Macedonian Albanian Croatian Dutch English French German Italian Portuguese Russian Spanish

АКО БЕШЕ ЖИВ ДРАГАН БОГДАНОВСКИ КЕ ВИКНЕШЕ „А’МН БАТА СТОЛЕ НЕ МЕ БРАНИ!

Реакција на колумна на Стојан Андов: Богдановски работеше против ВМРО како соработник на УДБА


До „Фокус“ пристигна реакција од Јордан Петровски од Канада на текстот на Стојан Андов „Зошто Драган Богдановски беше против кратенката ВМРО во името новата партија?“ објавен во нашиот неделник бр. 1151, од 28 октомври 2017. Г. Петровски беше споменат во текстот, но бидејќи неговата реакција по својата големина значително го надминува оригиналниот текст на Андов, и поради ограничениот простор во неделникот, за да не го кратиме текстот и да овозможиме дебата и полемика, одлучивме да ја објавиме на веб-страницата на „Фокус“


11/11/2017
[Image: mkd-65166-696x522.jpg]


Неодамна на страниците на „Фокус“ Стојан Андов даде една негова верзија на македонската историја, која мора да ја побиеме доколку сакаме да излеземе од котелот на комунистичката заблуда. На почетокот на мојата реакција на текстот на г. Андов ќе укажам дека јас никогаш и никаде не сум напишал ниту пак рекол дека сум основач на ВМРО-ДПМНЕ или пак дека сум учествувал во основањето на ВМРО-ДПМНЕ, ниту пак сум бил нејзин член! Јас првите контакти со врвот на партијата сум ги направил на крајот на октомври 1990, после основачкото собрание на партијата во Куманово! Мојата цел во влегувањето во овие преписки е проста: да се открие вистината, зашто само на здрав темел се гради куќа што трае. Зошто се сокрива вистинската историја можеби најдобро ќе биде објаснето од овие два цитата од текстовите на Групацијата на дисиденти и ветерани:„Засега за луѓето од ВМРО-СДРМА (ПРАВДА) не можат да се најдат повеќе податоци. Тоа е од причина што ако ги изучуваме нив ќе видиме дека Македонците се нескршливи, дека за идеалот поднесувале затворања, прогонувања, преживеале голготи и тоа ќе ни биде пример за тоа какви треба и ние да бидеме.
Со години на нас ни се нудат ‘херои’ кои Службата ги скршила и ги направила свои соработници. Што мислиш зар Службата не
може да го сокрие податокот дека Драган Богдановски бил нивни соработник или за било кој друг нивни соработник? Може, но на неа и е целта, да го убие во старт градењето патриотизам во карактерот на Македонецот.“
Дека сме знаеле како ќе се однесуват комунистите од СДСМ и од ДПМНЕ, говори овој цитат од текстот објавен 2010 година „Удбашкото ДПМНЕ ја прокоцка шансата што му ја даде ВМРО Правда!!!“ и тоа на страниците на „ФОКУС:“
„Од друга страна, една група на луѓе поддржана, а по сѐ и финансирана од Груевски, се обидува основањето на ВМРО-ДПМНЕ да го врзе исклучиво за Драган Богдановски и ‘Берлинската група’. Целта е многу јасна. Утре, историчарите кога ќе ги обработуваат писмата, манифестите, декларациите, и досието на Драган Богдановски и кога нема да сретнат ни збор за ВМРО, ќе ја отфрлат тезата дека се работело за нешто сериозно и додавањето на четирите букви ‘ВМРО’ ќе биде третиранo како симболика или само пропаганден потег. Со тоа ќе се изврши најголема историска лага и ќе се документира дека немало континуитет на ВМРО и оти единствена вистина, која ете, ја докажуваат, е дека комунизмот од српска провиниенција ни даде држава: што е и основна цел на антимакедонската политика од 1943/1990 год. и до денес.“
Би сакал да му се заблагодарам на г. Андов што ме спомена во неговиот текст па така ми овозможи да реагирам на ова негово писание а ако дозволи уредништвото на „ФОКУС“ тектов да излезе на нивните страници и така го натера господинот Андов да реагира на напишаното во овој текст ќе биде драгоцен придонес кон расветлувањето на комунистичките историски лаги!
Инаку, со Дане Поповски сме правеле обиди да реагираме на текстовите кои ги пишува господинот Андов во „ФОКУС“ а се врзани за ВМРО, но безуспешно од причина што „ФОКУС“ не сакаше да објавува ништо, бидејки не сме биле споменати. Тоа што Дане Поповски бил еден од основачите на ВМРО-СДРМА (ПРАВДА) не беше доволна причина за „ФОКУС“ да отстапи простор и да им овозможи на своите читатели за првпат да ја слушнат вистината за делувањето на ВМРО после 1945 година, да ја слушнат вистината од луѓето кои за првпат од Организацијата прават обид да ја направт политичка партија, со дозвола на нејзиниот легитимен лидер, Ванчо Михајлов!
Кога човек го чита г. Андов добива впечаток дека тој бил современик на Делчев, Сандански, Александров, соборец на Михајлов, соосоновач на ВМРО-СДРМА со Смичко, Гиге, Дане, Чакра, и Мрме.
Оваа хајка за уништување на Организацијата трае одамна. Таа почнала со Софиското јануарско советување во 1904 год., кога Сандански ја извршува првата поделба во неа, продолжила 1923/4 год., кога НКВД и БКП се обиделе ВМРО да ја стават под своја 100 отсто контрола, но безуспешно, па затоа се прави обид со формирањето на ВМРО Обедината во 1925 (репризирани марифетлуци после 1991 од учениците на НКВД и неговиот клон во Југославија, УДБа, со формирањето на десетици партии со предзнакот ВМРО) да се воспостави таа контрола!
Кон крајот на 1989 две групи на стари борци за обединета, самостојна, суверена и демократска Македонија, независно една од друга, следејќи ги случувањата во светот после падот на Берлинскиот ѕид и веќе неминовниот распад на Југославија сакаат да го остварат нивниот многугодишен сон, заради кој дел од младоста го провеле во Идризово, Зеница и другите КП домови на Југославија, а зрелите години под постојан прогон од УДБа во Македонија и низ Европа, Северна и Јужна Америка.
