Macedonian Albanian Croatian Dutch English French German Italian Portuguese Russian Spanish

„ПЛАТФОРМАТА“ СМРДИ ОД НЕЛЕГИМИТЕТ

 

Пишува Душан Петровски 10.03.2017

Излезот од политичката криза е едноставен, а „Платформата“ на албанските партии е нелегитмна, поради својот тајминг и местото на кое се изнесува. Таа е вон контекст. Нејзината содржина во моментов е нерелевантна. Прашањата кои таа ги прокренува заслужуваат дискусија со цел да се стаса до некои вистини, но платформата на која се става (шалтерот на кој се поднесува) е не соодветна. Како таква мора начелно да се отфрли како нелегитммна точка за разговор. „Платоформата“ е предлог-закон, кој се носи пред Собранието. Таму, следствено јавна дискусија може да се решава дали ќе се прифати или ќе се отфрли. Таа во денешниве услови не може да претставува услов за формирање на Влада.

Секој кој ќе се загрижи да прочита 2-3 мои текста ќе се увери во мојата припадност кон слободарската и пазарната идеологија. Ќе се види и дека јас начелно немам проблем со идејата секој да си го зборува мајчиниот јазик. Јас во мојата сегашна држава сум слободен да си го користам својот мајчин јазик, и ги разбирам фунцкионалната и клутурната улога која ја игра беспречноста секој да си има слобода да си го зборува мајчиниот јазик во сите пори на општеството кои се спороведуваат приватно. Приватно. Но ниту тоа не е релевантно во моментов. 

Мојата појдовна точка е принципот на нон-агресија, и следствено, јас немам ништо против Албанците својот јазик да си го користат каде сакаат, и за тоа имаат право да се залагаат на секој можен легитимен начин. Тоа значи дека не може да се прави насилно, или преку пуч, и конечно, тоа не смее да се направи како мерка за аболицирање на криминал. Мерка, не алатка, или „на сметка на.“ 

Платформата е нелегитимна зашто таа се појавува на сцена после декемвриските избори. Тоа е неспорно, бидејќи не постојат докази за такво нешто пред да започнат преговорите за формирање на Влада. Изборите, кои беа нередовни, беа свикани и спроведени специфично поради она што произлезе од „Бомбите на Заев“ и криминалните дела кои се поврзани со нив, вклучувајќи го и она, за тоа како истите му паднале вџеб на лидерот на СДСМ.

Овој случај мора да има разврска. Во секоја критична инстанца од постоењето на Република Македонија кога се доаѓало до моментот на некаква разврска, и поаѓање по патот на моралноста и чесноста, се случувала старата позната игра на пренасочување на вниманието на населението со диверзиски напад кој ги става криминалите на скопската свита во заборав. До сега, секоја прилика која ѝ се укажала на Република Македонија да зачекори по патот на правната држава, по патот на чесноста и одговорноста, секогаш се одбирало да се промени темата, и да се продолжи како никој да не си ги посрал гаќите.

За сите неправди биле колнати странците, и се продолжувало по патот на нечесноста и нечовечноста. „Бомбите на Заев“ во својата обемност на расветлување на темната страна на нашето општество се еквивалент на отварањето на досиејата во 2000 година. Тогаш злосторствата на раководителите на државата кои беа обелоденети пред јавноста останаа неразрешени. На тој начин останаа ништо друго освен потесетник за народот за тоа кој со кого управува.

СДСМ и ДУИ обете потекнуваат од вооружени движења. СДСМ од Партизаните, односно Народниот фронт; додека ДУИ своето потекло може да си го најде во ОНА. Обете имаат невина цивилна крв на своите раце, за вина за којашто се аболицираат самите себе си, оти нема кој да ги спречи. И пучот и војната за овие две бескурпулозни организации не е страна работа, и не е работа за која ќе се поколебаат да се нафатат ако им се укаже приликата. Еднаш во историјата на Македонија мора да им се застане на пат на тероризмот и насилството. Тој ден е денес, зашто ако тоа не се случи сега, Македонија ќе биде ставена во својата последна фаза на постоење, која ќе биде уште поболна од оваа во која на вештачко дишење опстојува во последниов четвртина век.

„Платформата,“ поточно обидот на СДСМ и албанските партии за откраднувањето на мандатот кој му приѓа на ДПМНЕ, е обид за пуч, јавно и срдечно поддржан од Прецедателот на туѓа држава, а и барем од еден стран дипломат поврзан со Македонија. Мешањето на Рама во сосјтојбата претставува своевидна провокација за војна, а странската дипломатија и „граѓанскиот сектор“ немаат проблем со неа. 

„Платформата“ е пречка за излегувањето на крај со криминалите поврзани со „Бомбите на Заев“. Денес не ѝ е дента на „Платформата.“ Денес му е време на расветлувањето на „Бомбите на Заев!“ За тоа беа свикани изборите, за тоа беше блокирана државата две години, за тоа има специјални обвинителства, и немерена сомнеж кон македонската држава, и внатре и надвор, и затоа, тоа е прво на дневен ред. Тоа е во моментов единствено на дневен ред. Откако ќе се реши тоа, слободно албанската заедница може да си ја поднесе „Платформата“ пред Собранието на Република Македонија.

