил во странство, ниту имал роднини во странство. Имал стрико Бојан кој бил осуден за саботажа на една година. Имал братучед Наум кој бил активен потпоручник во Југословенската армија во Тузла, а друг, Славе, кој бил офицер во УДБ Струга.

Според предлогот на Управата за државна безбедност за заведување под контрола на Дане откако излегол од Идризово по неговото второ затворање:

истиот потекнува од богата земјоделска фамилија од татко Кире и мајка Николина. Истите крајно се непријателски расположени према народната власт и државниот поредок. За време на бившите режими е била во најблиски односи со тогашните власти, а нарочито за време на окупацијата е била како главен ослонец на бугарскиот окупатор.

            Дане уште во април 1949 год. како ученик во економскиот техникум Битола се поврза со ВМ непријателски елементи како на пример Љубин Чакров од гр. Прилеп, кои од порано е бил затворан како таков. Во школото тои станува активен член на ВМ Правда, работи на проширување и обухфатување на нови членови во таа организација како во школото и ова околија и како таков успева да стани раководител на организацијата „ВМ правда“.

            Во текот на летната ферија 1949 год. тои успева во своето родно место и околијата да обухфати доста членови во „ВМ правда“, која во последното време бројат преку 40 лица. Покасно истата се проширува и во средните стручни школи во Скопје, поради које во 1950 година Дане е хапсен и осуден заедно со уште неколку ученици.

 

По неговото излегување од затвор по прв пат, Дане ја отслужил неговата воена обврска, а непосредно потоа повторно се посветил на организирање и агитација против србокомунистичката власт, а подоцна и се оженил за неговата верна сопруга и доживотен соборец, Стефанија. Неговото досие забележува инцидент за време на предизборна кампања за народни пратеници кога преку разгласната станица во Царев Двор, „Дане пред приличен број лица е зборувал: ‘На кого свират овие звучници, зарем на овои поробен народ, не му треба звучници него нему му е потребна слобода и работа’.“ Подоцна бил вклучен во организирање на тројки помеѓу „просветената интелигенција,“ и се обидувал да врбува бивши милиционери за организацијата. Бидејќи и понатака продолжил „поактивно“ да делува како „непријателски ВМ елемент против нашата власт и државното устројство“ во 1956 година заедно со Васил Кевиловски бил осуден на 5 години тешка робија во Идризово, поради тоа што биле „криви“ за непријателска пропаганда и „труење на омладината“:

за това што со намера да ја пордијат власта на работнијот народ на ФНРЈ и да го скршат братството и единството на народите на ФНРЈ, Дане во времето на втората половина на 1953 година, па се до неговото притварање пред повеќе лица нарочито од омладината од град Ресен, село Лубојно и други села во преспанската околија е зборувал да се тој борел за слободна Македонија, да во ова земја е тешко да се живејит, да надницата е минимална, а даноците големи, да во САД живото бил подобар и да таму постојала организација МПО која се борела за ослободувањето на Македонија и која ќе ни помагала материјално со сета сила који ќе се борат за ослободувањето на Македонија и одлепувањето од Југославија…

Во превоспитниот центар во Идризово живеел на диета од 200 грама леб дневно и кисела зелка, секојдневни тортури и тепања, и постојани обиди за врбување. Минал подолг период во самица.

Меѓутоа, се чини дека сите измачувања низ кои минал Дане за време на неговите казнени рокови во Идризово биле релативно хумана казна во споредба со постојаната присмотра и целосна „разработка“ на неговиот живот „на слобода“. Како директен производ на губењето на граѓанските права и постојаните интервенции од органите на државната безбедност, Дане, и покрај неговиот несомнен интелект, останал без ниту еден ден работен стаж.

 

Она што најмногу ја иритирало УДБа било неговото „арогнатно држење,“ односно неговото непокорливо поведение. Колку повеќе Службата настојувала да го скрши неговиот дух, толку повеќе тој зацврстувал и станувал порешителен.