Групата во Македонија освен идеја не прави ништо поконкретно. Свесни се дека за УДБа ќе се прелесен залак.
Групата што е во емиграција е исклучиво составена од членови на ВМРО-Правда. Овој состав е решен да оди до крај во својата заложба. За да го елиминираат најсилното оружје на УДБа, етикетата која ја им е закачена од раните денови на Титова Југославија— а за која се свесни дека УДБа повторно ќе ја употреби за да ги неутрализира — Ванчомихајловизмот — Костадин Смичковски оди на разговор кај Ванчо Михајлов. Меѓу другото, разговорот има за цел да се постигне согласност со Михајлов тој да не ја оспорува употребата на името ВМРО. Михајлов беспоговорно ги прифаќа барањата на Смичковски. За прифаќање и поддршка на идејата, пресудно кај Михајлов е што и тој е свесен зошто УДБа, за разлика од неговите еднакви, од движењата на Хрватите, Словенците, и Србите, го остава жив: за да биде „Баба Рога“ со која УДБа не само што ќе го плаши граѓанството во Македонија, туку и да биде најмоќната етикета односно кал со која ќе ги валка сите лица кои се неподобни по антимакедонскиот комунистички систем. „Деца, вие бевте и останавте Македонци,“ ќе заклучи Михајлов. „Правете, но знајте дека УДБа ќе ве попречи. Јас сум веќе престар да го менувам она што сум го тврдел за себе сиве овие години.“
Накратко ќе се навратиме подалеку во минатото за да оставиме уште едно многу важно сведочење. Имено, кон крајот на шеесеттите и почетокот на седумдесеттите години на дваесеттиот век, откако водачите на ВМРО-Правда еден по еден излегуваат од затвор и постигнуваат каква-таква консолидација на своите животи низ светот и во Македонија, заклучуваат дека ВМРО-Правда треба да згасне. Тие сметаат дека движечката сила кон македонското осамостојување повторно треба да стане ВМРО—Организацијата, која е единственото тело кое континуирано се залага за третман на Македонецот како еднаков на секој друг човек на светов. Предводниците на ПРАВДА се свесни дека доколку на чело на Организацијата остане Ванчо Михајлов, тогаш таа нема да биде успешна во својата заложба. Затоа, тие заклучуваат дека е неминовно да се постави нов водач на организацијата. Нивни избор е д-р Костадин Смичковски, човек кој долги години е во самиот врв на ВМРО, поради што Ванчо Михајлов одлично го познава. Братот на Костадин, Бранко е човекот кој се грижи за безбедноста на Михајлов.
Но, како што му е познато на секој читател, транзицијата од Михајлов до Смичковски нема да се случи иако Михајлов бил согласен со тоа да дојде до негова смена. Промената нема да дојде благодарение на дворските игри на луѓето околу Ванчо Михајлов. Тука мора да се издвои Вида Боева (сестрата на проф. Георги Боев и лична секретарка на Михајлов), чија основна грижа и задача е Ванчо да остане на чело на Организацијата, при што етикетата за пробугарскиот карактер на ВМРО би останала негибнатa. Од колкава важност за УДБа е да не дојде до промена во врвот на Организацијата зборува и фактот што луѓето на УДБа во овој период прават обид да го ликвидираат Костадин Смичковски. Смичко ќе мине цели две години во Германија сокривајќи се од џелатите на УДБа. Откако се стекнува со впечаток дека заканата по неговиот живот е мината, Смичковски се враќа во Лугано. Кратко по неговото враќање во Лугано го напаѓа чудна болест за која ниту тој, иако бил лекар, до крајот на животот не ја утврдил дијагнозата. Интересно е што истата болест го зафаќа и зетот на Анте Павелиќ со кој Костадин е многу близок пријател. Смичковски е убеден дека болеста е резултат на обид за негово труење од страна на УДБа. По долгодошно боледување од оваа мистериозна болест, д-р Костадин Смичковски конечно ја губи борбата во зимата 2012 год., но не пред да остави вредни сведочења за неговото учество во делувањето на групата од ВМРО-Правда.
Да се вратиме на случувањата од 1989/90 год. Многу бргу по средбата на Смичковски со Михајлов се случуваат два битни настани, кои по наше видување се клучните во попречувањето на македонското осамостојување, а со тоа и демократизација. Покрај другото, настаните прејасно укажуват дека Ванчо Михајлов бил под контрола, односно, опсервација на УДБа, бидејќи по средбата Михајлов – Смичковски, се појавува Драган Богдановски со идеја за формирање на Демократска партија на Македонија која ќе ја застапува Илинденската идеологија!
Драган Богдановски на почетокот на 1990 најавува формирање на Демократска партија на Македонија по иницијатива на еден академик и двајца универзитетски професори од Скопје кои тајно се среќават со него во Шведска за да му ја изложат идејата.
До ден денес не дознавме кои се двајцата професори и академикот кои биле кај Богдановски. Се надевам г. Андов, кој сугерира запознатост со историјата околу Богдановски, ќе даде одговор на ова битно прашање, односно дека ќе приложи документ од кој ќе ги осознаеме имињата и точниот датум на средбата во прашање. Јас тврдам дека се работи за лага која Богдановски се обидува да му ја „продаде“ на тогаш актуелниот претседател на ДООМ, д-р Богољуб Андоновски! Според сознанијата кои ги има групацијата, таква иницијатива и средба не постои! Од писмото кое Богдановски го упатил до д-р Андоновски се гледаат манипулациите на Богдановски. Имено, тој пишува на 3 февруари 1990, дека во Македонија веке е ФОРМИРАН Иницијативен одбор за создавање на партијата чие Основачко собрание ќе го одржи на 4 февруари 1990. Се надевам дека г. Андов и за ова ќе даде некој доказ!


