Macedonian Albanian Croatian Dutch English French German Italian Portuguese Russian Spanish

НА УСНИТЕ ДАНСКА, ВО СРЦАТА СЕВЕРНА КОРЕЈА 2

Душан Петровски 26.08.2017

Животот на буржуазијата („ловците“) потраја докај 1993-4 година, ама тоа беше производ на умешноста на буржуазијата да се снаоѓа и да печали, а не по желба на Службата. Но, буржуазите беа малку на број, а пролетерите—т.е. соработниците, оперативните, пријателските, и деловните врски и службените работници—бајаги повеќе. Изборниот фалсификат во 1994 година ѝ ја искина главата на буржузијата: на некои им ги скршија главите, на некои срцата, а на некои, кичмите. Заедничко е што кон сите се пристапи со обвинението дека биле бугараши. Не јавно, туку скришно. Толку скришно, што ни самите не знаеле дека биле бугараши—а бугараштвото било всушност желба за припојување кон Москва! Ги издавало тоа што биле за слободна независна буржуаска, па ако може—ама без војна—и обединета Македонија.

Првата седница на плуралистичкото Собрание на (Социјалистичка) Република Македонија беше обесчестено од човекот кој подоцна, поради тоа што ќе стане едниствениот политичар кој доживеал да ѝ биде и премиер и претседател, ќе се круниса како „Државник“. Колку да не заборавиме, неговото претходно занимање беше незапослен инжелер. Оти бил пред времето. Бил инжелер по кљомпутери, на време кога во Македонија сите компјутери можеа да се избројат на шака. Освен оние на Службата. Таа секогаш била пред времето. Југославија можеби имала, а можеби и немала Свемирска Програма со цел да туриме Тробојка на Месечината, ама дефинитивно била на браникот на напредокот во телекомуникациската технологија. Од државно издадени документи знаеме дека Службата се служела со средства за тајно снимање на телефонски разговори и за далечинско прислушкување уште од четириесетитите и педесетите години на минатиот век!! Колку за референца, проверете колку ВеЦе шољи имало тогаш во Македонија. Патем, спроведувањето на полициската држава, односно неуморното делување на Службата, било неопходно поради тоа што имало „незадоволници,“ односно Ванчомихајловисти—„бугараши“ кои биле за слободна независна обединета и буржуаска Македонија, ама истовремено и проруска.

Државникот—невработен инжелер, Второто доаѓање на Калигула, според легендата на Службата, ги повампири Комунистите и ги прекрсти во Социјал-демократи, и на тој начин ги покажа за она што навистина се: зависници на дрогата наречена меѓународни заеми и неповратни грантови на ЕУ и САД. Во славните зборови на Берни Сандерс: „Не је социјализам, другови! Демократски социјализам је. Јебига, има разлика.“ А за да биде демократски социјалзмот, а не научен или технократски, треба да има барем две „партии“ кои ќе се менуваат на вртелешката наречена власт. Туку залетавме многу далеку, ВМРО-ДПМНЕ не беше спремна за учествување во државната власт во раните денови на незавнисноста, која тие ја донесоа како идеја—но која сѐ повеќе изгледа дека била инсинуирана од Службата—бидејќи беше полна од непацифизирани незадоволници.

Првото Собрание, и временскиот период со кое се поклопува, беше сцената на многу други обесчестувања на македонската совест и душа. Тука беа пред сѐ пљачките поврзани со поделбата на власта помеѓу ВМРО-ДПМНЕ, СКМ-ПДП и Реформистите на Андов. И во 1990-91 и во 1992 година. Да не одиме на долго и широко, само ќе се присетиме дека ВМРО-ДПМНЕ победи на изборите во 1990 година, а како партија, не учествуваше во власта ниту еден ден. Да не заборавиме, Комунистите си беа Великосрби и во времето на Гошев! ВМРО беше пуштено да оди на избори, не за да владее доколку тоа биде резлутат на гласањето, туку Службата да си ја олесни работата: да им дозволи на незадоволниците—пардон, „русо-бугарашите“ сами да си излезат на јаве без таа да ги бара под дрво и под камен. Башка, како што рековме, најчесто кога си бугараш, ни самиот не си свесен за тоа!

