Macedonian Albanian Croatian Dutch English French German Italian Portuguese Russian Spanish

КАКО И КОЈ ЈА ПРАВЕЛ СЛИКАТА ЗА ТОА ДЕКА МАКЕДОНЦИТЕ СЕ ГЕНОЦИДЕН НАРОД

 

Пишува Душан Петровски 28.10.2016

 

Како што можеби и е познато на јавноста, мојот татко, Јордан Петровски беше во судска постапка со поранешниот Министер за внатрешни и надворешни работи, Љ Д Фрчкоски за дело клевета и повреда на личниот углед поради фактот што Фрчкоски јавно изјави дека татко ми не е политички бегалец, туку дека е екононски емигрант. Секако, корумпираниот македонски судски систем, којшто е полн со правници образувани од самиот Фрчкоски без срам и перде ја отфрли тужбата на Петровски.

Според судот во Македонија, решението од канадскиот Завод за бегалци со кое му се доделува азил на Петровски и неговото семејство, е недоволен доказ за тврдењето на татко ми дека тој е политички бегалец. Но, тужбата за клевета Петровски против Фрчкоски нема да е тема на денешнава статија. Причината зошто ја започнувам статијава со оваа позадина, е поради фактот што мотивот за кој ќе пишувам го добив разгледувајќи го токму случајот на моето семејство пред канадскиот Завод за бегалци. А причината поради која воопшто го имам на располагање споменатиот случај е непризнавањето на доказите принесени од Петровски од страна на македонскиот суд. Ова во суштина значеше дека моето семејтво мораше да ја бара комплетната документација од случајот—за сами да се увериме во она што ние го знаеме и тврдиме пред судот во РМ—и после скоро дванаесет години ми даде прилика да ја разлистам документацијата догла неколку илјади страници.

Читањето на ваков времеплов, без оптовареноста на живот-или-смрт, е интересна работа, пред се поради можноста да се согледаат нови концепти. Низ годините кога беше тековна постапката со канадскиот Завод за бегалци моето семејство беше застапувано од адвокатска фирма, па поради тоа имав можност да ја видам само нашата страна, а не и целокупната документација.

Она што во моментов ми е најинтересно е содржината на доказите кои би ги окарактеризирал како периферни, односно, материјалите кои правниците од двете стани ги користат да ја отсликаат позадината на случајот: каде е Македонија; кој живее во Македонија, односно, каков е етничкиот состав; кои/што се Македонците; каков е политичкиот живот до државата итн. Пред се, се работи за мислења на дадени севрноамерикански академици (кои патем велат дека македонците легитимно се уникатен етникум), извештаи на ЦИА и ФБИ, како и извештаи за РМ од страна на невладини организации, како Хелсиншкиот комитет, Хјуман рајтс уач и слично, заклучно со 2002 година. Со други зборови речено материјалите се сликата која владиниот и тн “граѓански” сектор ја стварале за Македонија во очите на странците од 1990 до 2002 година.

Помеѓу другото, докуметнтацијата содржи извештај од   Хјуман рајтс уач за случувањат во Љуботен долг 26 страници, како и кратка хронологија на  српското прашање во Македонија. Целокупната документација изобилува со извештаи на “невладиниот” сектор по однос на прашањата на ромите, албанците, турците, хомосексуалците и жените. Читајќи ги овие материјали помислив дека станува збор за некоја друга земја, а не за онаа во која што ги минав првите 17 години од мојот живот. Мислам дека ова не е мој личен феномен, оти во извештаите, особено оние од “граѓанскиот” сектор нема никаква напомена за маките на стечајните работници; за селективноста на судскиот систем; за жалбите на опозицијата (1992-1998) за изборните неисправности; за обвинувањата од страната на истоимената опозиција за двократниот државен удар сторен од Киро Глигоров во 1991 и 1992; или пак за постојаните обвинувања дека владини функционери се вмешани во шверцот на цигари, оружје и дрога.

Не, во извештаите на невладините за случувањата во Македонија нема да се најде ниту забелешка дека лица како Ј Петровски јавно се жалат дека се сомневаат дека нелегално се обработувани од страна на СДБ (1998). Ниту пак ќе видите забелешка за фактот дека се отвараат досиеата во 2000 година. Но, во извештаите можат да се прочитаат статии кои зборуваат за малтретирање на македонски Албанци и Роми од страна на МВР. Како и статии за тоа како српската Заедница во македонија постојано се жали на дискриминација, небаре им се врши геноцид. Во извештаите, исто така може и да се најдат забелешки за “ултра-десничарските националисти” од ВМРО-ДПМНЕ, како и за “прогресивните умерени сили" предводени од Киро Глигоров, кој според овие извештаи бил глас на либерализмот уште додека бил дел од тесниот состав на Тито. Накратко, извештаите створаат слика слична на онаа на Германија од 1930-тите: општество на тешка етничка нетрпеливост и завојуваност; македонците како народ кој ги поттиснува малцинствата, па дури се подготвува и да ги депортира; додека извештајот од Љуботен ја потврдува тезата дека македонците се варварски народ.

