САМО ПОРАКАТА НА ИСУС, ДА ЈА БАРАМЕ ВИСТИНАТА И ДА СМЕ ЧУВАРИ НА НАШИТЕ БРАЌА, МОЖЕ ДА ЈА СПАСИ МАКЕДОНИЈА

Featured САМО ПОРАКАТА НА ИСУС, ДА ЈА БАРАМЕ ВИСТИНАТА И ДА СМЕ ЧУВАРИ НА НАШИТЕ БРАЌА, МОЖЕ ДА ЈА СПАСИ МАКЕДОНИЈА

 

Пишува Душан Петровски

5.1.2018

На почетокот сме на новата година—стотата од почетокот на српско-грчкото ропство на македонскиот народ—како и на пресветиот празник Божик. 2017 година беше мачна за македонскиот народ, а новата 2018-та не ветува дека ќе биде ништо поарна. Тоа е од причина што македонската судбина не може да се промени на подобро дури не направиме една длабока интроспекција и не ги пронајдеме корените на нашите маки, оти тие не се ниту на Калето, ниту во Брисел, ниту во Вашингтон. Тие се во Скопје, на Водно, и во зградата на подножјето на Водно, во коцките кај Вардар. Тие се и во соборниот храм на Свети Климент Охридски. А несомнено се и во Белград и Атина.

Но најмногу од сѐ, тие се во секој од нас, зашто сите овие зли сили коишто управуваат со македонското општество не би можеле да се одржат на власт толку долго доколку не постоеше една коренита поддршка за нивниот начин на делување. Човекот е способен, како за извонредно добри дела, така и за извонредно ужасни. Лошотијата е често полесниот избор, поради тоа што таа е реакција на нашите попримитивни карактеристики, од нашите предчовечки времиња. Добротијата бара доблест, а доблеста се постигнува само преку многу труд и мака. Моќта да ги исправиме неправдите на светот е во рацете на единките, зашто нашите делувања ги движат работите—или кон добро или кон лошо.

Сега сме пред Божик, празникот што го отпочнува светиот месец Јануари, што ни дава повод да се осврнеме на нашата Христијанска вера во којашто нашиот народ се колне речиси цели два милениума.

Ние Македонците аронгантно се чукаме во гради дека сме големи верници и дека сме библиска земја: зборуваме за тоа колку пати била спомната Македонија во Библијата; зборуваме за писмата на Св. Павле; зборуваме дека Македонија е една од европските колевки на Христијанството; но не ја знаеме суштината на Христовата порака.

Се кажуваме „верници,“ но не знамеме ниту што значи самиот збор „вера.“ Не знаеме дека тоа не значи слепо верување во политички-морално исправната доктрина, или крстење кога попот вели „амин,“ туку потекнува од латинскиот „веритас,“ односно „вистина.“ Верата во Бога, е трагање по вистината. Христијанството не е серија обреди, не е крстење вода, осветување на погачи, тоа не е парастаси и постови, бесење крстови и празни зборови.

Сега, точно е дека обредите, симболите и изреките самите по себе не се лоша работа. Имено, тие нѐ поврзуваат со нашите предци и ни даваат чувство на припаѓање и го заокружуваат она што е наше и не двојат од туѓото.

Но Христијанството е нешто многу подлабоко. Тоа е засидрено во Христовата порака и нѐ врзува со поширокиот свет на нашите цивилизациски браќа. Тука, природно, се јавува прашањето: Која е Хистовата порака? – Таа не е: „во време на неволја сврти го другиот образ,“ туку таа е: Следи го Бога, зашто сме Негови чеда, Негов образ.

Што е Господ Бог? Господ Бог е Вистината. Таа е основното ткиво, костурот на Космосот, правилата по кои тој фунцкионира. Ако го замислиме Господ Бог како врховниот инженер на Космосот, тогаш Вистината е нацрт-планот на неговото функционирање. Корените на Христијанството се во Јудеизмот. Христијанскиот Стар Завет, е еврејската Тора. Тука започнува нашето патешествие. Првата Книга Мојсеева (Битие) „Создавање на светот. Човекот образ Божји“ дава една примитивна претпоставка на луѓето од пред десет, дваесет, а можеби и педесет илјади години за оформувањето на Космост и светот, што на подобар поглед импресивно се согласува со хипотезите за создавањето на Космосот од страна на најсовремената наука: прво немало ништо, па од гас и камења се создале планетите коишто биле толку жешки, што насекаде било само пареа; полека се оформиле водата, копното, и небото; се разделила ноќта од денот; животот почна во вода, се создале растенијата, па животните, и на крајот човекот. Толкавата прецизност на авторите на најстарите преданија во човековат историја околу создавањето на Космосот кај секој разумен човек треба да побудат мисла дека сепак човекот е надарен од некоја виша сила со природна сколност кон виситната.