Денес, единствената политичка криза во Р Македонија претставува обидот некој да му го одземе мандатот кој уставно му припаѓа на ДПМНЕ, зашто Уставот е јасен. Тој, во Член 90 одредува три работи: (1) премиерскиот мандат се доделува откако ќе се конституира Собранието; (2) мандатот за премиер на РМ ѝ се доделува на партијата која освоила најмногу мандати („мнозинство“); додека, (3) „Владата… ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.Не е потребно мнозинство од вкупниот број на пратеници за да се заработи мандатот. Тоа се наметна како толкување и практика, со цел да се одземе мандатот кој му припаѓаше на ВМРО-ДПМНЕ следствено на Избори ’90, но тоа не е она што го предвидува Уставот. 

Ставајќи го тоа во контекст на денешната ситуација, Уставот вели дека: октако ќе се конституира Собранието, ДПМНЕ, како автоматски добитник на премиерскиот мандат, треба да предложи Влада пред Собранието. (Дали во моментот кога започнуваат доделувањата и враќањата на премиерскиот мандат е завршен процесот на конституирање на Собранието и зошто не е завршен?) Собранието има право да му го прифати предлогот на ДПМНЕ и да му даде шанса да го спроведе расчистувањето на криминалите околу „Бомбите на Заев,“ да го држи на краток сиџир како „малцински“ мандатар; или да му ја одбие предлог-Владата на ДПМНЕ, да се распушти Собранието и да се распишат нови избори.

Не зборувам за коалициона Влада, бидејќи Член 90 не предвидува коалиција следствено на изборите, туку зборувам за влада сочинета исклучиво од редовите на ДПМНЕ, претпочитливо од нејзината пратеничка листа, бидејќи тоа е „партијата или партиите што имаат мнозинство во Собранието.“ Како и да е, три месеци по завршувањето на изборите, ниту е Собранието конституирано, ниту е поднесена предлог-влада пред истото. Очигледно е дека целта е тука ислкучиво опортунистичка, со цел да се блокира било каква разврска со она што ги предизвика изборите.

„Бомбите на Заев“ претставуваат свршен чин за една нација. Тие обзнануваат премногу криминали кои доколку останат неразрешени никогаш нема да ѝ дозволат на Македонија да биде прифатена во Западните друштва на НАТО и ЕУ, без кои таа не може да преживее уште долго. Македонија, колку и да сака, без значително партнерство со Големите сили никогаш нема да успее да ги совлада воено своите соседи, кои само го чекаат мигот кога повторно ќе ја сечат, лепат, и монтираат. Македонското отсуство од Западното друштво истовремено означува и перпетуација на системот на негативна селекција протежиран од постоењето на полициската држава.

Жртвите што ги е дал овој народ на сметка на нечија туѓа идеја за „Великост“ се премногу на број, и премногу болни. Војните на Балканот никогаш не се цивилизирани, и никогаш не се милодушни кон Македонците. Но, војната агресијата против членка на НАТО претставува агресија врз НАТО. На Македонија ѝ е потребен таков другар. Илинденското востание не било неуспешно зашто Питу Гули со неговата малихера не ги потепал сите Турци, туку затоа што тоа не привлекло интервенција на некоја од Големите сили.

Ако некој посегне денес по Македонија, кој ќе ја брани? Македонија не може да преживее на Балканот како неврзана земја. Западниот патронат отсекогаш бил она што ќе ѝ даде можност на Македонија и незјините граѓани да се изразат себе си слободно, и да станат сѐ она што можат да бидат. А, Македонија ќе остане на погрешната страна на созузништовото со Големите сили сѐ додека таа не стане правна држава—која е подредена на граѓаните, а не обратно.

Решавањето на „Бомбите“ ќе претставува прв чекор кон таа цел. Решавањето на „Бомбите“ не смее да биде узурпирано со нелегитмен ултиматум и не смее да биде искористено како мерка за повторување на клеветата дека Македонците се шовинисти—критика често упатувана кон Македоците од страна на велесрпските власти од времето на Тито. Доколку во Канада второ и трето пласираната партија се договорат во пост-изборна коалиција да ѝ ја украдат победата на прво пласираната партија, на клоци ќе ги избркаат таквите разбојници. Во Македонија тоа се работи со амин од некои дипломати и повеќето припадници на „граѓанскиот сектор.“ Тука нешто смрди.

Македонија не може да продолжи да постои како нечесно општество, бидејќи во таквите општества, трката е до дното, не до врвот. Нечесноста, крадењето, лажењето, и кодошењето водат до распад заради својата корозивна природа. Македонија мора да ја истресе ‘рѓата која ја обвива и која ѝ го краде кислородот за да таа може да преживее и да заживее.