[Image: 5.png]

Тоа не би било ништо чудно и спорно доколку во Координативниот одбор на партијата не ги вклучува Дане Попоски и Данчо Бојковски, без да ги извести и да добие согласност од нив. Попоски и Бојковски се луѓе од врвот на ВМРО-Правда, десничари чија идеја била Македонија под протекторат на Америка. Првичното име на ВМРО Правда е ВМРО СДРМА (Слободна Демократска Република Македонија под протекторат на Америка). За овој потег Богдановски за првпат ги известува двајцата во февруари 1990. Во тој разговор Поповски на Богдановски му го пренесува ставот на ВМРО дека тие го условуваат своето учество во формирањето на партијата со тоа, пред ДПМНЕ да стои ВМРО. Богдановски го одбива предлогот. Кај Драган Богдановски постои одбојност кон ВМРО. Тоа може да се заклучи и од неговите пишани работи. Тој скоро никаде не го споменува ВМРО, ниту пак се повикува на ВМРО како историска организација со заложба за изедначување на Македонците со останатите светски народи. За тоа сведочи и Дане Попоски.
Драган Богдановски иднината на Македонија и по распадот на Југославија ја гледа и понатаму со комунистичка идеологија како дел од „Обединета Советска Македонија“ или „Балканска Федерација.“