Што нѐ носи до пораката на човекот во кој се колнеме и крстиме, Исус Христ: следи ја Вистината и сакај го комшијата како што се сакаш себе си. Барај ја вистината, научи ја и пренеси ја. Живеј со неа и не се откажувај од неа во име на моментално задоволство или избегнување на болка. На тој начин, љубовта и вистината ќе надвладаат над омразата и лагата.

Скромноста е билетот до постигнувањето на овие доблести. Но, што е скромноста? Скромноста не е покорливост на волјата и силата на помоќниот. Исус не се покорил на силата ниту на римското царство ниту на еверјските поглавари, ниту по цена на сопствениот живот. Таа не е задоволување со мизерен живот. И богат човек и цар можат да бидат скромни, додека и испосникот може да биде арогантен и самобендисан. Таа не е трпење во овој живот со надеж дека ќе биде поубаво во следниот. Скромноста е спротивното на Ароганцијата. Таа е признавањето дека не сме сѐзнајни—па, оттука ѝ се препуштаме на волјата Господова, изразена во Десетте Свети Заповеди изразени во Првата Книга Мојсеева:

 

1. Тогаш Господ Бог ги кажа сите овие зборови кон Мојсеја, велејќи:

2. “Јас сум Господ, Бог твој, Кој те изведе од земјата Египетска, од домот на ропството. (Верата во Бога ќе нѐ ослободи, Д.П.)

3. Немој да имаш други богови освен Мене!

4. Не прави за себе идол, ниту каква слика на она, што е горе на небото, што е долу на земјата и што е во водата под земјата;

5. немој да им се клањаш, ниту да им служиш, оти Јас сум Господ, Бог твој; Бог ревнител, Кој за гревовите на татковците ги казнуваа децата до третото и четвртото колено, оние, кои Ме мразат;

6. Кој покажува милост на илјадници, кои Ме сакаат и ги пазат заповедите Мои.

7. Не изговарај го напразно името на Господа, твојот Бог, бидејќи Господ нема да го остави неказнет оној, кој напразно ќе го изговори името Негово. (Тука треба да помислиме на лажните верници, Д.П.)

8. Помни го денот саботен, за да го празнуваш.

9. Шест дена работи, и сврши ги во нив сите работи свои;

10. а седмиот ден е сабота Господова, на твојот Бог; тогаш немој да вршиш никаква работа, ни ти, ни синот твој, ни ќерката твоја, ни слугата твој, ни слугинката твоја, ни волот твој, ни ослето твое, ниту придојдениот, кој се наоѓа кај тебе.

11. оти за шест дена ги создаде Господ небото и замјата, морето и се’ што е во нив; а во седмиот ден си отпочина: заради тоа Господ го благослови седмиот ден и го освети. (Време за молитва, медитација, интроспекција. Време посветено на барањето по вистината. Д.П.)

12. Почитувај ги таткото свој и мајката своја, за да ти биде добро и да поживааш подолго на земјата, што ти ја дава Господ, твојот Бог.

13. Не убивај!

14. Не врши прељуба!

15. Не кради!

16. Не сведочи лажно против својот ближен!

17. Не пожелувај ја жената на ближниот свој, не пожелувај го домот на ближниот свој, ниту нивата негова, ни слугата негов, ни слугинката негова, ни волот негов, ни ослето негово, ни секаков добиток, ниту нешто друго, кое е на ближниот твој!”

 

Преданието за Десетте Свети Заповеди завршува со моќна порака околу тоа колку е страшно соочувањето со вистината:

 

18. И сиот народ ги слушаше молњите и гласот на трубата што трубеше и ја гледаше гората што се димеше; и како се исплашија, сите луѓе отстапија и се оддалечија малку.

19. Па му рекоа на Мојсеја: ”Зборувај ни ти, а ние ќе слушаме; но да не ни зборува нам Бог, за да не умреме.”

20. А Мојсеј им рече: “Не плашете се: Бог дојде за да ве испита и стравот Негов да биде во вас, за да не грешите.”

21. И народот стоеше подалеку, а Мојсеј појде кон мракот, каде што беше Бог.