Во извештаите, исто така, освен забелешка дека етничките нетреливости се “наследство,” нема да се најде анализа за, на пример, зошто МВР малтретира македонски Албанци, кои не легално продваат цигари на улица; или зошто МВР малтретира македонски Роми кои работат како чистачи на шофершјабни на скопските раскрсници. Ќе научите единствено дека полицијата тепала Албанци и Роми.

Полицијата тепала, зашто овие припадници на етничките малцинства работеле вон законот. Ќе ја прескокнеме правната анализа за тоа дали полицијата имала право да тепа и ќе се задржиме на прашањето зошто овие граѓани работеле вон законот. Одговорот е лесен: поради тоа што анти-пазарната економска политика која тогашните власти ја воделе кутриве ги приморала корката леб да ја вадат преку црниот пазар. . Истовремено, извештаиве не се запрашуваат од каде им се контрабанд цигарите што дечкиве ги дилаат.

Она што е повеќе од јасно од целокупната документација е дека некој свесно работи македонците да се отсликаат како назаден народ, кој не припаѓа на “масата за возрасните,” а  македонската држава како историска грешка. Кој е тој некој? Ова се актерите кои и се добро познати на македонската јавност; луѓето кои се на телевизиските екрани и страниците на печатените медиуми: лидерите на политичките партии, челниците на невладините организации, народните академици.

Играта е проста: Оние кои на еден или друг начин се врзуваат со историското ВМРО, како наследници на застарената идеологија на терористичката организација од крајот на деветнаесеттиот век треба да се претстават како крволочни националистички дивљаци. Затоа “војводи” од типот на Змејковски (кому дури и името му е запаливо), “Брат” Љубе, Филип Т Петровски, Страшо Ангелов и Тодор Петров, и сите нивни мини-двојници низ општинските комитети. Тие, светот треба да го убедат дека добар дел од македонците се од истиот крој на Милошевиќ. Оттука, најверојатно, и потеклото на негирањата на автентичноста на македоскиот етникум од страна нашите соседни држави: таквите негирања им даваат изговор на овие првиве да постојат, и му ја потпалуваат желбата кај просечниот човек да сака да се диференцира—да се изјасни дека постои. Значи, можеме да заклучиме дека името ВМРО низ историјата на македонската независност, иронично е употрбено како алатка против самата заложба на историската организација, односно игра една крајно анти-македонска улога.

Но, тоа е само една состојка во оваа криминална каша. Додека наводните ВМРОвци се оние кои јавно извикуваат дека “Солун е наш,“ пеат пароли за “Смрт на Шиптари,” и “Гасни комори за Цигани”, тие не се оние кои го вршат физичкото насилство врз припадниците на етничките малцинства. Тоа, да не заборавиме го работат припадниците на министерството за Внатрешни работи. Пак ќе потсетам дека станува збор за извештаи кои го покриваат периодот 1990-2002. Скоро десет од тие дванаесет години власт во РМ не се “ултра-десно ориентираните нациналисти,” туку “прогресивните умерени” леви сили на Социјал-демократскиот сојуз. Според новите исповеди на Фрчкоски и Богоески, додека функционерите на МВР ги киниле кривичните пријави против Сашо Мијалков поради шверцот на контрабанд на големо, истовремено давале наредби на нивните потчинети да заведуваат ред во државата тепајќи ги ситните риби во оваа индустрија.

А сето ова го документираат со спин драматурзуите од “граѓанскиот сектор.” Спинот секако се состои во намерното неповрзување на, како и неизвестување за очигледното. Произвотод на нивната работа може да се согледа во презирниот однос на странците кон Македонија и Македонците.

Играва продолжува денес. “ВМРОвците” крадеа преку градежниот проект “Скопје 2014,” токму поради постојаната потреба на Режимот за продолжување на наративот дека македонците страдаат од националистичкиот синдром на мегаломанство, и дека се незрели за своја држава.

Можеби главната лекција што може да се извлече од сево ова е дека демократијата е деликатен танц. Во Македонија во главно се практикува политичка (посредничка), а не пазарна (непосредна) демократија. Тоа значи дека тенденцијата на граѓаните е својата сувереност да ја предаваат на партијата, организацијата, и конечно државата.

Граѓаните се лишуваат себе си од лично изразување. Граѓанинот има прилика да даде свое мислење кога гласа на избори, за оној кој најблиску ги претставува неговите интереси. Опасноста лежи во тоа што, додека дадена партија можеби ги застапува економските интереси на даден гласач, таа истовремено може да има, да речеме, надворешна политика, за која гласачот нема одреден став. Самиот избор на претставник може да претставува тежок компромис за даден гласач. Овие посредници на народот се оние кои си го играат бесконечкиот ташак со рајата, постојано изнаоѓајќи причини за загриженост и поделба помеѓу граѓаните, де на економска, де на верска, де на етничка линија.

Спротивно на ова би бил систем на непосредна (пазарна) демократија каде што граѓанинот носи свои директни одлуки, кои ги претставуваат неговите тесни интереси, гласајќи со неговото портмоне безброј пат дневно. Но, за тоа можеби друг пат.