Macedonian Albanian Croatian Dutch English French German Italian Portuguese Russian Spanish

СРЕЌНА НОВА 1941....БЛАГОНАДЕЖНА МАКЕДОНИЈО

Виктор Трифуновски 27.07.2017

Има ли подволична работа од тоа, СДСМ како јавно деклариран наследник на Сојуз на Комунисти на Југославија, денес да прифати историја (или барем да разговара за нејзино прифаќање) според која, доаѓањето на Третиот Рајх во Македонија, во Април 1941, бил наводно „ослободување“?

Неемааа, нееема ... ;)

Шегата на страна, ама кога еднаш ќе ги релативизирате злосторствата на еден тоталитарен систем, што не би ги релативизирале и оние на другите тоталитаризми? Од распадот на Југославија, па наваму, почитувачите на Југославија и на делото на Броз, постојано повторуваа една теза која оди приближно вака:„Што ми е гајле што правеле комунистите по војната, важно јас сум живеел убаво“.

Согласно ваквата етички и морално катастрофална логика, сите жртви на комунизмот, посебно оние невините, се прогласени за некаков вид „колатерална штета“ чие ритуално жртвување (демек, во името на народот) као донело мир и конечна благосостојба. Освен што е ова историска невистина (парите од Запад СФРЈ ги добивала од сосема други причини) прво ми паѓа на ум прашањето: Луѓето кои оправдуваат вакво газење врз лешеви, со кое бре лице ја криват Америка за судбината на индијанците и црнците? Ова прашање ми е моментално помалку важно, поважно е нешто друго...

Струмичките студенти стрелани во 1951 година, поради политичка идеа, ни од далеку ја немаат заслужената почит како невините жртви во Ваташа...исто стрелани поради политичка идеа. Со години, па и децении наназад, во ѓомити слободна и демократска Македонија, злосторствата на комунизмот беа прогласувани за „реваншизам“ „непотребно цепидлачење“ па дури и за симпатии кон фашизмот.

И сега ѓаволот дојде по своето, па ако можела инсталацијата на комунизмот 1944/45 да биде „ослободување“ зошто не би бил и фашизмот инсталиран во Април 1941? Ако можеле струмичките студенти (и сите други како нив) да бидат жртвена стока за добивање на државни станови, феријални одмори на „наше море“ и останата државна милостиња ...тогаш и судбината на младинците во Ваташа може да биде префарбана на ист начин, бидејки нели... не чека бааги милостиња од Брисел?

Кога еднаш ќе прфатиш тоталитаризам како начин на размислување и општествена пракса, кога еднаш ќе поверуваш во идеален и совршен систем, кој почива врз погрешна етика и морал...тогаш тешко да избегаш од таквиот тоталитарен лавиринт, кој на двата краја завршува со мизерија или смрт (во зависност од вашата лојалност). Поготово доколку упорно го отфрлуваш фактот, дека капитализмот е единствениот душман на двата овие системи, со образложение дека е несовршен...тогаш остануваш во вечна транзиција, која само повремено ги менува режимите.

Разумите луѓе, и во Македонија, и во Бугарија, нека се бројат и на прсти, би требало да реагираат приближно на ваков начин:

„Не постои никаков договор за добрососедство, туку уцена врз Македонија, од која обичниот бугарин не добива...амам баш ништо. Македонија не е ослободена ниту во 1941, ниту во 1944/45. Слободна Македонија е идеал кој не постоел никогаш, а кој може да го одработат само нејзините граѓани, со инсталирање на класичен, див, нерегулиран, лесе-фер капитализм во кој економските односи и активности, и говорот, се ослободени од БИЛО какви закони, од било какви регулативи или ограничувања на извршната или локалната власт.

Слободно општетво, подразбира неограничено слободно располагање со сопствениот живот, тело, мисла и имот...освен доколку истото физички не загрозува друг човек. Се што треба да прави легитимната Власт, е обезбедување на правен систем, за мирољубиво решавање на споровите меѓу луѓето, полиција за спречување на меѓусебното насилство, и армија за спречување на евентуална надворешна агресија.

Сите други човекови потреби му се оставени на пазарот, каде неограничената конкуренција притиска кон пониски цени, и повисок квалитет.“

Само во такво општество, обичните луѓе можат да дојдат до приближно заеднички и објективен заклучок, за сите будалаштини на сатрапите кои не воделе...и сешуте не водат. Само со вакво општество се прави висок животен стандард, без дудлање по бриселските ходници, без самопонижување со секакви „добрососедски“ тртења. Се друго, освен набројаните принципи, е мал или голем чекор кој не движи кон тоталитарната темница, кој не држи во мизерија. Или еве да звучи пооптимистички...не движи кон некакво милосрдие, ама преку бројни понижувања, и не дај боже лешеви.

Секоја идеа, БАРЕМ МАЛКУ да се регулираат економските активности, БАРЕМ МАЛКУ да се одвои за училишта, градинки, незнам ти што...секоја идеа БАРЕМ МАЛКУ да се регулира говорот, трговијата, движњето на капитал... представуваат чекори кон тоталитаризам. Кога еднаш ќе им дозволите на политичарите да кршат слободи, тие НИКОГАШ нема да сопрат...се додека не ве однесат во тотална темница...и дури и тогаш, кога ќе завладее комплетна мизерија, за неуспехот на нивниот систем ја обвинуваат „човековата природа“ демек луѓето не биле толку софистицирани, колку што била нивната идеа. Всушност, таквите луѓе се во војна со човековата природа, и затоа се насилни.

Драга Македонијо, Среќна ти Нова 1941 година. Јас немам никаква причина за радост, ниту сега, ниту доколку повторно се врати 1944/45.