[Image: 2-2.png] 

Ова не треба да зачудува или пак да предизвика посебно изненадување. Проучувајќи ги подлабоко гледањата на Богдановски, тој по сѐ бил левичар и русофил, поточно сталинист, како што исправно забележал и Андов.
По разијдувањето меѓу Богдановски и вмровците, на 15 март 1990, тој во „Млад Борец“ го објавува Манифестот на ДПМНЕ без да направи корекција во Координативниот совет, односно, без да ги повлече Дане Попоски и Данче Бојковски. Не ги повлекува бидејќи во меѓувреме игра на друга карта—преземање на МААК. По неуспехот за преземање на МААК, Богдановски ги обновува преговорите со ВМРО и на крајот на 26 април 1990 во Царев Двор, ресенско, оди во куќата на Дане Поповски, кој доаѓа во Македонија за да се завршат преговорите и ако не се постигне договор, ВМРО-Правда да отпочне подготовки за самостоен настап.
Мојот текст ќе заличи на каша-попарата на Андов, односно нема да биде комплетен ако аргументирано не ги побијам манипулациите со кои сака Драган Богдановски да го претстави како голем и единствен вистински борец за македонската кауза.
Еве го оргиналниот, а воедно и прв документ, освен летките, кои зад себе ги оставале основачите на ВМРО-Правда. Тоа е програмата и името на партијата која носителите на континуитетот на ВМРО се подготвувале да ја регистираат. Програмата и името се правени пред да се направи разговорот со Ванчо Михајлов, а за да се задржи асоцијацијата на ВМРО, односно да се даде јасно до знаење дека ВМРО е вистинското име на партијата на ДПМ, се додава ПРАВДА!

[Image: 1-3.png]

Забележувате дека името ѝ е ДПМ ДЕМОКРАТСКА ПАРТИЈА НА МАКЕДОНИЈА, името кое — каква „случајност“ — Богдановски го дал на неговата партија!
Инаку, Драган Богдановски во 1950 бил осуден за кражба, а не поради судир со југословенските власти заради определбата за создавање на македонска независна држава како што вели г. Андов!


[Image: 4.png]

