Macedonian Albanian Croatian Dutch English French German Italian Portuguese Russian Spanish

ПОЛЕМИКА:З.ТОДОРОВСКИ-Ј.ПАВЛОВСКИ

Полемики
СТО МАКЕДОНСКИ НЕВИСТИНИ


За грешките во лексиконот "Сто македонски години 1903-2003"

   
 
Ако ја исклучиме авторската концепција и методологија при изработката на одредниците, сепак не можеме, а да не ги споменеме многубројните недостатоци
 
   

Зоран Тодоровски



Неодамна излезе една мошне несекојдневна енциклопедија, насловена како "Сто македонски години 1903-2003", во редакција на Јован Павловски. Изданието беше широко рекламирано како "прв енциклопедиски лексикон кај нас" и препорачувано не само "за секој македонски дом", туку и на сите научни работници.

Издавањето на оваа прва енциклопедија од ваков вид кај нас е мошне сериозен и комплексен потфат, во кој се вклучени респектабилни автори. Реализацијата на вакво лексикографско издание секаде во светот, па и кај нас, е мошне неблагодарна работа, бидејќи секогаш се јавува потреба од нови дополнувања.

Меѓутоа, од содржината на ова енциклопедиско издание се добива впечаток дека е работено за други намени и цели. Ако ја исклучиме авторската концепција и методологија при изработката на одредниците, сепак не можеме а да не ги спомнеме многубројните недостатоци, недоследности и субјективности, како што се: наративниот начин на прикажување на настаните и личностите; отсутност на значајни и неизбежни процеси, настани и личности; селективен приод и идеолошка интерпретација на истите; погрешни датуми, места, имиња, и сл.; нагласена присутност на изјави и коментари а помалку на информации и факти; и повикување на извори од втора рака, а не на изворната архивска документација. А сето тоа пропратено со многубројни дезинформации, необјективности и невистини.

Тргнувајќи од амбициозната најава дека овој лексикон е "оригинално и модерно толкување на историјата на Македонија и македонскиот народ за последниве 101 година!", а заради доследно почитување на историската вистина, телеграфски, колку што ми дозволува просторот, ќе се осврнам само на неколку посуштествени материјални пропусти, односно на недопусливи историографски недоследности на оваа, според редакторот, "прва македонска енциклопедија".

Уште на почетокот на енциклопедијата мошне дискутабилна и волунтаристичка е констатацијата за поделбата на македонските револуционери на "врховисти" и "македонисти" со пишувањето дека во "јануари 1903 на советувањето на најавторитетните идеолози и раководители на ТМРО, одржано во Софија, се диференцирале две групи-врховистичката и македонската" (стр. 18). Така, според редакторот, сите оние кои наводно биле за Илинденското востание (Х. Матов, Х. Татарчев, И. Х. Николов и др. ) биле "врховисти", а оние кои биле против востанието (Г. Делчев и Ѓ. Петров) биле "македонисти". Значи, според ваквото размислување на редакторот, и Д. Груев, П. Тошев и А. Лозанчев биле врховисти, бидејќи биле за востанието, а натаму не се третирани за такви.

Мошне е интересна констатацијата за преговорите на Т. Александров и на Ј. Сандански со албанските револуционери во летото 1913 г. Додека за разговорите на Т. Александров со претставниците на албанските револуционери се вели дека "започнал со практични активности", за преговорите на Ј. Сандански со истите револуционери се вели дека "бил подло инструментаризиран" (стр. 137). Се добива впечаток дека Ј. Сандански бил неискусен, небаре инфантилен, а притоа, се премолчува дека бил испратен директно од бугарскиот цар, додека Т. Александров преговарал од името на ВМРО, не прашувајќи и не барајќи дозвола од никој.

При воспоставувањето на бугарската власт во Македонија во 1916 г. се вели дека "најголема организациона улога имал Т. Александров, под чие влијание во повеќе окрузи за началници биле поставени војводи на ВМРО-врховистичка" (стр. 155). Значи, според редакторот, и Д. Влахов, Ѓ. Петров, Д. Х. Димов, А. Јовков, П. Христов, П. Чаулев биле врховисти, како и сите други левоориентирени револуционери и идеолози кои за време на Првата светска војна биле околиски и градски управници и началници во услуга на бугарската административна власт во Македонија.