 

Вистината, иако најпожелна на светот, често знае да биде грда. Ова е особено случај кога зборуваме за она што се случува во нашите срца и умови. Сите до еден сме склони на грешки и на нечисти мисли. Во македонското општество од завладејувањето на Комунизмот, најчесто се прекршуваат Заповедите околу пожелување по имотот на соседот, околу давањето лажно сведочење, крадењето, убивањето, и околу почитувањето на родителите, и секако најмногу оној за почитувањето и славењето на Господа како единствен Бог, зашто след Втората светска војна местото на Господ во нашето општество беше узурпирано од идолот Јосип Броз Тито, а во понови времиња се истакнуваат и некои поситни идолчиња кои само го поткрепуваат култот на Маршалот.

Но избегнувањето на соочувањето со лошите мисли ни ги закоравува срцата и нѐ прави сѐ повеќе склони на нивно повторување, рационализирање, и конечно делување по нив и на нивно продлабочување. Оттука Црквата ја создала инситуцијата на Исповед, оти при изречувањето на глас на нашите грешни мисли, мисли од коишто се срамиме—и со право—добиваме прилика за дискусија со себе си; за соочување со лошотијата. Ништо не се постигнува без одбид, па така и со прочистувањето на нашите срца и мисли. Сѐ дури нив ги криеме во некое катче на нашата душа, тие ќе продолжат да си гнијат, и како секоја инфекција на крај ќе го затрујат целиот организам.

Интересно е што Светите Заповеди се впечатливо слични на она што Аристотел го има обележано како „универзално претпочитливо поведение.“ Аристотел и Мојсеј дошле до овие сознанија засебно и во различни времиња, што ја потврдува нивната универзалност. Напросто Артистотел вели дека доколку вашиот морален систем оправдува силување, пљачкосување, насилство или убиство, тогаш имате направено логичка грешка некаде во вашето резонирање. Тука ние би ги додале лажењето и кодошењето како подкатегирии на пљачкосувањето и насилството. Поведенијата спротивни на оние универзално претпочитливи поведенија заведени во Десетте Свети Заповеди не можат да бидат претпочитливи зашто нивното прифаќање како социјална норма води до индивидуално и општествено самоуништување.

Тоа повторно нѐ враќа на идејата за скромноста. Таа, како што рековме е барењето по Вистината, оносно, скромноста е учењето и резонирањето. Јаболкото во Рајската градина е плодот на Дрвото на познавање на доброто и злото. Способноста да го разликуваме доброто од злото е она што човековиот род го двои од останатиот животински свет, и она што Човекот го прави образ на Господа. Од Книгата Мојсеева (Битие):

2. Човекот во рајот. Божја заповед. Создавање на жената: брак.

16. И му заповеда Господ Бог на човекот и рече: „Од секое дрво во градината можеш да јадеш,

17. освен од дрвото за познавење на доброто и на злото; од него не јади; зашто во оној ден кога ќе вкусиш од него, ќе умреш.”

3. Првиот грев, проклетство и првото ветување.

1. Но змијата беше полукава од сите ѕверови полски, што ги создаде Господ Бог; па ѝ рече на жената: „Вистина ли е дека Бог рекол да не јадете од ниедно дрво во рајот?” (Извртување на тези, омилен метод на Србокомунистичките власти. Д.П.)

2. А жената ѝ рече на змијата: „Ние јадеме род од секое дрво во рајот;

3. – само од родот на она дрво среде рајот, – рече Бог, – не јадете и не се допирајте до него, за да не умрете!”

4. Тогаш змијата ѝ рече на жената: „Не, вие нема да умрете!

5. Бог знае оти оној ден кога ќе вкусите од него, ќе ви се отворат очите, па ќе станете како богови и ќе знаете што е добро, а што зло.”

6. И жената, гледајќи дека родот на дрвото е добар за јадење, и убав за гледање, и дека дрвото е пожелно поради знаењето, набра род од него и јаде, па му даде и на мажот свој, та и тој вкуси.

7. Тогаш им се отворија очите на обајцата, и увидоа дека се голи; па исплетоа лисја од смокви и си направија опашала.

8. И го чуја гласот на Господа Бога, кога Он одеше низ рајот во приквечерината; и се сокрија Адам и жена му.

9. Но Господ Бог го повика Адама и му реча: „Адаме, каде си”?

10. А тој одговори: „Го чув гласот Твој во рајот кога врвеше, па се уплашив, оти сум гол, и се сокрив.”

11. И Господ рече: „Кој ти кажа дека си гол? Да не си јал од она дрво, од кое ти забранив да јадеш?”