Очекувам г. Андов да ја понуди пресудата со која Богдановски во 1950 во Белград е осуден како македонски националист!
Постои документ дека Богдановски воопшто не бил во Аргентина! Целта на патувањето на Богдановски во Бразил, според описот на г. Андов, има многу нелогичности! Богдановски за Бразил можел да замине најрано на почетокот на 1951. Зарем не е чудно, младо момче, веднаш по излегувањето од затвор, кое не знае друг јазик освен македонскиот и српскохрватскиот да тргне на патешествие во Бразил?
За ова интересно е сведочењето на Јоне Шикалевски, човекот кој во логорот во Грција влегол со првата група бегалци а излегол последен и кој веќе после првата година од престојот во логорот одлично го владеел англискиот јазик, станал преведувач на логорската управа, составена од американската војска. Кога воената управа веќе почнала да им дава „визи“ за заминување на логорниците тие сами избирале во која држава ќе заминат. Според сведочењето на Шикалевски излегува дека тврдењето на г. Андов оти Богдановски не можел да замине за Европа, не држи.  Богдановски во логорот доаѓа некаде во 1951 а во тој период веќе немало никакви ограничувања за избор на државата каде ќе сакал да замине секој логораш! Скоро сите логорници, откако пристигале на своите избрани дестинации му пишувале писма на Јоне, со деталите каде се, така што Шикалевски контактирал со сите кои му се јавувале.
Тука се јавуваат прашањата кои ќе си ги постави секој разумен човек: кој му ги обезбедил врските на Богдановски во Бразил и со кого; и кој му го финансирал патувањето и џепарлакот додека не се снајде во Бразил? Во Бразил имало само една група на ВМРО и тоа групата од Богданци. Значи, многу пологично е Богдановски да оди во САД, или во Европа, каде има вмровци и од Куманово и кумановско со кои би имал можност полесно да стапи во контакт.
По враќањето од Бразил, Богдановски останал во Европа. Со што се занимавал во периодот по враќањето од Бразил, па сѐ до 1961, не би коментирал бидејќи нема цврсти докази за тој период. Во 1961, во Париз Богдановски бара начин да влезе во организацијата „Лозари“. Зачестено оди во центарот за емиграција со цел да се сретне со лозарите — по сѐ првото македонско организирано движење во Европа после војната — кои дел од своето слободно време го поминувале во центарот за да им помогнат на новодојдените Македонци. До средбата доаѓа кога Богдановски започнува расправија со некои Бугари во која ја нагласува посебно својата македонска определба. Таа расправија прераснала во тепачка помеѓу Богдановски и Бугарите. Тогаш во тепачката се замешале Данче Бојковски, Петре Јовановски, водачите на Лозарите и уште некои Македонци со цел да го одбранат Богдановски. Од тој момент Богдановски заради својата јасно искажана македонска определба станал нераздвоен придружник на Данче и Петре. Чудно е што Драган дотогаш доаѓал во центарот ама никогаш не се закачал со Бугарите, кога за првпат таму биле Данче и Петре, Богдановски ја покажал својата омраза кон Бугарите!?
Документите за Драгановото кодошење на Данчета како човек кој работел за ЦИА, ги поседувам.
Драган не учествувал во формирањето на ОКМ — организација која подоцна ќе се преименува во ДООМ, па потоа во НФМ. Тој ќе се заинтересира за ОКМ откако таа ќе почне да добива на масовност кај Македонците во емиграција.

[Image: 3-1.png]

Од тој момент во ОКМ, односно во ДООМ, почнуват внатрешните кавги и расправии, а со тоа организацијата наместо да се занимава со она за што е формирана, таа е опструирана со внатрешни кавги. Еве дел од писмо на д-р Андоновски од кое јасно се гледа формата на опструирање на работењето на ДООМ. Метод на опструкција, обиди за формирање на паралелни организации, и партии кои ќе бидат применувани и после формирањето на ВМРО-ДПМНЕ.


[Image: 1-2.png]

Еве дел од Службена белешка бр.1014 од 27.07.1988 г. од кој јасно се гледа соработничката улога на  Драган:

[Image: 3.png]
[Image: 2-1.png]
[Image: 1-1.png]
[Image: 2.png]

(Легенда: „Брест“ – д-р Андоновски; „Рашомон“ – Драган Богдановски)
Што била целта на СДБ се гледа од овој дел од едно писмо на д-р Андоновски упатено до Драган:

[Image: 1.png]

Заради ограничениот простор ќе се задржам само на уште еден бисер од герданот на манипулации на г. Андов, а кој е обид да се објасни од каде Богдановски добивал пари за својот живот, прашање кое сум го поставил на скоро сите подржувачи на тезата дека Драган не бил соработник на УДБа/СДБ.

Господинот Андов вели: „Поради потфатите за јакнење на македонската национална свест на македонската емиграција во западните земји, Богдановски бил дури директно помаган и заштитуван од страна на македонските тајни служби, а тоа било толерирано од југословенските тајни служби. … [Д]а отпатува во некоја од европските земји каде што се надевал дека ќе развие политичка активност за отцепување на Македонија од Југославија.“
За период во кој југословенските тајни служби убиваат, апсат, судат и репресираат илјадници Македонци, и Хрвати кои се залагаат отцепување на Македонија и Хрватска од Југославија, г. Андов ни вели дека истите тие служби го заштитувале и финанскиски го помагале Богдановски и тоа со знаење на југословенската служба кон неговата наводна цел Македонија да ја отцепи од Југославија. Господине Андов немојте до толку да ја потценувате интелигенцијата на Македонците! Тајната полиција го финсирала Драган за да работи против организациите и луѓето кои работеле на идејата за обединување и осамостојување на Македонија.

