Macedonian Albanian Croatian Dutch English French German Italian Portuguese Russian Spanish

КОДОШИТЕ НЕ КОДОШЕЛЕ ГРАТИС, ТОГАШ ОД КОИ ПАРИ БИЛЕ ПЛАЌАНИ?!

Featured КОДОШИТЕ НЕ КОДОШЕЛЕ ГРАТИС, ТОГАШ ОД КОИ ПАРИ БИЛЕ ПЛАЌАНИ?!

 

Пишуваат Јордан и Душан Петровски 03.12.2017

Како увод во овој текст ќе цитираме дел од текстот на Оливера Војновска објавен во октомври 2010 година во „ УТРИНСКИ ВЕСНИК

 

КОДОШИТЕ НЕ КОДОШЕЛЕ ГРАТИС

Најпрво со „пациентот“ се правеле контакти на пониско ниво. Тој се скенирал подолго време

Оливера Војновска

 

Пари, станови, автомобили, викендички, дуќани, школување во странство... Со вакви подароци тајните безбедносни служби им искажувале благодарност за лојалноста на луѓето со кои долги години биле во сојузништво. Лицата кои во животот функционирале со кодошење, веројатно, немале спокојство и мирен сон. Но, затоа за себе и за своите семејства можеле да обезбедат квалитетен и богат живот. Се тврди дека нивната долгогодишна кооперативност со тајната полиција резултирала со екстра-добивка од неколку десетици илјади евра (гледано во денешни услови).

 Напредувањето во кариерата не бил единствениот бенефит од кодошењето. Информациите со кои ја сервисирале тајната полиција не ги давале гратис, туку ги наплатувале. Во одредени случаи кодошката услуга само за една операција со „посебна специфична тежина“ одела во пакет со автомобил или стан. Поситните информатори, пак, добивале хонорари во висина на една плата. 

За ова сведочат лица кои порано работеле во поранешните специјални служби. Велат дека оној што бил соработник на тајната полиција тоа го правел исклучиво од лукративни цели. И тоа врз основа на договор, писмена согласност (изјава) и за надомест што се одредувал во зависност од природата и тежината на задачата. 

Може ли да се препознаат и како изгледаат овие личности кои својата кариера ја граделе на сметка на туѓата несреќа и згора на тоа биле наградувани со огромни суми пари? „Тоа се луѓе од нашето соседство. Сосема обични и со своето однесување не го привлекуваат вниманието на околината. Некои од нив станале соработници на службите уште во младоста, со првото вработување и сојузништвото траело со години. Вртоглаво ја ѕидаат кариерата во некое тело на општините, Извршниот совет, Собранието, потоа во судовите, банките, по разни комбинати... Буквално секаде, вклучувајќи ги и новинарските куќи. Паралелно со политичката или бизнис-кариера кодошеле за пари“, раскажуваат оние што ја познаваат добро организацијата и функционирањето на кодошничката мрежа. Тие сликовито го објаснуваат системот на кодошење и богатење. „Овие лица му се залепуваат на ’објектот‘. Се спријателуваат и со него градат семејни релации. Заедно одат на викенди, одмори, патувања... Ги знаат сите детали и интимните врски. Секогаш се до ’пријателот‘ во важните моменти. Да честитаат или да го утешат ако треба. И, токму ваквото, навидум, искрено другарување се користи како извор на многу квалитетни информации за СДБ. Со тек на време стекнуваат голема финансиска моќ. Прават тврдина која подоцна во животот им го штити грбот. Некои од овие крупни кодоши денеска се меѓу најбогатите во државата“, тврдат нашите соговорници. Појаснуваат дека терминот „кодош“ - кој стана многу популарен со лустрацијата, всушност, се однесува на најобичен ситен информатор, кој нема писмен договор со службите и инцидентно ги сервисира оперативците со иформации за мала сума пари. 

Цената на вистинските соработници (оние што се битни за лустрацијата) била одредувана во зависност од тоа дали тие биле ангажирани на кратки патеки, или долгорочно, како и на која дејност биле фокусирани: во стопанството, општествено-политичките институции, образованието, научната дејност, културата, судството, верските заедници... 

Познавачите велат дека во досиејата што беа отворени во 2000 година може да се препознаат имињата на некои од големите кодоши, но таму не може да се види колку пари земале. Тоа точно може да се открие од досиејата на самите соработници, кои љубоморно ги чува СДБ. Односно УБК, и таму ја има документација за целата соработничка мрежа и оперативните врски. „Но, независно која политичка гарнитура е на власт, УБК никогаш нема да ги обелодени. Може да се случи само селективно да вади предмети и за пари да уценува одредени ’угледни личности‘ дека јавно ќе им го извалка образот“, прогнозираат тие. Иронично додаваат дека соработник на СДБ не се станува „несвесно, непромислено и од невнимание“. „Напротив, тоа го правеле многу свесно и многу пресметано. А и службите знаеле кого да врбуваат и кој е подготвен да стори сѐ за пари и за позиција. Нема никаква случајност и не може секој да биде соработник на СДБ. Тоа е долг и сложен процес. Најпрво со ’пациентот‘ се прават контакти на пониско ниво. Тој се скенира подолго време. Му се даваат одредени задачи, се прават извештаи за неговите информации, па се дава мислење во службата и предлогот стигнува до потсекретарот. Последниот збор го кажува министерот за внатрешни работи, кој му го потпишува решението и тој се регистрира како соработник на СДБ“, објаснуваат поранешни агенти.

