Macedonian Albanian Croatian Dutch English French German Italian Portuguese Russian Spanish

Интервју:„Црни“ го создадоа, а потоа сакаа и да го ликвидираат

02 септември 2011 09:44

Зошто Публика (прилогот на Дневник) не го објави интервјуто со Јордан Петровски, последниот македонски дисидент.Новинарката Ирена Радовановиќ, како дел од серијата текстови на тема лустрација во саботниот прилог на Дневник, во Канада го најде Јордан Петровски, еден од ретките луѓе во светот кои станале дисиденти во 21 век поради докажаниот државен терор на Република Македонија врз него, и го реализира ова интервју. Меѓутоа само го реализира, но никогаш и не го објави.

- Според изјавите кои ги имате дадено за медиумите вие се сметате за еден од жртвите на државите безбедносни служби. Кажете ни попрецизно за вашиот случај?

- Да ја сум жртва на УДБ. Конкретно јас сум жртва, бидејќи „сознанијата и податоците" заради кои е отворено досието се конструкција со сосема јасна цел: добивање соработник кој во даден момент ќе биде искористен. Затоа прво да ја претставам официјалната причината „за заведување на претходна обработка за лицето Петровски Душан Јордан" - „сознанијата и податоците со кои располагала УДБ укажуваат дека Петровски Јордан се занимава со разузнавачка активност во корист на БНРС (бугарска служба), насочена кон насилна промена или загрозување на уставниот поредок и безбедноста на Републиката. ... Лицето ќе се води под псевдоним ‘ЦРНИ'."
И како викаат кумановци, спрема брада и брич. Односно, спрема таков натчовек кој е способен сам, без организација или поддржувачи да промени или загрози уставен поредок службата изготвува „план на оперативни и оперативно технички мерки и активности кои ќе се преземат во врска со ‘Црни'."
Од плановите (два кои ми се достапни) ќе ги издвојам само оперативните мерки, бидејќи тие се многу интересни и битни. Прислушкувањето, снимањето и озвучувањето е „неинтересно" и тоа е делот кој го опфаќаат оперативно технички мерки, за УДБ се важни кодошите оперативните мерки, тие можат да кажат и тоа што не го кажал или сторил во предметот на обработка. Повторно ќе се послужам со конкретни примери од моето досие:
„ Ќе биде проучен кругот на блиски пријателски врски од подрачјето и пошироко, со цел изнаоѓање ПОЗИТИВНО ЛИЦЕ за КОРИСТЕЊЕ; Проучување на деловна соработка со лица сопственици на фирми од подрачјето и пошироко, со цел изнаоѓање ПОЗИТИВНО ЛИЦЕ за КОРИСТЕЊЕ; Ќе се проучат врските и односите на ПО ‘ЦРНИ' со ***************** , со цел согледување можност за пристап и НЕГОВО ПОНАТАМОШНО КОРИСТЕЊЕ ПРЕМА ‘ЦРНИ'; Примена на мерката следење во земјата, кога патува надвор од Куманово; Примена на мерката следење за времето на негово патување и престој во Р. Бугарија."
Вака сум следен три години и седум месеци, од 13 април 1993 до 13 ноември 1996 година. Тоа е официалното досие. Но првата службена белешка во досието е од 9 октомври 1992 година, веднаш по констуирањето на „ДЕМОКРТАСКАТА" власт на Црвенковски, а последната, последна што јас ја имам во досието е од 3 јуни 1998 година. Значи УДБ сама признава дека ме следела и пред и после. За сето тоа време и сите тие оперативни мерки, односно фластери залепени на мене, не успева да обезбеди доказ за мојата активност за рушење или загрозување на уставниот поредок. Што чудо ќе бев да не ме откријат. На УДБ целта ѝ била сосема друга, ама да ги покрие активностите и требала сериозна непријателска активност барем на хартија.


Мујовци, Југовци и Шинтери го бранеа Љубчо


- Кога првпат го видовте вашето досие и како се чувствувавте?

- Досието го видов во Канада, откако заминав, не сакав, а и не смеев да го чекам датумот кога требаше да го земам. Се чувствував небезбеден. Моите написи од тоа време предизвикаа кај одредени луѓе желба да ме замолчат, но не со демант на напишаното туку со екипите за „брза промена на мислење", предводени од разни Мујовци, Југовци, Шинтери кои ги користеше власта на Љубчо Георгиевски. Чашката на моето игнорирање на заканите ја прелеа Иван Бабановски со неговите „пријателски совети" кои ми ги делеше иако пензиониран како професор на Факултетот за безбедност во друштво на инспекторот Горан Станковски Каро, еден од инспекторите на УДБ задолжен за мене.
Заради тие случувања едвај дочекав да го добијам, ме интересираше да откријам зошто јас да имам досие и дали случувањата околу бугарската амбасада или поточно обидот на УДБ да обезбеди доказ дека ВМРО-ДПМНЕ се финансира од Бугарија е споменат во досието. Кога ја видов службената белешка во која се вели: „по наша иницијатива Петровски прифати да побара помош и од бугарската амбасада во Скопје" ми олесни. Но, тоа олеснување не значеше задоволство. Бев разочаран од потврдувањето на сознанието дека самостојноста, сувереноста и демократијата во Македонија живеат само на хартија.