Според пишувањето на редакторот во "Меморандумот до Париската мировна конференција, испратен во името на ЦК на ВМРО, а потпишаан од Т. Александров и А. Протогеров" од март 1919 г. се барало "државно соединување на Македонија и Бугарија" (стр. 167). Најпрвин, се мисли на Мемоарот од 1 март 1919 година, потпишан од Т. Александров и А. Протогеров како задгранични претставници на ВМРО. Во Мемоарот никаде не се спомнува "државно соединување на Македонија и Бугарија", туку се бара "самоопределување за Македонија", се укажува дека "се додека не се реши правилно македонското прашање, нема да има мир на Балканот", дека "македонското население сака да се зачува Македонија неподелена и во никој случај таа да не се остави под власта на Србија и Грција" и дека "на Македонците да се даде можноста сами да ја заштитат својата национална кауза". Изгледа редакторот го заменил со Мемоарот на Извршниот комитет на македонските братства во Бугарија од февруари 1919 година, каде се спомнуваат слични заложби.

Наведувањето на редакторот дека во 1920 г. во "Софија е основана Федеративната организација, во која влегле Н. Јуруков, д-р Ф. Атанасов, д-р Х. Далкалчев, С. Ковачев, К. Размов и др." (стр. 178) не е точно, бидејќи спомнатите лица биле членови на Привремената комисија на македонските братства, а Македонската емигрантска федеративна партија, позната како МЕФО, а не "Федеративната партија", како што ја именува редакторот, е формирана на 4 декември 1921 г.

Констатацијата дека Т. Александров "соработувал со Советскиот Сојуз" од 1920 г., а притоа се цитира "Проектот на спогодбата меѓу ВМРО и Руската Советска Република што ја потпишал Т. Александров" (стр. 179-180), воопшто не е точна. Контактите на Т. Александров со претставниците на Советскот сојуз и Коминтерната започнале од пролетта на 1923 г. А што се однесува на "Проектот на спогодбата меѓу ВМРО и Руската Советска Република", документот е од 30 декември 1923 година, напишан и потпишан од Т. Александров, но не е потпишан, односно усвоен и ратификуван, од двете страни.

Пишувањето на редакторот дека во "јануари 1922 година Т. Александров и неговите автономисти веќе целосно ги разбиле федералистичката опозиција..." (стр. 183), не е точно. Приврзаниците на федералистичката струја биле разбиени во почетокот на 1923 година, по окупациите и протерувањата на федералистичките чети од Неврокоп на 16 октомври и на Ќустендил на 4 декември 1922 г.

На 15 мај 1922 г., наведува редакторот, бил "потпишан протокол за соработка помеѓу ВМРО и Албанскиот комитет", при што се обвинува Т. Александров за "пробугарска национална и политичка ориентација" и за "трговија со македонска територија" (стр. 183), што е потполна дезинформација. Најпрвин, таков протокол бил потпишан на 20 декември 1921 година во Тирана, познат како "Тирански договор". Протоколот го потпишале А. Протогеров и д-р Ф. Атанасов, како претставник на федералистичката струја на ВМРО, а од страна на Албанскиот комитет, Реџеп Митровица и проф. Бедри Пејани. Целта на Договорот, според член 2, била "да се ослободи Македонија и да се изгради како самостојна држава што ќе го има истото политичко и административно уредување како Швајцарија (федерална Република), со свои економски и географски граници". Во април 1922 г. Т. Александров го одбил да го потврди договорот, пропраќајќи го со зборовите: "Да му се мочам во него" и испраќајќи му, притоа, заплашувачко писмо на д-р Ф. Атанасов: "Јас нарочно го испратив својот другар Ал. Протогеров да влезе во преговори со Вас, за да ги откријам Вашите пеколни планови и намери... Знаете дека за Вашата направена постапка во Албанија ќе одговарате со својата глава".

Според пишувањето на редакторот, Тодор Паница "бил еден од авторите на Мајскиот манифест" (202), а Павел Шатев бил "потписник на истиот Манифест" (стр. 442). Всушност, Т. Паница не бил автор, туку учествувал во преговорите при потпишувањето на Манифстот, а П. Шатев не бил ниту присутен при потпишувањето на Манифестот во Виена, туку бил во Софија.