Како што таа обзананува нејзината репортажа била заснована пред сѐ на сведочењата на „лица кои порано работеле во поранешните специјални служби,“ а бидејќи знаеме дека од Службата се оди во пензија само по пат на ковчег, тогаш треба да имаме барем извесна доза на скептичност кон она што Војновска го протежира. Еден од пропустите на Војновска е сугестијата дека луѓето соработуваат со Службата ислкучиво од лукративни побуди. Архивската граѓа на службите на државната безбедност сугерира нешто друго. Да не заборавиме, Службата е пред сѐ и над сѐ идеолошка полиција—што значи дека материјалните надоместоци се интергален дел од нејзиниот метод (морков и стап) на превоспитување и асимилирање на „незадоволниците“ (официјална ознака при УДБа).

 Секако, не е баш сѐ така виножито и еднорози како што сугерира текстот на Војновска. Да се рече дека соработниците ги „наплатувале“ услугите што тие ги извршувале за Службата, е да се стави чизмата на погрешната нога. Ваквата формулација на односот помеѓу УДБа и нејзините потрчковци сугерира дека соработниците имаат слободна волја во однос на тоа дали тие ќе соработуваат со Службата или не, што е секако далеку од вистината. Македонецот „бира“ да соработува со УДБа зашто алтернативата му е живот под репресивни мерки или егзил во станство и целосен прекин на фамилијарните и пријателските врски во татковината. Поисправно е да се рече дека соработниците се наградуваат од страна на Службата, исто како што домашното милениче се наградува со наслада откако ќе демонстрира послушност.



Ако ја земеме бројката на соработници што ја споменува Цобе Богоевски од најмалку 350 илјади души (види подоле), и ако се водиме по напишаното од Војновска за големината на наградите што некои од соработниците ги добиваат (коли, станови, десетици илајди евра годишно, итн.), тогаш Македонија би личела повеќе на Монако одошто на Пјонгпјанг. Но таа сепак повеќе личи на второво, што сугерира дека не баш сите соработници живеат токму како бубрези во лој.

 Соработниците на Службата што возат бесни коли, оние што се професори на универзитети, коментатори по електронските и печатените медиуми, и останатите кои се слични ним се лесни да се воочат. Но, што правиме со оние невидливите? Некои од соработниците на службите—би рекле повеќето од нив—се голи пиштоли: и често се технолошки вишкови, стечајни работници, вечни студенти, луѓе кои постојано имаат тешкотии на работното место или неможат да најдат стабилна работа, и сл. Некои од овие последниве се „незадоволници“ за коишто самата Служба конкретно се осигурала дека ќе бида технолошки вишкови, додека други се само жртви на општата политика на држењето на народот на работ на гладот што Титовистиочкиот режим ја практикува од своите најрани денови. И со добра причина. Од една страна, голиот пиштол е веќе скршен човек, па оттука и „расчистувањето“ со него, односно неговото врбување, е полесено за „реализирање.“ Од друга страна, голиот пиштол е човек што обично од средината се прифаќа како патилец, и на тој начин тој е оперативна врска со вграден легитимитет помеѓу „незадоволниците.“

 

 Ваквиот тип на соработник е кртот што разбил безбројни обиди за некакво организирање, од раните денови на Титова Југославија, па сѐ до ден денешен. Како и да ѐ, капка по капка—вир. И овие голи пиштоли, што добиваат, не часовници од 20 илјади долари, бесни коли и станови, туку само колку за да живеат без да работат, а да си ги минуваат деновите во кафулињата, на плоштадите, и на другите места каде што се собираат луѓето, и тие чинат пари, а тие пари не никнат од земја.

Што наведува до прашањето: Како се доаѓа до тие пари? Бидејќи станува збор за вонбуџетски средства, до нив се доаѓа единствено по нелегални канали: шверц на цигари и други акцизни стоки, шверц на оружје, провизии од тендери, провизии од изградба на инфраструктурни објекти, провизии за повластен увоз итн. На Службата ѝ требаат многу пари затоа што бројката на соработниците/кодошите е застрашувачка!! Според изјавата на Слободан Богоевски Цобе, човек кој долги години бил во врвот на СДБ/УБК таа бројка е најмалку 350 илјади луѓе. Значи 15% од населението во Македонија „работи“ за УБК!! 