Крсте Црвенковски во своите „Дневни записи“ меѓу другото запишал:
„Мене ми е познато дека Богдановски повеќе години, политички и пропагандно, дејствуваше против СРМ и СФРЈ. Тој го издаваше и беше главен автор на списанието на МОД ‘Македонска Нација’. Тој е еден од водачите на екстремното националистичко движење во странство. Но, таа организација , колку што јас можев да насетам, е повеќе чедо на ‘нашата УДБ-а’.“ („Пулс“, Скопје 28.05.1992)

На ова само ќе го додадам сведочењето на Јоне Шикалевски во кое тој, причината за киднапирањето и осудувањето на Драган ја објаснува со тоа што одредена сума на пари која тајната полиција му ја дала на Драган за да изврши плаќање на соработниците и за други активности, тој ги потрошил за себе. Ако бил навистина непријател на Југославија во време кога тајната југословенска полиција ги ликвидирала своите противници ширум светот, зар ќе ризикувала да го киднапира и да го пренесува Богдановски во Југославија? Кога ќе се погледне активноста на Богдановски во Идризово—дадов некои примери погоре—јасно е дека тој бил соработник на УДБа.
За бугарскиот „карактер“ на ВМРО кој г. Андов го докажува со приказни, ќе понудам неколку изјави на луѓе кои биле обвинувани, прогонувани и судени за бугарофилство:
Ние сме прогонувани, судени и затворани како „ванчомихајловисти-бугарофили“ или „бугараши“ во времето на апсолутна власт на србокомунистите. Заминати сме скоро сите од Македонија, некои уште на почетокот на педесеттите, некои на почетокот на седумдесеттите, некои на почетокот на осумдесеттите, некои на почетокот на новиот век. Секој од нас, ако навистина бил бугарофил како што ни стои во обвиненијата, со стапнување на тлото на Европа, Северна или Јужна Америка, ќе се изјаснел за Бугарин. Такви меѓу нас нема! Ние сите сме Македонци.
Се надевам, односно очекувам, г. Андов да ми посочи со име и презиме кои од луѓето од ВМРО – Правда кои избегале од Македонија кога стасале на безбедни дестинации се декларирале како Бугари. Дали ќе може г. Андов да приложи доказ за мене за моето декларирање како Бугарин откако сум дојден во Канада, оти јас сум прогонуван за соработка со БНСР?
Толкувањата за целта, и за националните чувства на водачите на ВМРО на г. Андов јасно потврдуваат дека неговите писанија се строго антимакедонски, кои за цел имаат да ја продолжат лагата која комунистите и САНУ ја сервираат од 1945 па до денес. Да се суди за нација и национални чувства, со денешни поимања за настани од пред еден век е само доказ за нечесната намера на тие што наметнуват таков суд. Секој кој се обидува да дојде до вистината — а таа е единствено во интерес на Македонците — ќе бара и ќе ги цени мислењата на луѓето кои биле современици на тие случувања и кои за тоа оставиле писмена трага.
Англичанецот Брајлсфорд кој неколку години престојува во Македонија како „незаинтересирана“ страна донел и најточен суд за бугарофилството:

„Една од последиците на брзиот економски развој на Бугарија беше, нејзината потреба од работници да охрабри бескраен бран македонски имигранти, кои поминуваа неколку месеци, или неколку години во Кнежеството и потоа се враќаа во своите села со заштеди. Овие луѓе станаа мисионери на бугарската идеја. Тие ја проширија славата на нејзината слобода, нејзиното богатство, и нејзиниот брз развој. Бројот кој оди во Србија е незначителен, и нивните вести за Србија не се многу позитивни иако за сета нејзина политичка нестабилност Србија сѐ уште претставува голема разлика од Турција. Кога уште ќе се додаде покрај сите свои примати, булгарофилските Македонци го започнаа својот прекрасно-организиран револуционерен комитет во 1893 год., српската кауза во Македонија го доживеаа својот смртоносен удар. Со тоа што го нагласуваше својот антагонизам спрема Бугарија, официјална Србија и официјално и отворено застана на страната на Турција, и ништо не можеше да биде пофатално за иднината на било која христијанска раса во Турција. Македонското селанство ќе ја поддржеше било која пропаганда која му ветуваше било каква надеж за брза слобода од отоманското ропство. И конечно, има голема разлика и во пропагандите на балканските држави. Додека Бугарија работеше за автономија на Македонија, Србија и Грција работеа на припојувањето на Македонија со нив. Резултатот е во тоа што нивните активности работат кон профит на нивната земја, додека Бугарите несомнено создаваат дух на локален Македонски патриотизам. Српското движење е чиста официјална агитација, водена и финансирана од Белград; додека и покрај симпатиите на Софија, бугарскиот Револуционерен комитет е вистинска македонска организација.“