Податокот дека Лазар Колишевски, кој бил уапсен во ноември 1941 година и осуден на смрт, бил "помилуван (дури) во септември 1944 година" (стр. 392) не е точен. Имено, Л. Колишевски бил суден на 26-27 ноември во Битолскиот воен суд, а осуден на 30 ноември 1941 г. на смрт со бесење. На 7 декември 1941 г. доставил "Молба за помилување" до царот Борис ИИИ, кој на 30 јануари 1942 г. го помилувал, заменувајќи му ја смртната казна со "доживотен строг темничен затвор".

Долго време други странски сили и автори со туѓи интереси и цели ја креираа, пишуваа и толкуваа нашата историја. Денес, во услови на слободни демократски процеси, ние самите треба да ја пишуваме, интерпретираме и валоризираме нашата македонска историја, но одговорно, научно и документирано. Токму во таа насока се и овие добронамерни укажувања и со единствена цел - да кореспондираат со современите процеси во презентирањето на историската вистина.

 

Реакција на текстот "Сто македонски невистини" од Зоран Тодоровски, "Утрински весник", 18 мај
Имавме мадиња!


Јован Павловски

   
 
   

Штом енциклопедискиот лексикон ?Сто македонски години 1903-2003" (редактор Јован Павловски) излезе од печат, тој, впрочем, како и секоја друга книга, стана општо добро. Лош или добар - општо добро! Сакам да кажам дека лексиконот (или енциклопедијата, или просто и едноставно: книгата), стана подложен на оценка, добронамерна или недобронамерна, од страна на читателот или читателите, сеедно. Авторот(ите) нема(ат) повеќе контрола над него. Немаат контрола, како што не може(ат) да објаснат работи што се случуваат денес, или, пак, што ќе се случат утре, со него или околу него. На пример: Кога во 2000-та излезе лексиконот ?Личности од Македонија", чиј редактор, исто така, бев јас, ?Утрински", покрај другите материјали за него (информација за неговото објавување, интервју со мене, рецензија во суперлативи за него), во рубриката ?Писма" објави писмо на својот читател К. Г. во кое тој изнесе негативен суд за тој, прв кај нас, лексикон на личности. Сега, по повод печатењето на енциклопедијата ?Стоте години", ?Утрински", пак, покрај другите материјали за неа (извештај за нејзиното објавување, интервју со мене, рецензија во суперлативи, се разбира, пак за него) објавува писмо на свој читател, меѓутоа, тоа добива простор на целата прва страница од додатокот ?Култура", со нагласен наслов протегнат на четири колони ?Сто македонски невистини" и поместен под рубрика ?Полемики". Пет децении сум новинар, повеќе од четириесет години сум уредник и издавач, бев прв професор по теорија и практика на новинарството на првите шест генерации кои дипломираа на Интердисциплинарните студии по новинарство, па, сепак, еве, прашувам: Каква е разликата меѓу обраќањето до јавноста на К.Г. и обраќањето на Зоран Тодоровски (понатаму поради штедење простор - З.Т.), исто така до таа (македонска) јавност на ден 18 маЈ 2004 година? И, воопшто, каква е разликата меѓу обраќањето до јавноста на З.Т. и стотината други обраќања на други читатели на ?Утрински", што весникот во текот на месецот ги објавува, главно таму каде што им е и местото - во ?Писма"? Редакциски став за изданието или, просто, обид на изнасилен начин да се поведе ?полемика", што е под нивото на ?Утрински", сериозен весник, во кој со задоволство сум соработувал и ќе соработувам, кога ќе најдам малку слободно време или кога ќе има повод за тоа. Или, не дај боже, Редакцијата се согласува со ставовите што писмото на Вашиот читател ги имплицира? За нив подоцна.

Најпрвин: З.Т. во своето писмо прави забелешка за десетина ?невистини", речиси апсолутно сите, поврзани со името на Тодор Александров. Каде се тука стоте македонски невистини, најавени во погубниот наслов за издание, прво и за долго време единствено такво издание кај нас, кое обработува материја за стоте изминати македонски години на повеќе од 2.500 отчукани страници со новинарски проред? За З.Т. ми е јасно, и тоа ќе се види во редовите што следуваат. Со кои аргументи З.Т. го оправдува насловот за стоте невистини за Македонија?