12. Адам, пак, рече: „Жената, која ми ја даде Ти, таа ми даде од дрвото, и јас јадев.”

13. Тогаш Господ Бог ѝ рече на жената: „Зошто го направи тоа?” Жената одговори: „Змијата ме измами, и јас јадев.” (Префрлање на сопствената вина: „постапував само по наредбите на моите препоставени/по законските одредби“. Д.П.)

22. И рече Господ Бог: „Ете, Адам стана како еден од Нас, знаејќи што е добро и што е зло; но сега да не ја испружи раката своја и да земе од дрвото на животот, и да вкуси, па да заживее вечно!”

23. Тогаш Господ Бог го изгони од градината Едем, за да ја обработува земјата, од која беше земен.

 

Отворањето на очите на Адам и Ева е метафора за раѓањето на нивната човечка совест, разумот е нивната голгота оти тогаш стануваат свесни дека нивната како и среќата на нивните поколенија зависи од нивните постапки. Разумот ги оскромнува нашите прародители зашто им станува јасно дека саможртвувањето за повисока цел, за доброто на идните поколенија на нашиот род е клучот на добриот живот.

Преданието за синовите Адамови, Каин и Авел нѐ учи за судбината на оние коишто продолжуваат да живеат несовесно, арогантно, и коишто одбиваат да се соочат со својата лошотија, со своите грешни мисли и зли дела, со оние кои ја отфрлаат одговорноста да се чувари на своите браќа:

4. Адамовите синови. Каин го убива братот свој. Нивните потомци.

1. Потоа Адам ја позна жената своја Ева, која зачна и го роди Каина, и рече: „Придобив човек од Господа!”

2. Го роди уште и брата му Авела. И Авел стана овчар, а Каин беше земјоделец.

3. По некое време Каин му принесе на Господа дар од плодовите земни;

4. а и Авел исто така принесе од првината на стадото свое и од маста. И Господ погледна милозливо на Авела и на неговите дарови;

5. а на Каина и на неговите дарови не погледна милозливо. Затоа Каин се огорчи многу, и лицето му потемне.

6. Тогаш му рече Господ Бог на Каина: „Зошто се огорчи? Зошто се помрачи лицето твое?

7. Зарем, кога правиш добро, не го креваш ли лицето? А ако не правиш добро, тогаш гревот е пред вратата: тој те влече кон себе, но ти надвладај го!”

8. И му рече Каин на својот брат Авела: „Да појдеме в поле!” А кога беа во полето, Каин скокна на Авела, братот свој, и го уби.

9. Тогаш му рече Господ Бог на Каина: „Каде е братот твој, Авел?” А тој одговори: „Не знам; зар сум јас чувар на братот мој?”

10. А Господ рече: „Што направи? Чуј! Гласот на крвта од братот твој вика од земјата кон Мене.

11. Затоа да си проклет од земјата, што ја отвори устата своја да ја прими крвта на братот од раката твоја.

12. Кога ќе ја обработуваш земјата, таа нема повеќе да ти ја дава својата сила; ти ќе бидеш изгнаник и скитник по земјата!”

 

Затоа Исус нѐ учи да го почитуваме Господ преку искрена пожртвуваност, да ги сакаме нашите браќа, нашите соседи, како што се сакаме себе си, оти она што ни го нуди Лукавиот—моменталното задоволство—е прескапа цена за да се отфрли сето она што ни го нуди Господ—долгорочен просперитет за нас и нашите поколенија.

Господ нуди Рај. Што е Рајот? Рајот, барем на овој свет е метафора за мир—физички и душевен—слобода и просперитет за нас и нашите поколенија, а патот до таму е наоѓајќи го Господ Бог во нас, односно барајќи ја вистината и придржувајќи се до Неговото Слово.

Лукавиот нуди Пекол, обвиен во обландата на задоволувањето на непосредниот нагон. Што е Пеколот? Тоа е метафора за душевен немир, физичко ропство, неизвесност, крај на семејниот род, крај на националното постоење (интернационализам). Што е неизвесноста? Таа е спротивното на вистината. Таа е спротивното од знаењето. Незивесноста е производ на отсуството на резонирање и на барањето по вистината. Неизвесноста е производ на Ароганцијата.

Во Стариот Завет Господ Бог често го казнува неговото Одберено Племе кога тоа истапува од неговиот пат (како што узурпаторскиот Србокомунистички режим кој глуми земјин бог ги казнува морално-политички неподобните). Казните кои Господ Бог им ги изречува на Израелитите—нашите духовни предци—кога тие се губат од изречениот пат се еден или друг вид на пекол, обично изразено во физичко ропство под јаремот на некои Антихристи. Инаку речено пеколот за Израелитите е губењето на нивната независност.