Сведочење на Брајлсфорд за востаничкото движење:
„Востаничкото движење навистина е автохтоно македонско движење, подготвено од Македонци, предводено од Македонци, и помогнато од страсното сочувство на општото словенско население. Безмалку не постои село кое не е приклучено кон Организацијата (ВМРО). Во поголемите градови, како Монастир, има неколку поединечни Бугари кои не се активни и волни членови. Пред десет и дваесет години, кога децата во македонските училишта беа учени да ја пеат султановата химна, за пречеци на официјални посетители, тие тајно беа учени да пеат чувствителна песна, ‘слава му нему, кој и да биде, кој ќе ни е ослободител.’“

Агентот на ЦИА, Ангел Кујунџиски од Париз, на 9 мај 1949 год. поднел извештај:
„Ванче Михајлов е тежок анти-комунист и е строго анти-советски настроен. Тој отсекогаш се залагал за независна Македонија, т.е. Македонија која нема да е под јаремот ниту на Бугарија, ниту на Грција, ниту на Југославија, а особено не под јаремот на Русија. Ванче Михајлов е вистински Македонец, и јас само како таков го познавам.
Го прашав Михајлов зошто тој и неговата организација соработувале со монархистичката Влада за време на војната, кога Цар Борис вети дека Македонија ќе ја направи независна држава. Михајлов категорично негираше било каква соработка со Цар Борис од негова страна; понатаму ми рече дека кога Цар Борис и Германците предложиле тој да биде поставен на чело на независна и слободна македонска држава обединета со Бугарија, Михајлов, не само што го одбил предлогот, тој го советувал царот и неговата влада и тие да ја одбијат оваа понуда, бидејќи како и да ѐ, оваа држава би била само привремена, и би била растурена со завршувањето на војната. Михајлов ми кажа дека тој не може да го замисли формирањето на било каква независна македонска држава без претходна согласност од страна на САД. Михајлов многу директно ми рече дека ова тој не го зборува оти јас сум американски државјанин, туку ми објасни дека тој нема доверба кон Англија, и затоа што тој е убеден дека не може да се формира независна македонска држава без претходна согласност на САД. Според Михајлов, Англија има направено многу грешки во овој дел на светот, и дека таа се уште продолжува да прави грешки тука. Според Михајлов, Англија има голема недоверба кон словенските народи. Михајлов вели дека оваа недоверба е неоснована, бидејќи, иако Македонците ја имаат истата вера како Русите, тие никогаш нема да ги имаат истите принципи, и дека Македонците никогаш нема да станат Руси, исто како и што не можат да станат Бугари или Срби. Македонците ќе си останат Македонци, секогаш, дали во рамките на независна Македонија или пак под патронат на ООН или под контрола на грчката држава.“

Извадок од книгата „Херои и убијци“ од Стојан Христов, за првпат објавена во САД во 1937 година:


[Image: Untitled.png]

Конечно, во прилог на неговото извинување во „Нова Македонија“ до господата Андов, Глигоров, и Тупурковски, необјавено останало извинувањето на Драган Богдановски — дел од неговото претсмртно проштално покајание—до раководството и членството на ВМРО ДПМНЕ:

„Со ова писмо го повлекувам како невистинито сето она што го имам напишано против нашата партија особено против нејзиниот смел водач Љубчо Георгиевски. … Сакам да подвлечам дека опасноста за интересите на Македонија не се состои во наводната и непостојна бугароманија на Љубчо Георгиевски туку во србоманијата на Киро Глигоров – диктатор, наследник на српскиот диктатор Лазар Колишевски. Нека ова поздравно писмо биде сфатено како моја искрена исповед и како грижа на мојата совест. Идејно и со своето полувековно политичко минато припаѓам на ВМРО-ДПМНЕ. Како вмровец сакам да умрам и да бидам испратен во гробот од мои вмровци.“

 Јордан Петровски, главен уредник на порталот kotle.ca, Заседавач на Комитетот за демократизација на Р. Македонија, и политички азилант во Канада