Согласен сум: Кога се читаат и редактираат повеќе од пет илјади страници понуден текст, кој треба да се изредактира и да се подготви за печат, што значи треба и да се скрати, ќе се провлечат и такви неточности како онаа дека Тодор Паница (одредницата за него на 202 стр.) бил еден од авторите на Мајскиот манифест, а Павел шатев потписник токму на тој Манифест (одредницата за него на 442 стр.), макар што во материјалот за документот наречен Мајски манифест и сў она што е врзано со него му е посветен забележителен простор (194-195, плус страниците во кои се регистрира она што следувало по неговото обЈавување), овие две тврдења воопшто не се споменуваат, значи станува збор за типично ?шаховско слепило", мое, се разбира, макар што не ми е Јасно зошто З.Т. секаде зборува за ?пишувањето на редакторот", а никаде не влегува во директно обвинување на авторите на одредниците, за кои тврди дека не се точни, автори - негови колеги, потпишани под секоја одредница!

Сега, зошто Тодор Александров? Имено, токму затоа и учествувам во оваа наметната ?полемика", за која немам ниту време, ниту пак желба, со губење на времето, да ја продолжам. Меѓутоа, читателот треба да биде информиран зошто З. Т. го актуелизира прашањето за учеството на Т.А. во македонската историја. И зошто се обидува да остане ?прв меѓу рамноправните" нејзини препрочитувачи, како што беше најавен во едно ТВ интервју за време на онаа негова власт и онаа негова Македонска телевизија: Непосредно пред ?Деветтиот конгрес" на ВМРО-ДПМНЕ, таму некаде во мај 1995 год. весникот ?Македонија" од Софија, гласило на ВМРО-Сојуз на македонските дружества, давајќи им инструкции на своите истомисленици од Скопје околу ?препрочитувањето" на македонскта историја, пишуваше: ?...Веројатно, тоа е добро разбрано од претседателот Љупчо Георгиевски. Имено, затоа на конгресот ќе се претресат некои нови потпорни точки во историјата - целосна рехабилитациЈа на Тодор Александров, приопштување на целата историја на ВМРО, а не само до 1912 година, разобличување на ?првоборците" како борци за Југославија, а не за слободна Македонија". И - почна: Неполн месец потоа (7 и 14 јуни) претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Љупчо Георгиевски ги објави своите размислувања за корените на македонскиот народ, откако, според негово признание, две години работел на проучуваше на историските факти, па сега му е јасно дека корените на македонскиот народ се - бугарски. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во тоа време констатираше: ?И најмалку упатениот граѓанин на Македонија во минатите 45 години многу добро знаеше дека во тоа време олицетворение на борбата за самостојност на Македонија беше токму борбата на Тодор Александров и Ванчо МихаЈлов, само што таа идеја за самостојна Македонија беше најкритикуваната и за неа, колку што се сеќавам, се одеше во затвор". Така Љ.Г. и - нормално: кога веќе се прогласи за нивни директен наследник, нормално беше да констатира дека тој, тогаш, го работи она што не успеаја да го реализираат бај Тодорче и бај Ванчо. И почна кампањта: Доста Димовска побрза да изјави дека Тодор Александров е најзначајна личност во македонската историја по Гоце Делчев, во Штип брегалничкиот митрополит Стефан ја благослови панихидата по повод годишнината од убиството на Т.