 

 

Во ниеден официјален финансов извештај на СДБ/УБК нема помен од трошоци кои се направени за наградување на соработниците, односно трошоци за купени станови, коли, викендици, дуќани, трошоци за покривање на работата на некоја оперативна позиција која формално имала туристичка агенција, ресторан, изработка на веб страници, хостинг, радио , весник, увозник на производи итн. Но она што е 100% сигурно е тоа дека тие „вработени“ во УБК не биле и не се плаќани со парите кои УБК ги добивало од буџетот на РМ!! Значи УБК не плаќало со пари од легални извори. Како оди тоа можеме да научиме од поранешниот Министер за внатрешни работи, Павле Трајанов:

 Можам да ви кажам дека кога во 1998 година станав министер за внатрешни работи, едно од најтешките кривични дела беше токму кражбата на 28 килограми кокаин од депото на МВР. Меѓу првите задолженија кои им ги дадов на оперативните служби беше да се расчисти со оваа кражба. Тогаш добив запрепастувачки информации. Разговарав и со Диме Ѓурев, директорот на Јавна безбедност и со Добри Величковски, директорот на ДБК, кои независно еден од друг дадоа идентични информации: дека во 1997 година се случила кражбата на кокаинот, крим полицијата почнала одредени активности, но набрзо потоа министерот Томислав Чокревски ги повикал и им рекол дека има директна наредба од премиерот Бранко Црвенковски да се запре целата работа за да не и се наштети на изборната кампања на СДСМ. 

Кокинот стасува до „потрошувачите“ се разбира само преку криминалците.  УБК за да го продаде кокаинот, цигарите ангажира криминалци!

Еве сведочење кое ќе го фрапира секој разумен човек: Сефот на МВР/УБК полн со илјадници златници, десетици килограми злато, неброено девизи!

 

 

Според веќе достапните податоци како Службата регрутира соработници со сигурност може да се тврди дека 99% од соработниците биле првин следени од УБК, па потоа голем дел од нив под уцени а мал дел доброволно, прифатиле да станат нејзини соработници!! 

Дали можеме да претпоставиме колку пари се потребни да се плаќа толкав број на соработници? Не се осмелуваме да прогнозираме, бидејќи еден од соработниците кој е најзаслужен за исполнување на задачата која му ја доделил СДБ, наше финансиско уништување, имаме непобитен доказ дека е награден со 200 илјади германски марки во форма на невратен заем од Народна банка. Ако за Јордан Петровски, кој не бил никаков фактор на политичката сцена во Македонија, соработникот добил 200 илјади ГМ, колку ли добил тој ист соработник за успешно завршената задача: купување на претседателот на тогаш најголемата опозициона партија во Републиката?

Колку ли пари чинат соработниците на Службата надвор од Македонија—коишто живеат во држави кадешто животниот стандард е експонентно повисок одошто во РМ—и колку се тие на број? И секако, колкумина безработници ја добиваат својата живеачка, и колкумина полу-вработени го добиваат „детскиот додаток,“ не од Социјално, туку од Внатрешни?

Зар е можна реформа во УБК без да се истражи како е пополнувана „спец касата“ и како е трошена? Зар е можна реформа во УБК без да се судат врвните луѓе на УБК кои го организирале незаконското полнење на касата? Зар е можна реформа на УБК без да се обелодени соработничката мрежа која исклучиво била задолжена за кодошење на идеолошките противници, без да се обелоденат кодошите кои најмногу се офајдиле од тој кодошлак? Да видиме колку доктори на науки имаме благодарејќи на кодошлукот, колку „врвни“ режисери, пејачи, сликари, медиумски работници, и бизнисмени станале тоа што се благодарение на нивните кодошења, агитирања на партиската линија, провалување на огранизации, и учества во завери! Но, да видиме и колку „глуви кучиња“ и „министри по народно гајле“ финансира МВР.

Зар е можна реформа на УБК која има преку 350 илјади соработника, чија основна задача е кодошење на идеолошки и политички противници на комунистичкиот систем? Зар е можна трансформација на службата чија единствена задача беше и е зачувување на комунистичкиот систем?! За успешно да се чува комунистичкиот систем морале сите, од кафекуварките па преку инспекторите, началниците, директорите и соработниците да поминат низ сериозни обуки.

Одлуките да соработуваат со Службата на сите овие луѓе се рационални. Спротивставувањето на Службата значи финансиска пропаст, шиканирање, и репресии. Тоа е стапот. Морковот е спец касата. Преку неа се осигурува реалтивното задоволство и социјалниот мир, односно животот на Режимот. Тука особено е значајно да се напомене дека Службата со цел да анулира опасен „незадоволник,“ истиот го става под своја капа—прво го осиромашува, а потоа го „вработува.“ Оттука, за да може да биде ефективна спец касата, Службата мора тесно да ја контролира економијата, и марливо да се грижи било која фирма, семејство, град или регион да не постанат доволно економски силни и независни за да можат да ги занемарат и отфрлат нејзините заведувачки приоди. И конечно, затоа Македонија продолжува да ужива еден од најниските животни стандарди во Европа и затоа нема догледен излез од евроатлатскиот ќорсокак, ниту пак надеж за крај на криминалните дејствија коишто Македонија ја прават евтина верзија на Чикаго од дваесетите години на минатиот век.