И дерегистриран - следен


- Во медиумите сте претсатвени како човек кој прво бил предмет на полициска обработка заради наводните врски со Бугарија, за потоа да ве врбуваат или претстват како нивен соработник. Колку има вистина во ваквите тврдења?

- Одговорот на оваа прашање е всушност разоткривање на принципот на работа на УДБ. Драган Стојмановски Млекце еден од клучните луѓе во попречувањето на осамостојувањето и отргнувањето на Македонија од српска прегратка многу јасно и прецизно ја објаснува новата доктрина на УДБ. Еве еден цитат од транскриптите на „Дувло": „Нема ликвидации, нема затворања, нема судења нема да правиме од нив херои и маченици". Значи само економска принуда и уцена: извонреден план, кога нема затворања, судења, многу тешко се докажуваат злоупотребите од тој вид на тајната полиција од страна на власта.
Со новата доктрина УДБ прогонот не го прави за да на "предметот на обработка" му ги докаже наводните индиции кои формално послужиле како покритие за отворање на досието, и конечно да го уапси и осуди осомничениот. Тоа УДБ не го прави од неспособност или од незнаење, туку заради тоа што целта на системот на работа е да се здобие со нов кодош - при што од секој „противник" сака да направи „свој" човек, СОРАБОТНИК. Во 1996 станувам „ДЕРЕГИСТРИРАН". Причината за тое е: „Иако беа преземени мерки и активности не беа во целост потврдени сознанијата и податоците поради кој беше заведен ... поради што предлагаме истиот да се дерегистрира од ПО, бидејќи нема основ за понатамошен оперативен третман."
Од изјавата за „ДЕРЕГИСТРАЦИЈА" се подразбира дека веќе нема да има следење, нема сослушувања, нема прислушкувања, но не е така. Оттука почнува главната операција која ви го одредува животот. Ако станете соработник ќе немате проблеми во бизнисот, кариерата, ситните и крупните прекршоци, кражби па и убиства. Ако одбиете, инспекторот Кузман вака ми објасни: „со ова (моето обзнанување во неделникот „Денес" на обидот на УДБ да обезбеди доказ дека ВМРО-ДПМНЕ се финансира од Бугарија) си ставил печат и на твоите деца".
Тука, во постдерегистрациските постапки на УДБ е најголемиот злостор. УДБ вака го објаснува повикувањето на сослушување после дерегистрацијата: „западнал во моментална финансиска криза која беше искористена како посебен момент за обавување и прифаќање на разговор од истиот." На разговорот инспекторите пројавија интерес за мое побарување од фирма од Бугарија кое датираше од 1993 година. Ми дадоа и „совет": „Во врска со неговиот спор со фирмата **** по наша иницијатива Петровски прифати да побара помош и од бугарската амбасада во Скопје". Ме заинтересира што е играта, што стои зад ненадејната и неочекувана грижа на УДБ. Проценив дека во играта само можам да настрадам јас, а јас немав веќе што да изгубам. УДБ тоа веќе го одработи, нејзини луѓе ми зедоа сé: „...е наша пријателска врска од порано...зел роба во вреднсот од 1,5 милиони марки и не им дал пари". Затоа прифатив да го направам следниот чекор. Следниот чекор беше со инспекторот Кузман, со возило кое тој го возеше со цивилни таблички ме одвезе во бугарската амбасада. Состанокот го договорив јас претходно благодарејќи на убавите впечатоци кои ги понел амбасадорот Димитров од мојот ресторан. Бугарскиот амбасадор Димитров неколку месеци пред тоа беше гостин во мојот ресторан, го доведоа луѓе од кумановскиот театар по театарскатата претстава „Црнила". Му објаснив на господинот Димитров дека имам побарувања од фирма од Бугарија и дека водам легален судски спор и дали можам да очекувам помош од амбсадата-тоа беа инструкциите на УДБ. Амбасадорот беше многу јасен, таква можност не постои, единствено може да го замоли економското аташе да провери каде е и зошто е закочена судската постапка, а да го стори тоа ќе треба да му дадам број на предмет. Му го пренесов разговорот на инспекторот Кузман по патот за Куманово со заклучок дека нема никакви шанси да ми се помогне. Кузман беше упорен да му ги дадам на амбасадорот бараните податоци. Тоа ми беше премногу нелогично и сомнително. Утредента се јавив на должникот од Бугарија. Се случи чудо, човекот одговори на мојот телефонски повик, дотогаш кога и да се јавев него го „немаше", го прашав дали има шанси да го прекинеме спорот и да ми го плати долгот. Уште едно чудо, рече дека ќе ми даде дел од парите. Веднаш прашав каде, за да појдам таму: дали да се сретнеме на граница или тој ќе дојде во Куманово. Одговорот беше најголемото чудо. Ќе ми ги дал парите преку „нивното посолство". Сé веќе беше јасно. Истовремено, заклучив дека не сум веќе загрозен само јас и затоа играта мораше да ја прекинам.