А., најверојатно, тие денови или нешто подоцна, Стојан Киселиновски почнал да го подготвува својот ?Македонски историски речник" во кој ја претумба современата македонска историја и се обиде да ја насочи кон исток, веројатно тогаш почнал да размислува за ?макси Македонци" (Шарло и Ченто) и ?мини Македонци" (Кузман Јосифовски и Лазо Колишевски), ликовниот уметник Родољуб Анастасов почнал да работи на дванаесетте портерти на македонските апостоли, меѓу кои портертите на Тодорчета и на Ванчо (Радко) Михајлов зазедоа истакнато место, напоредно со жртвите на Т.А. - Ѓорче Петров и Јане Сандански, а некогашниот миленик на комунистичката власт Димитар Димитров, заедно со трабантите на необугарштината во Македонија, најверојатно уште тогаш ги зацртувал издавачките програми на ?Култура", во кои, без критички забелешки и без нужни пошироки обЈаснувања, ќе бидат објавени Зборникот на Браќата Миладиновци, Извештајот на Карнегиевата комисија од 1913 година и ?За македонцките работи" на Мисирков, ама со негов, Димитаров, предговор. Се појавија (во Скопје) две тазе биографии на Тодор Александров, пејачот Зоран Ванев отпеа песна за ?вториот македонски револуцонер". Младиот доктор по историја З.Т, кој докторираше на тема на ВМРО, значи, на тема за Т.А. и В.М.-Радко, ја презеде најодговорната улога - да биде гласноговорник на ?препрочитувачите" на ?фалсификуваната" (од Белград) историја на македонскиот народ. Како превосходна домашна задача го имаше вклучувањето на овие две опскурни личности во чистата историја на револуционерното движење на Македонците, како дел од широката акција (Иницијатива: Љупчо Георгиевски) за помирување на Македонците. Почнуваше, всушност, големата подготовка за менување на националната свест на Македонецот и на акцијата тој да се убеди дека по происхождение тоЈ, Македонецот, е - Бугарин! З.Т. пишуваше и изјавуваше тогаш (1995), обидувајќи се ?научно" да ги потврди тезите на својот лидер, тврдејќи дека новите сознанија за В.М. (значи, и на Т.А.) се иницирани од фактот дека по Седмиот конгрес на ВМРО (онаа ВМРО на бај Радко), коренито биле изменети на почетокот на триесетте години од минатиот век и дека бај Радко во екот на својата моќ почнал да размислува за независна Македонија! Бесмислица, зашто во истиот број на неделникот, каде што беа објавени овие нон-сенс гледишта, еден настинат Бугарин од македонско потекло, инаку, личен пријател на бај Радко и долги децении негов финансиер, пишуваше: ?Прашањето дали Македонија треба да биде самостојна држава или не, не е за јавна расправа (му рекол Ванчо МихаЈлов-заб. моја). Најважно е да се зачува бугарштината. Се направи грешка, зашто македонското движење најпрвин беше за обединета Бугарија, а потоа за независна Македонија". Јас го прашав што да им соопштам на луѓево? ?Можеш да им кажеш, ми рече тој, дека го менуваме курсот: ние не сме за самостојна и независна Македонија, зашто тоа е само една тактика во нашата политика!", се сеќаваше подоцна тој, Ѓорѓи Младенов. Тие години М.С. во ?Фокус" пишуваше дека ќе дојде време кога Македонците ќе дојдат пред МАНУ, таа, односно, македонската наука, поточно: македонската историографија, еднаш за секогаш да им ја каже вистината на кој јазик зборувале нивните татковци и дедовци!