Првото Собрание, во кое ВМРО имаше најмногу пратеници, но немаше мнозинство, одбиваше да постапи по Илинденскиот устав на НРМ (1944 година) и да ја отцепи Македонија од Југославија сѐ докај почетоткот на 1992 година. Истовремено му подметна на народот и Референдум којшто немаше врска со раскинување на постојниот сојуз со Југославија—но којшто ќе биде употребен како куршумот со којшто ќе се истреби македонската држава засекогаш. Првото Собрание беше и сцената на она што историски треба да се обележи како Првата Велика Антиквизација—момент чиишто реперкусии се чувствуваат до денешен ден—со воспоставувањето на вештачката врска помеѓу Славо-христијанска Македонија и Хеленската култура, и презенитрањето на Sвездата од Вергина и „статерот“—валутата на Македонското кралство од антиката—како државни симболи. Кога Грците нѐ фатија како им ја крадеме историјата, нѐ повикаа јавно и кога нѐ натераа да го смениме бајракот, наместо да црпнеме во својата историја и гордо да ги почестиме неколкуте генерации што ги дале своите животи за ние да бидеме слободни—Комитите— државата реши сепак Sвездата од Вергина да остане главен мотиф и на далеку погрдата FYROMска застава. 

Но, срамниот грабеж на туѓото беше направен со многу посуптилна цел од наводната. Со поврзувањето на денешна Македонија со големиот освојувач Алксандар Велики беше инсинуирано дека тоа е обид за влевање на самодоверба во душите на инкомплексираните македонски граѓани. Напротив, прогласувањето на државните симболи беше следниот момент на обесчестувањето на честа на македонскиот народ. Тогаш „големите ВМРОвци“ околу Кљусев ја воспоставија врската помеѓу Република Македонија и тиранското кластво на Александар Велики, со цел да се обегне поврзувањето на новата Република—какво, такво олицетворение на идеалот на ВМРО, остварен благодарение на партија која ги носи светите букви и нејзиниот идеал во своето име—со нејзината вистинска историја поврзана со заложбата на бугарашката Внатрешната македонска револуционерна организација за демократска македонска држава на како република на рамноправни граѓани. Оваа романтична борба која не успева да ги придобие симпатиите на македонските официјални историчари и креатори на јавното мнение, усепала да ги понесе срцата на европејските поети, новелисти, журналисти, и дипломати во втората половина на деветнаесетиот и првата половина на дваесеттиот век—покрај другото поради публицитетот што Македонското прашање го добило на Западот како резултат на Илинденското востание. Паролата „Македонија на Македонците“ прв пат била искажана не од Гоце Делчев или Никола Карев, туку од британскиот државник Вилијам Гладстон.

Одлуката Републиката да се поврзе со античкото македонско Кралство од пред дваесет и кусур века а не со борбата за независна македонска република од истиот век, ѝ дозволи на Грција да ја има „горната рака“ во меѓународните односи со Македонија, целосно заборавајќи го геноцидот врз македонските Бугари за време на Балканските војни. FYROMската држава, останувајќи верна на великосрпските интереси, и повикувајќи се на дубиозните врски со Александар Велики се откажува од бугарашкото минато на својот народ. Не треба да е чудно, тогаш, што овогодишниот Илинден, проследен со потпишувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија, можат да се обележат како нов зенит во другарувањето на македонската држава со мизеријата. „Добрососедството“ со Бугарија не го рехабилитира антикомунистот и борец против српскиот хегемонизам Михајлов и сите оние чиишто животи биле и сѐуште се уништуваат по обвинението за Ванчномихајловизам.

Летово е ноторна пресвртница и во мојот живот. Летово моите години живот во Македонија, и годините надвор од неа се изедначуваат. Јас ја плаќам казната на наследениот грев од мојот татко, којшто е екскомунициран од мајчиното му племе заради неговите херетички држења—пракса којашто редовно се ползува во секоја култна секта. Мене нема да ме чуете да ве учам „Маќедонија ми да ја чувате.“ Големи сте, си знаете што правите. Јас само сакам да ви дадам насока за тоа каде да го барате ‘ркулецот на проблемот на македонската држава: фактот дека таа е предодредена да пропадне. Не е случајно што работите во Македонија денес очигледно не се подобрени ниту за иота споредено со државата која ја напуштив пред седумнаесет лета. Дури се чини дека работите се на полошо, токму онака како што ги сака мизеријата, но и нејзиниот омилен ортак, Великосрпската амбиција. Како лична утеха си го земам фактот што јас и моето семејство не учествуваме во механизмот што ја спроведува мизеријата („животот“) во Македонија. Но, тоа е всушност и причината за нашата екскомуникација од племето. Гревот на моето семејство е македонското прашање во точка: ние одбивме и продолжуваме да одбиваме да учествуваме кон остварувањето на целта на владеачката гарнитура Македонија да ја прави Северна Кореа на Балканите и населението да го држи на работ на гладот.

На Македонецот не му се потребни повеќе лажни врски со митолошки битија—ниту пак „успаванки“ за мед и млеко (Данска). Напротив, потребна му врска со реалноста: со својата борба за опстанок. На Македонецот му е потребна самодисциплина и откажување од дрогата наречена питачки стап (ММФ, Светска банка, Еврообврзница). Тоа е едниствениот начин на раскинувањето на врската со мизеријата и осуетувањето на преодредената судбина државата да пропадне.