Одбивањето на тужбата против Фрчковски и Чокревски за во учебник


- Поднесовте кривична пријава против неколку лица, меѓу кои и поранешниот министер за внатрешни работи Љубомир Фрчкоски. Обвинителството ви ја отфрли пријавата поради застареност. Ваш коментар, и како планирате да докажете дека сте во право?

- Да. Кривичната пријава беше отфрлена од обвинителката Драгица Михајловска со криминален фалсификат, образложение за застареност. Ова ќе влезе во учебниците за право како показ како работат јавни обинители, криминалци. Се обидов да укажам на криминалот, на јавниот обвинител Зиков, на премиерот Грувски во два лични разговора, на министерот за правда Маневски со две писмени обраќања, на Судскиот совет... Затоа наместо коментар ќе поставам едно прашање, со молба кога ќе имате можност почитувана Ирена, прашајте ги Љубчо Георгиевски и Никола Груевски тие единствени го знаат одговорот. Ова е дел од текстот објавен во мај 1998: „Бидејќи во случајов се работи за личност која е блиска кон ВМРО-ДПМНЕ-овската опција, можната конструкција, доколку не се работи за самоволие и злоупотреба на службена должност, е ‘полициски' јасна. Преку евентуалното воспоставување ‘дипломатска' врска за наплата на побарувањата на Петровски од бугарскиот партнер се гради солидна конструкција за предеизборната кампања и познатите, веќе чуени тврдења дека ВМРО-ДПМНЕ се финансира од Бугарија."
Значи за девет години ВМРОвска власт не го искористи најголемиот адут да се открие центарот кој на ВМРО-ДПМНЕ му ја лепи бугарштината.
А дека наводов е 100 % точен сведочи овој дел од една службена белешка: „дека на сопственици на фирми од Р. Македонија .... чии сопственици се членови на ВМРО да им се излегува во пресрет ... тоа бил официјален став на државата (Бугарија м.з.) и од голем интерес за неа."
За да го докажам ова дека сум во право ќе можам само кога во судот ќе седнат и ќе судат судии со личен интегритет. Треба да си припомниме дека сегашниве, секоја чест на исклучоците, се ученици и воспитаници на Фрчкоски, Чокревски итн., а тие воспитувале само послушници - луѓе верни на партискиот став.

- Во Македонија во моментов интенизвно се прави проверка на досиејата. Како гледате на тоа?

- Во речиси сите посткомунистички држави се спроведе лустрација. Таму се лустрираа носителите на комунизмот, извршителите на злоделата на комунизмот - значи таму имаше борба помеѓу идеолошките противници, левицата и десницата. За да биде целисходна, и од полза на народно помирување и обединување, лустрацијата во Македонија мора да зафати многу подлабоко. Во Македонија не е вршен прогон само на идеолошки неистомисленици, туку најголем дел од прогонуваните (околу 90 отсто) се по национална основа. Прогонувани се Македонци (левичари, десничари и центристи), кои беа за Обединета, Самостојна, Суверена и Демократска Македонија. За жал, во времето на едноумието, македонскиот народ немаше можност да го искаже своето мислење по прашањата на независност и државно уредување - бидејќи никогаш немаше слободни избори! На првата можност кога се укажа шансата народот да гласа на избори, тој ѝ даде најмногу гласови на партијата која својата платформа ја темелеше на независна, капиталистичка и демократска македонска држава. На следниот чекор, референдумот за независност, тој ист народ со убедливо мнозинство се изјасни за своја држава.
Продолжувањето на прогонот по линија на македонски национализам, т.е. на оние кои идејно се за независна и суверена македонска држава, и по референдумот и осамостојувањето на Македонија е чин на немакедонска политика. Таа политика беше спроведена од марионетска власт која имаше за цел да го преврати резултатот од рефендумот во '91, односно да го наметне вториот дел на прашањето како едниствена опција за нашата татковина - „...со право да стапи во идниот сојуз на суверените држави на Југославија". Тие беа оние кои инсистираа на тој дел воопшто да биде вклучен во референдумот, а воедно и беа власт во годините кои следуваа! За жал и првата ВМРО - вска власт 1998-2002, ни сегашната власт ја продолжуваат таа политика. Наша должност, како Македонци и како демократи, е да ја спроведеме желбата на народот од референдумот за независнот, да ја демаскираме таа политика, и да покажеме пред граѓаните на Македонија за кого властодржците од 1991 година до денеска работеле: чии интереси штителе и за кого ја уништувале Република Македонија на духовен, економски и демографски план.


(Почитувана Ирена ќе ве замолам, а истовремено и инсистирам одговорите да ги презентирате во целост. Подобро ќе биде текстот да не го објавувате ако треба да го кратите.
Поздрав Јордан Петровски
По ова, новинарката на Публика Ирена Радовановиќ ја прекина комуникацијата со Петровски)

Макфакс