Навистина, почнуваше планираната акција за менување на свеста на Македонецот за сопствената национална посебост.

Академикот Манол Пандевски, гледајќи дека ѓаволот ја однел шегата, во октомври 1996 година во ?Македонско време", во малата студија ?Тодор Александров во фокусот на 'новата' македонска митоманија", пишуваше, меѓу другото: ?...Зошто токму Тодор Александров е избран за повторно афирмиран мит, а не, да речеме, Ѓорче Петров, Даме Груев, Сандански, Пере Тошев, Петар Поп Арсов или некој друг вистински корифеј? Изборот не е случаен. Тодор Александров не е продукт на полетот, туку, напротив, тој е чедо на распадот на класичнта ВМРО. А распадот, сам по себе, е болен, конвулзивен. Тоа е матно време, кога на површина испливуваат секакви скудоумни, недораснати, но и бескруполозно амбициозни типови, што водат во пропаст ослободителни движења, па и цели народи". Па ќе додаде, убедливо: ?Србофобијата на Тодор Александров му служеше како параван зад кој требаше да го затскрива длабокото антимакедонство".

Се навраќам на ова болно време од пред десетина години не само за да ги потсетам на него читателите (се чини, тоа треба катаден да се прави, зашто основна наша, македонска, мана е брзозаборавот), туку и за да го поврзам токму тоа време и тие длабоко антимакедонски појави што го одбележаа, со накострешеноста на З.Т. кон ?Стоте македонски години". Зашто оваа наша прва енциклопедија, во најшироката смисла на зборот, е прирачник што упатува на злата што ја нападнаа Македонија и нејзиниот намачен народ во текот на изминатите стотина години, и е категорично, апсолутно против тие зла. А Тодор и Ванчо се само дел од нив.

Констатацијата и произволностите на З.Т. дека во македонската историја не постои поделба на ?врховисти" и ?централисти", односно, ?македонисти", и неговиот нападен обид во иста торба да ги смести џелатот и неговата жртва (Александров и Сандански), е несреќен и анахрон обид да се актуелизира напорот на онаа ВМРО-ДПМНЕ на голема врата во историјата на Македонија да ги протне и оние, кои толку ангажирано, и преку реки крв, се обидоа да нў приклучат кон туѓа историја. Демек, и тие се Македонци, само ?десни", за разлика од ?левите", значи, разликата меѓу нив е само идеолошка!

Во ?полемиката" З.Т. констатира дека ?од содржината на ова енциклопедиско издание се добива впечаток дека (тоа) е работено за други намери и цели". Па, точно: тоа, на некој начин, е работено и издадено и за други намери и цели. И е финансирано исклучиво со средства на МИ-АН, што може крајно лесно да се констатира од Миановта задолженост кај ИК банка од Скопје со седумцифрен кредит со кој се платени првичните трошоци. Ниту со нечии партиски пари, ниту со средства на некој финансиски моќник, ниту со средства на некоја и нечија власт. А ?другите намери и цели" можат да се видат и со голо око: Соработниците на енциклопедијата имаа мадиња да работат и да изработат ваков издавачки проект, кој ќе ја потврдува историјата на Македонија во ЏЏ век, бранејќи ја од оние кои ја присвојуваат или, уште полошо: кои аматерски и неподготвено ја препрочитуваат. Значи оние кои го немаат симболот на машкост и храброст. За жал, ни најсовремената медицина тука не може да помогне: сў уште, ни со најсовремен хируршки зафат, не може да им се вгради овој машки анатомски додаток, ако природата не ги обележала со него. Да го имаа, барем ќе се соочеа со ризикот да седнат да направат, да изработат, да објават нешто слично. Со ова, за мене, завршува оваа наметната ?полемика".

Полемики
СТО МАКЕДОНСКИ НЕВИСТИНИ - ВТОР ПАТ
Одговор на реакцијата на Јован Павловски "Имавме мадиња"

   
 
   

Зоран Тодоровски



Навистина незнам од каде толкава нервоза, бес, вулгарност и етикетирање на моето коректно и добронамено реагирање по повод објавувањето на енциклопедиското издание "Сто македонски години 1903-2003", под редакција на Јован Павловски (натаму: Ј.П). Во отсуство на аргументи и факти за изнесените дезинформации, необјективности и невистини во лексиконот, редакторот на изданието Ј.П., "првиот професор по теорија и практика на новинарството на првите шест генерации новинари", како што тој се фали, во својата реакција прави големи дигресии, исполитизирани излети, мешајќи баби, жаби и "м.....". А, притоа, тој и понатаму, еве веќе десет години, ме ословува со "младиот доктор по историја", прилепувајќи ми, незнам по кој пат, етикети на "гласноговорник на препрочитувачите на фалсикуваната (од Белград) историја на македонскиот народ". А мене, со звање научен советник и професор на постдипломски студии во Институтот за национална историја, одамна ми побеле косата од "препрочитување" на фалсификатите на Ј.П. и на неговите истомисленици.

Во својата реакција Ј.П. признава "провлекување" само на две "неточности", оправдувајќи го тоа со некакво "шаховско слепило". Тоа, колку што јас знам, се манифестира многу погоре на човечкото тело од "она" со што тој се фали во насловот на својата реакција.

Во моето реагирање на лексиконот изнесов само десетина примери, како што наведов, "телеграфски, колку што ми дозволува просторот", од мојата потесна специјалност, прелистувајќи го набрзина, бидејќи немам ниту време, ниту интерес да се занимавам со ова полиграфско издание. А за да го "оправдам насловот", како што вели Ј.П., нека редакцијата на "Утрински весник" ми дозволи простор колку што е потребен за да изнесам не 100, туку многу повеќе "неточности" според Ј.П, но со наплата на негова сметка.

