Macedonian Albanian Croatian Dutch English French German Italian Portuguese Russian Spanish

НА УСНИТЕ ДАНСКА, ВО СРЦАТА СЕВЕРНА КОРЕЈА 1

 Душан Петровски 26.08.2017

Дискутирајќи го македонското национално прашање, најцрната личност во официјалната македонска историја, Ванчо Михајлов оставил едно загрижувачко пророштво, чијашто реализација станува сѐ поголема реалност:

 

Српската антибугарска пропаганда тврди дека македонското население е спрско; грчката пропаганда тврди дека е грчко; додека болшевичката во најново време настојува да афирмира една невистина, дека божем во Македонија немало Бугари, туку некаква друга нација — „македонска.“ Ваква нација историјата не познава; додека „Македонец“ во географска смисла се наречуваат и Гркот и Албанецот и Турчинот и Влавот. Истата појава е присутна, исто така, и во Босна, каде што Хрватот - католик, и муслиманот, како што и православниот Србин изјавуваат дека се „босанци.“ Со тоа секој од нив сака да каже дека е од Босна и ништо повеќе од тоа, бидејќи босанска нација не постои. Се разбира, дека такви случаи можат да се најдат и во други земји. Кога некој ќе каже дека е Баварец, Саксонец или Турсин, вие знаете дека тој е Германец. Во етнографската симисла на зборот и во Швајцарија не постои швајцарска нација, нема швајцарски јазик.
И под комунистичка ознака сосем јасно на виделина се појавува српско-грчката шовинистичка намера - ако може да се создаде некаква си македонска нација; поради својата ништожност таа ќе виси во почетокот во воздух, а потоа ќе биде проголтана од Белград и Атина. За да може полесно да се изврши оваа етнографска операција, на ниту една друга месна народност нема да ѝ се прилепи името „Македонец“ како национално; тие ќе си останат Турци, Грци, Албанци, Власи. Тито ја поддржува тезата за постоење на македонска нација за да им се допаѓа повеќе и повеќе на Србите, меѓу коишто ја има најголемата опора. Секое дејство против бугарските национални права претставува негов залог како пред националистите така и пред шовинистички расположените спрски комунисти. Болшевичкиот, пак, центар во Москва ја прифатил истата теза со цел да се придобијат колку што се можно повеќе Грци и Срби за сопствената политика на Балканот; а тоа се прави преку жтрвување на бугарската народност во Македонија, во чијашто корист, дури и во времето на болшевичкиот режим, руски професори од типот на Державин, Селичев и др. даваат во своите трудови обилни историски етнографски и други докази. Сите тие обиди многу ни напомнуваат за „мудроста“ со која версајските уредувачи на Балканот по Првата светска војна ги запишаа и своите имиња во историјата и ги предизвикаа добро познатите последици. И тие ја жртвуваа вистината пред шовинизмот и грабливоста на Белград и Атина. (Ванчо Михајлов, „Македонија—Швајцарија на Балканот“)

 

Ако е точна американската изрека дека мизеријата бара друштво, тогаш таа нашла поверен другар од песот во оваа жалостија којашто ние ја нарекуваме Република Македонија, а која светот сѐ повеќе ја нарекува FYROM. Шетајќи го светот сѐ повеќе се чувстувувам како последниот Мохиканец, затоа што обично сум првиот Македонец што моите соговорници го запознаваат. Повеќето Европејци не знаат што е Македонија и каде е таа, додека четири генерации порано, Македонското прашање било романтичната кауза на политичката и журналистичка елита на Европа. Некаде попат определбата за самостојна обединета Македонија станала „ултранационализам“ од кој Европејците—но и Американците—се плашат. Ова е секако од хуманистички побуди, особено држејќи го на ум балканското тежнеење кон етничка чистотија, олицетворено геноцидите спроведени за време на Балканските војни и распадот на Југославија. Во деведесетите години на дваесетиот век овој страв им бил наметнат на Западњаците преку нивните разузнавачки врски—поточно Сиљан Аврамовски, Зоран Верушевски и разурнувачката институција чиишто претставници се тие: Службата за државна безбедност.

