Macedonian Albanian Croatian Dutch English French German Italian Portuguese Russian Spanish

ЗИГ ХАЈЛ ГРУЈО! ПАНЦИРЕН ЕЛЕК ЗА ЗАЕВ!

Нема повеќе дилеми. Груевски е подготвен да плати многу висока цена во обид да си ја спаси кожата. Неговата неспособност да ја признае сопствената вина и одговорност за длабоката криза во која западна земјава по сите основи, како и неспособноста на неговите министри да го сторат истото, потврдува дека со Македонија сиве овие години управувале психопати без грам совест и чувство за емпатија. И никој повеќе не смее да се залажува дека Груевски, под услов кога би се прашувал само тој, лесно би ја турнал земјава во граѓанска војна за да ја продолжи својата владетелска агонија што подолго.

Теренот за тоа сценарио забрзано се подготвува. Група хушкачи подолго време крстосуваат низ Македонија и шират омраза меѓу својот народ зад параванот дека ја спасуваат државата од странски служби и домашни предавници. Нивната воинствена реторика на трибините кои им ги организира власта дотурка дотаму што се споменуваат и масовни бетонски гробници за сите предавници на Македонија. И замислете, таквите изјави, медиумите на власта ги емитуваат како ударна вест, ја подгреваат до усвитување целата таа приказна за спасителите и предавниците со кои мора да се расчисти за вјек и вјеков, а од друга страна пак, упорно ги кријат информациите од јавноста кои ги објавува опозицијата, а кои сведочат за злосторствата кои со години ги правела оваа власт врз своите граѓани.

На теренот се наоѓа и цела орда таканаречени политички аналитичари, бивши домашни дипломати, професори, шкопени интелектуалци, анкетари и новинари-рекетари кои се обидуваат да ги релативизираат сите скандали од тајните снимки објавени од опозицијата, со тезите дека и едните и другите се гомна, такашто би било бесмислено да се бориме за смена на власта, кога суштински би замениле само едно гомно со друго. Најново од агит-проп кујната на Груевски е оранизирање на мега-трибина во салата Борис Трајковски, на која присуството на партиското членство е задолжително и за која однапред се знае за каква цел се организира. Миење на рацете пред партиските членови, нивно дефокусирање од вистинските виновници за дебаклот на државава по сите основи и распирување на омразата кон измислениот непријател на Македонија во чиј табор се наоѓа секој кој одбива да ги голта гомнариите на Груевски и неговата влада.

Иако, морам да признаам, до сега добро му оди на Пастирот со таа толпа од човечиња и јадници како што ги нарекува своите гласачи и фанови министерката Јанкуловска. Премногу лесно ги убеди дека странска тајна служба со цел памет и логистика прислушкувала во Македонија 26 илјади луѓе од едно комбе во движење на кое има милион антени и дека истото курназ-комбе со години се мувало низ центарот на градот за да прислушкува без никој да го забележи. Колку само треба да бидеш сиромашен, исплашен и слеп, за стварно да поверуваш на една таква глупост.

Се оди кон целосна изолација на две групи меѓу етничките Македонци, на оние кои наводно се борат за спас на Македонија и оние кои мора крваво да платат за предавствата кон татковината за кои перфидно и неправедно се обвинети. Фазите на кризата секојдневно се продлабочуваат. Од опасни стануваат поопасни. Покрај врнежи, пролетва се очекуваат и класични физички ликвидации со политичка заднина. Затоа убиството на опозиционерот Немцов на улиците на Москва, предизвика дупло поголема мачнина кај некои од нас, отколку што би предизвикало доколку живеевме во демократска земја. Ни светна како ден, дека оној кој го нарачал убиството на Немцов заради неговите антивладини ставови само им даде дополнителен мотив и идеја на овдешниве психопати на власт. И не долго по убиството на Немцов, на еден прес од една помала партија во Македонија во меѓуредови му беше пратена закана на претседателот на СДСМ по неговиот живот заради една од објавените снимки на трибината на опозицијата во Универзална Сала со која практично политички го сотре лидерот на таа партија и веројатно стави точка на неговите амбиции пак да се добере до власт. Затоа упатувам пријателски совет до обезбедувањето на Заев. Отворајте шеснаесе очи и купете му панцирен елек на човекот. Работата е стварно забегана, што вели Ставревски. Забегана тоталка.

Ви велам ако е само до Груевски, Македонија ќе зачекори кон братоубиствена војна. Таа е единственото решение за негов спас во моментов. На потег е Брисел. Груевски тешко можеше да го скрие своето бледо како крпа лице на пресот во Брисел по состанокот со чаушот на НАТО. Којзнае колку бил рибан од него и којзнае какви закани и сугестии добил заради начинот на неговото владеење и нестабилноста што ја предизвикува не само во Македонија, туку и во целиот регион. Тешко дека било кој дипломат од ЕУ и НАТО, уште верува во тоа дека Груевски може и сака да ја разреши кризата што самиот ја создаде кршејќи ги сите демократски норми и принципи, но, неговото лудило никој од страна не може да го спречи доколку ние први не му застанеме на патот. Сите демократски и слободоумни граѓани на Македонија заедно со оние негови сопартијци, стари и проверени вмровци на кои им е преку глава од технократската врхушка која ја зеде како заложник нивната партија заедно со целата држава и ја изложи на срам пред домашната и светската јавност, до сега невиден во иасторијата на самостојна Македонија.

Да не се лажеме, Груевски со одбивањето да преземе било каква одговорност за глупостите што ги слушаме на тајните снимки, на сите ни порача дека нема намера доброволно и џентлменски да замине од тронот, како што тоа го направи чешкиот премиер пред неколку години за многу помала работа од овие за кои опозицијата го терети Груевски и неговата влада. Тој владее со насилство и нејверојатно избра да замине на истиот начин. А ќе замине стопосто. Никој не куртулил од вистината и правдата, па била таа судска или космичка, само проблемот е што ќе повлече и многу невини заедно со себе во тој амбис. Затоа во периодот пред нас мора да бидеме многу внимателни, да не дозволиме да се случи токму она коешто тој го посакува, оти и без да се случи најстрашното, нам ќе ни требаат уште години да го санираме пустошот кои зад себе го оставија Груевски заедно со неговите роднини и министри. Што ќе биде од сето тоа, наскоро ќе видиме, но едно е сигурно и тоа нека го знаат сите. Овие девет години на преродба и нејзините творци ќе бидат засекогаш испишани во македонската историја, ама на нејзините ѕифт црни страници, за никогаш повеќе да не се повтори.

Сашо Тасевски

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без дозвола од редакцијата на КОТЛЕ