Macedonian Albanian Croatian Dutch English French German Italian Portuguese Russian Spanish

ЛУТ СУМ И ОВА СРАЊЕ НЕМА ДА ГО ТРПАМ ПОВЕЌЕ

Нема да ви зборувам за тоа колку е ситуацијата лоша. Сите знаете дека е лоша. Ама има и такви кои не знаат, а не знаат зашто уредниците и водечките луѓе на таканаречениот национален сервис и останатите национални телевизии кои се под целосна контрола на власта, спротивно уставот ги држат тие луѓе во тотален информативен мрак по добро познатата формула: АКО НЕ ГО ОБЈАВИМЕ ОНА ШТО ВИСТИНСКИ СЕ СЛУЧУВА, ТОА И НЕ ПОСТОИ.

Затоа на вестите на овие телевизии ќе чуете многу за новиот тостер на Топ Шоп кој може да се употреби и како пегла, ќе чуете за голем пожар во некоја џунгла во Амазонија, за лизгање на земјиштето во Конго, за птичјиот грип во Кина, за антраксот во Јапан, за туларемијата овде и за триста други нешта, ама нема да чуете ниту збор за за повеќегодишното газење на Уставот на државава од страна на оние кои владеат со неа. Националниот сервис МТВ и останатите грујовизи упорно одбиваат да ги емитуваат бомбите кои ги објавува опозицијата каде се открива целиот монструозен заговор на акуелните властодржци против сопствената држава и сопствениот народ. Со тоа овие тв-куќи се разоткрија себеси како главен лост во тоа сценарио и самите газејќи го Уставот со одбивањето точно и навремено да ја известуваат јавноста без да ги прикриваат информациите што ги имаат.

Груевски сака преку своите партизирани телевизии да останеме (с)покојни по дома, среќни со својот тостер, со плазмата купена на кредит, со пуканките и пивото пред нос додека гледаме турски серии, реални турбо-фолк шоуа или фудбал, наместо да отвориме очи и да се прашаме: ШТО Е ТОА ШТО ТРГНА ТОЛКУ НАОПАКУ СО НАС И НАШАТА ЗЕМЈА? Сега Груевски повеќе од било кога посакува да бидеме покорни, да останеме на страна и токму за таа цел ги злоупотребува медиумите, а особено националниот сервис МТВ. Оттука и цела таа панаѓурска програмска политика на МТВ, Сител, Канал 5, Алфа и останатите, која изобилува фалшиво информирање и со емисии кои дополнително ги заглупуваат широките и онака полуписмени народни маси. ТИЕ САКААТ ДА ОСТАНЕМЕ КРОТКИ НАСТРАНА!

Не паѓајте повеќе на тие, за некого ефтини, за некого перфидни агитпроп штосови. Нема стоење настрана. Не повеќе. Одамна го пречекоривме прагот кога беше удобно да си неутрален. Оти ако можеш да ѝ помогнеш на правдата во борбата против неправдата, а не го сториш тоа, значи ја помагаш неправдата. Затоа неутралноста во нашава ситуација значи застанување на страната на злото. Мора конечно да се солидаризираме без разлика на нашата политичка, верска, етничка, социјална, професинална и друга припадност. Чукна часот да бидеме граѓани во вистинската смисла на зборот за да застанеме на патот на една разуздана криминална владеачка гарнитура која промовира и генерира поделби и малограѓанштина на секој чекор.

А за да бидете граѓани денес и овде, во Македонија, мора да се разлутите. Ама стварно да се разлутите. Тоа е првиот чекор кон пронаоѓањето на вашата потисната или атрофирана граѓанска свест. Да се разлутите и да се развикате на цел глас: Јас сум слободен човек! Мојот живот има вредност! Мојата татковина има вредност! И никому нема да му дозволам безобразно да ги гази! Затоа сакам да станете од вашите удобни фотељи, да се приклучите во реката од разбудени граѓани кои крстосуваат по улиците на Скопје и другите градови, кои протестираат пред државните институции и медиумите заради нивната корумпираност и нивните улоги во монструозниот заговор на владата на ДПМНЕ против својот народ. Сакам да се разбудите и да се развикате колку што ве држи гласот: Лут(а) сум и ова срање нема да го трпам повеќе! Лут(а) сум и ова срање нема да го трпам повеќе!

 

Сашо Тасевски

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без дозвола од редакцијата на КОТЛЕ