Рекапитулацијата на наведените десет примери, што Ј.П. одбегнува да ги коментира, укажуваат на следното: 1. манипулација, 2. неточност, 3. премолчување, 4. додавање, 5. невистина, 6. необјективност, 7. злоупотреба, 7. измислување, 8. конструкција, 9. произволност, 10. дезинформација. А сето тоа е = на ФАЛСИФИКАТ.

А како редакторот на лексиконот Ј. П. прави манипулација со историските документи ќе го повторам и образложам следниот пример. На стр. 183 пишува: "15 мај (1922 г.). Потпишан бил протокол за соработка помеѓу ВМРО и Албанскиот комитет. Од него јасно се гледа дека Тодор Александров, освен за постојаната пробугарска национална и политичка ориентација, може да се обвини и за трговија со македонска територија. Спогодбата била составена од 8 точки. Нејзина цел била создавање голема Бугарија и голема Албанија...". Понатаму, се цитира точката 5 од окружното писмо на ЦК на ВМРО, потпишано од Т. Александров, за претстојните задачи на четите во Битолскиот револуционерен округ и се констатира: "од писмото јасно се гледа дека западна Македонија е прогласена за албанска покраина и ако некој тоа го промени, според заклетвата, ќе биде убиен".

Прва невистина: Протоколот, како што напишав во моето реагирање, не бил потпишан на 15 мај 1922 г., туку на 20 декември 1921 година во Тирана, познат како "Тирански договор"; Втора невистина: Протоколот не го потпишал Т. Александров, туку А. Протогеров и д-р Ф. Атанасов, како претставник на федералистичката струја на ВМРО; Трета невистина: Спогодбата не била "составена од 8 точки", туку од 11 члена; Четврта невистина, односно манипулација: Целта на Договорот, според член 2, била "да се ослободи Македонија и да се изгради како самостојна држава што ќе го има истото политичко и административно уредување како Швајцарија (федерална Република), со свои економски и географски граници"; Петта манипулација, односно злоупотреба: Според член 4 од Договорот, македонската граница кон денешната Косовско-метохиска област беше определена да минува "северно од Качаник", а за западната македонска граница кон Албанија се прифаќаше тогашната гранична линија "помеѓу југословенската држава и Албанија", додека за градот Дебар се предвидуваше "право на жителите за самоопределување". Навистина незнам со што Ј.П. го обвинува Т. Александров "за трговија со македонска територија"; Шеста невистина: Во цитираното писмото на ЦК на ВМРО, потпишано од Т. Александров, од 15 мај 1922 г., никаде, ама баш никаде, во 8-те точки не се спомнува дека "западна Македонија е прогласена за албанска покраина и ако некој тоа го промени, според заклетвата, ќе биде убиен". Навистина, незнам од каде редакторот Ј. П. ги пронајде горонаведените наводи и констатации. Ова е очигледна драстична манипулација, злоупотреба на документите и неодговорен фалсификат на Ј.П.

А како Ј.П. го злоупотребува моето реагирање, манипулира со мојот текст, односно додава, ми припишува и тоа што не сум напишал (а не му е прв пат да ми припишува тоа што не сум го изјавил или напишал), е следниот пример. Неговото пишување дека во "јануари 1903 на советувањето на најавторитетните идеолози и раководители на ТМРО, одржано во Софија, се диференцирале две групи-врховистичката и македонската" (стр. 18), јас го нареков дека "дискутабилна и волунтаристичка е констатацијата за поделбата на македонските револуционери на 'врховисти' и 'македонисти'", бидејќи, според Ј.П. произлегува дека сите оние кои биле за Илинденското востание биле "врховисти", а оние кои биле против востанието биле "македонисти". Ваквата моја забелешка Ј.П. ја квалификува за "констатација и произволност на З.Т. дека во македонската историја не постои поделба на 'врховисти' и 'централисти', односно 'македонисти'". Од каде заклучил Ј.П. за мојата "констатација и произволност'", само тој знае. Во македонската и бугарската историографија постои поделба на "врховисти" и "централисти", но не и на "македонска група", термин измислен од Ј.П. Нивната поделба произлегува од програмските и политичките цели на Организацијата, а не од националните сознанија, како што Ј.П. сака да ни ја прикаже.