Доколку се прашувате како, одговорот е прост: следејќи го судирот Тито-Стаљин (1948 година), Американците влетуваат како финансискиот бенефактор на Југославија—ефективно правејќи го „Западен Балкан“ (Велика Србија) Западњачки протекторат, односно клиент држава. На тој начин разузнавачките служби на Југославија станале потчинети (барем хиерархиски) на Американците. Поточно речено, Американците почнале сѐ повеќе да се ослонуваат на информациите што ги добивале од своите „партнери“ во Југославија, самите КОС и УДБа—а помалку на прибирање на прворачни информации од свои разузнавачки мрежи. Во ова сценарио Југославија—којашто Американците дотогаш се обидуваат да ја заслабнат преку охрабрувањето на македонскиот сепаратизам—одеднаш станува зона на интерес за Западњаците, и нивната цел се трансформира во тотален обид за зачувување на целовитоста на титовиот пашалук. На добро запознаените им е познато дека токму Западот, предводен од САД до последен момент се обидуваше да ја сочува СФР Југославија—а денес сме сведоци на нивните обиди за повампирување на Великосрпскиот проект. Во оваа нова реалност, довчерашните сојузници на Западот—приврзаниците на ВМРОвската идеја за слободна независна обединета буржуаска македонска држава—„Швајцарија на Балканите“, неутрална, не Неврзана—преку ноќ стануваат противници на западњачките визии: вчерашните борци за национална слобода стануваат денешни „ултранационалисти“ коишто со помош на некаква црна магија станале про-Руси?! Во 1948 година југословенските Комунисти се откажуваат од Марксизмот, но не и од неговиот темелен постулат на држење на народот на работ на гладот. Наивните Американци се надевале дека доколку им фрлат доволно пари на југословенските владетели, тие преку некаква црна магија ќе ја сменат оваа политика. За тоа колку биле и колку наивни остануваат Западњаците сме сведоци до ден денешен: меѓународниот долг на Југославија тогаш, а денес на FYROM, продолжува да расне од ден на ден: правејќи од Западнобалканците неспособни, неразумни, мрзеливи дебили—близнаци со Севернокорејците—луѓе кои се спремни да поверуваат во секаква лага, само за да останат морално-политички подобници. Наивни сме и ние застапниците на ВМРОвскиот идеал сметајќи дека совпаѓањето на нашите приципи со приципите на кои се засновани Западните демократии автоматски нѐ прави сојузници. Се чини дека Западњаците никогаш не го чуле наравоучението дека ако сакаш на гладниот да му помогнеш, не треба да го најадеш, туку треба да го научиш како да лови. Западњаците, доследни до марксистичката традиција, ја изопачуваат христијанската догма која проповеда љубов кон соседот. Убедени од податоците и сознанијата коишто ги добиваат од нивните Балкански клиенти, Западњаците се убедени дека едниствениот начин да се спречи избуфнување на Бурето барут, како и нејзиното потпаѓање под руска контрола, е во репресијата врз поборниците за лична и национална слобода. 

Затоа не треба да изненадува што секој значаен момент во историјата на Република Македонија (FYROM)—или прослава на годишнината на некој подвиг, без исклучок мора да биде антиклимакс од почеток до крај. Почесто одошто не, ваквите моменти се ползуваат и во функција на  менување на историјата на нашиот народ на цена на  иднината на македонската младина. Но без исклучок, секогаш се прескокнува лекцијата дека добиток во животот е во патешествието, а не во самата цел. Секоја генерација со своето соучество во фуцкионирањето на овој циклички систем заснован на лага и интрига ја продава иднината на своите деца. Тоа ни е наследството од Југославија, како што е и нашиот дел од наследениот долг на државата во која вардарскиот дел на она што историското ВМОРО го дефинирало како Македонија ги преживеа првите 46 години од нејзината формална независност. Во дваесет и шестте години што уследија, сето она што требаше да го оствари аманетот оставен од Др. Христо Татарчев—слободна независна обединета и буржуаска Македонија беше уништено или инаку унакажано. Независноста отсекогаш беше и останува, само на хартија, додека слободите и буржуазијата се ускратија мошне бргу откако наводно се установија. Наместо обединување со уште „два-трите дела за да биде цела,“ денес зборуваме за сценарија кои и дејуре ќе ја поделат веќе дефакто поделената FYROM.

Ако нешто може да се обележи како „живот“ и „слобода“ во Македонија од 1991 година навака, тоа мора да биде периодот 1990-1993! Но, колку и тоа беше реално, а не изрежирано, нема да го дискутирам сега. Само ќе потенцирам дека знаеме дека во 1992 година се отвара досието на Јордан Петровски, но и дека тогаш се случуваат и „аферите“—осносно интригите на СДБ—„Сина Птица“, „Дувло“ и „Паравојска“, а и Голубовски веќе се обиде да направи преврат во ВМРО-ДПМНЕ!! А и дека тогаш постоеја само МРТ и НИП „Нова Македонија“ и едниствениот медиум за слободно изразување беа графитите! Толку за таа слобода. 

 

Продолжува