Дистанцирањето на ВМРО СДРМА од Ванчо Михајлов било делумно стратешко, а делумно практично. Практичната причина за дистанцата помеѓу Михајлов и Поповски, ефективното пропаѓање на Бугарија како независна држава, истовремено го означило и суштинското раѓање на македонската национална совест помеѓу приврзаниците на ВМРО СДРМА. Сепак, нивната пожртвуваност не останала незабележана од лидерот на ВМРО кој на страниците на „Македонска трибуна“ со најпочесни зборови ја пофалил храброста и посветеноста на Дане Поповски и неговите следбеници, особено поради тоа што по 1945 година, веќе не постоело безбедно прибежиште за македонските револуционери како штоа тоа бил случајот од 1878 до 1934 година. Михајлов ги сметал Дане и неговите приврзаници за живи јунаци.

Требва да зачитаме за истински герои тези млади хора. В турско време нашите борци имаха открит поне път за евентуално бегство към България. А в моментите, за които говорим, откъм България имаше еднаква опасност за тех, почти както откъм Сърбия. Тръгвайки с идеите на ВМРО, тия младежи поемаха път постлан изключително с рискове, без никаква посока за спасение при разкритие. И Гърция предаваше избегали младежи ту на Югославия. ту на България. А при това, изтъкнахме вече, налице беха и масовите избивания в Вардарска Македония. Неоспорим и блестящ е идеализмът на тези младежи, техната верност към народа ни и неговите идеали.

Преди петстотин години турците се появиха в нашата страна, но идването си всекога означаваха като завоевание. А агресорите в края на Втората световна война, върху родните ни огнища, и досега означават своята власт като .... освобождение. Точно срещу това "освобождение" се опълчиха и младежите, част от които тук споменаваме. Срещу него се насочи и съвестта на нашия народ, от която и днес продължават потайно да треперят господствуващите тирани.

Во овие мигови на жалост, треба да се присетиме колку сме благодарни на Господа за дарот што ни го пратил во ликот на Дане Поповски. За времето на нажестоките дни на србокомунизмот младежите на ВМРО-ПРАВДА/СДРМА под раководството на Дане, и покрај тоа што биле свесни дека немаат каде бегаат, заталкале по мирољубивиот пат на Исус, тивко ширејќи ја вистината за генезата на нашиот род и за она што е здрав морал. Нив не ги спречил стравот од имзачување во Идризово, ниту пак стравот дека нема да се здобијат со политичко-општествени позиции како производ на нивниот завет спрема вистината. Нивниот пример треба да ни послужи како светлото што ќе нѐ избави од пеколот на србокомунизмот. Тие младежи се ставиле во служба, не на земјините идоли и моментални задоволства, туку во служба на своите браќа, на своите родители, и на своите деца. Привзаниците на ВМРО-ПРАВДА, предводени од Дане Поповски, Костадин Смичковки, Благој Мрмевски, Глигор Крстевски и Љубен Костовски, се ставиле во служба на вистината без разлика на привремената неудобност која морале да ја претрпат. Кога ќе ја разбереме нивната порака, тогаш Македонија ќе стане слободна.

Пред малку престана да чука срцето на Дане Поповски, човекот кој целиот свој живот го посвети на ВМРО. Тој е еден од четворицата основачи на ВМРО-ПРАДВА/СДРМА, партија која после Втората  светска војна ја поведе битката Македонија да стане самостојна, демократска, суверена држава под протекторат на Америка. Дане Поповски е човекот кој е најзаслужен што пред ДПМНЕ стои името на ВМРО. Се надеваме дека набргу ќе дојде денот кога Македонците, особено членовите на ВМРО ДПМНЕ, ќе ја дознаат вистинската историја на Македонија и вистината за основање на партијата ВМРО ДПМНЕ!!

На Дане конечно му дојде неговото време да почива во неговиот заслужен мир. Аманетот што ни го остава е да ја продолжиме неговата борба. Тој искрата ја распламени во огин. Наше е да го пренесеме факелот во рацете на следната генерација и да продолжиме кон конечното ослободување на македонскиот народ.

Почивај во мир мил пријателе.

Фотографијата која ја прикачив е од досието на Дане Поповски, ПОО „УНИОН“