Со овој лексикон, како и со претходните лексикографски изданија, Ј.П. сака да ни се претстави како македонски Крлежа. Но за разлика од големиот Крлежа, Ј.П. ја претвори својата издавачка организација во "институција за правење на фалсификати", штетна за дигнитетот на македонската историографија. Неговите изданија се далеку од стандардите и методологијата што треба да ги содржат современите енциклопедиски изданија и единствено можат да се вбројат во полиграфски изданија. Или поточно, во хронолошки зборник на публицистички и новинарски текстови за историјата на Македонија. Секое сериозно лексикографско издание се работи со научни работници од сите области, со знаење и искуства, со научна доследност и етика, а не со селекција, идеологизација и манипулација на историските документи, со пристраност и приклонување, а посебно со носталгија, емоција и приватизација на изданието (Ј. П. со поголем простор ги регистрира сите свои изданија, испуштајќи бројни капитални дела на МАНУ, Институтот за национална историја, Државниот архив и на други научни институции и културни и издавачки организации).

А како може лексиконот на Ј. П. да биде сериозно издание кога сеуште главни извори на кои тој се повикува се спомените на бројни дејци, револуционери и политичари, изјавите од сослушувањата на уапсените лица пред полициските органи, изјавите и коментарите на македонските партиски функционери (за Ј.П. Шарло е сеуште "Бугаринот", користејќи ги сеќавањата на Л. Колишевски и Темпо; Ченто бил осуден "поради наводен обид за бегството преку границата", градејќи го неговиот лик според информациите на советските дипломатски претставници во Белград, а не според новообјавената монографија и документите за Ченто од неговото досие), како и од исполитизираните памфлетски етикетирања за дневно-партиски потреби, пишувани во современите "независни" весници, магазини и списанија (за партијата ВМРО-ДПМНЕ и за нејзините лидери Љ. Георгиевски и Д. Димовска дознаваме од текстовите под иницијалите "И.К.", односно од наменските текстови пишувани во дневниот печат од гласноговорникот и член на ЦК на СДСМ, Иван Катарџиев) итн итн.

Со селекција и изоставување на личности, Ј.П. свесно прави и прикривање на традиционалната родољубивост на членови од неговото семејство, еден вид семеен фалсификат. Така, во одредниците за активноста на Бугарските акциони комитети во Македонија и за формирањето на Културниот клуб "Св. Климент Охридски" во 1941 г., покрај неведените "бугарофили" (Хаџи Кимов, Стефанов, Чкатров, Ѓузелов, Светиев и др.) не го сретнуваме името на неговиот чичко Никола Павлов-Бутика, кој после војната беше суден заедно со нив.

Оттаму, ги повикувам Институтот за национална историја, Сојузот на друштвата на историчарите на Македонија и Институтот за историја при Филозофскиот факултет јавно да се произнесат дали оваа "прва македонска енциклопедија" е навистина "оригинално и модерно толкување на историјата на Македонија и македонскиот народ за последниве 101 година!", дали се вклопува во современите македонски и европски историографски процеси и дали така треба да се пишува и толкува историјата на Македонија? Од МАНУ не очекувам вакво нешто, бидејќи оние што се најповикани, се вброија како соработници, рецензенти и промотори на енциклопедиските изданија на Ј.П.

А неговиот патолошки омрзнат "предавник на македонската кауза" Тодор Александров, во едно писмо од 17 мај 1923 г. препорачува: "Вистината е поголема и од светлината, но само кој што може и сака да ја види". А во случајот, Ј.П., ниту може, ниту сака да ја види, па затоа нека се држи за жанрот што најдобро му лежи, порнографско-комерцијалниот роман "Сок од простата".

П.С. Се согласувам со Ј.П. само во еден дел од неговата реакција. Ова навистина не е полемика, зашто за полемика е потребно да се има знаење, научна етичност, аргументираност и коректност, а не бегање од предметот на темата, злоупотребување, манипулирање, измислување и етикетирање, а особено не со фалење, како што тоа го прави Ј.П., со "машкиот анатомски додаток".