Македонците живееле под јаремот на туѓинци за поголемиот дел од минатиот милениум, а денес продолжуваат да живеат под јаремот на домашните Антихристи во служба на Белград и Атина. Македонците живеат во отсуство на независноста и суверенитетот и се лишени од можноста да го ползуваат разумот—познавањето на доброто и злото.

Зошто Господ Бог ги казнува Македонците? Зошто Тој ги изложува на генерациски живот во Пеколот? Затоа што Македонците не го следат Божјиот пат. Господ Бог е во секој од нас, но ни требаат учители да ни го покажат патот до Господ. Тоа се свештениците на нашата Црква. За жал Македонците Христијанството го примаат од затруеното дрво на Византијците, коишто верата ја ползуваат како алатка за полесно владеење. Македонците верата ја примаат како догма.

Догмата, според модерниот филозоф Стефан Молино, е еден од двата методи за постигнување сигурност во смисла на утврдување на вистината. Односно сигурноста како спротивното на неизвесноста. Вториот метод за утврдување на сигурноста е филозофијата. За догмата Молино вели:

Догмата е далеку полесниот метод до постигнувањето на сигурност, и додека таа може да ни даде привид, односно илузија, на сигурност, таа не може да ни ја даде суштината на знаењето. Догмата произлегува, како и повеќето карактерни несостатоци, од алчноста по незаслуженото. Таа приозлегува од инвестирањето на сигурност во заклучок, а не во методологија. Впрочем, догматичните луѓе обично се непријателски настроени кон филозофската методологија на резонирање и докази.

Мораме да ги градиме нашите извесности на карпата на филозофијата, а не на песокот на догмата.

Доколку ја одбереме филозофијата, тогаш мора да минеме низ долината на сенката на смртта наречена „неизвесност“ пред да пристигнеме во сончевата рамница на извесноста. Во полето на моралноста ова се означува како „скромност.“ Неизвесноста може да е непријатна, но таа е огнена капија низ која што мора де се провлечеме со цел да пристигнеме до легитимното знаење. (Stefan Molyneux, The Art of the Argument: Western Civilization’s Last Stand; “Inductive Reasoning an Certainty”; p. 28-29)

Нашите свештеници, воспитани во византијската традиција, чатат, но не просветуваат. Тие не нѐ охрабруваат да ја бараме вистината и да резонираме, туку само нѐ потсетуваат дека мочењето е злато, дека бесцелното трпење е доблест, и дека мизеријата е скромност. Тие нѐ потсетуваат дека треба да ги следиме обредите кои значат пари во нивниот џеб, но забораваат да нѐ научат за вредноста на самопожртвуваноста. Нашите свештеници не нѐ учат дека при потклекнувањето под икушението на моменталниот ќар ние ги проколнуваме нашите идни поколенија, продолжувајќи го пеколкниот циклус.

Господ ги казнува Македонците затоа што тие се арогантни и мрзеливи, и затоа што се поклонуваат на земјени господари. Тие потпаѓаат на ѓаволовото искушение кое Исус го отфрлил во пустината. Македонците се надеваат дека некој земјин господар ќе им го подари Рајот без тие да треба да се помачат до него да дојдат користејќи го разумот, односно на познавањето на доброто и злото.

Во средновековието, Мохамедините Османлии Македонија ја освојуваат благодарение на една битка, Битката кај Марица, којашто завршува пред да почне—поради отсуството на будност кај Христијанската војска. Во прво време Македонците Османлиите ги прифатиле како ослободители, поради тоа што биле изложени на ропството на српските кметови. Едно ропство замениле со друго.

Сепак, и Христијанството преку догма е далеку подобро одошто нихилизмот. Во секој случај и слепата вера во Десетте Заповеди нуди далеку повеќе интегритет одошто слепата потчинетост на волјата на Антихристите. Со зграпчувањето на власта од страна на Комунистите, Македонците ја губат врската и со Христијанската догма. Оттогаш тие веќе не се чувстуваат обврзани на судот на Сѐмоќниот, и не се земаат за должни да го следат Божјиот пат. Нивните господари стануваат партиските комесари, УДБашките службеници и партиски идоли.

Во доцните педесетти години на минатиот век, Комунистите создаваат нова црква, под нивна капа—македонските фереси. Денес под упатството на Македонска православна црква продолжува праксата на возвишувањето на еден политичар по друг. Тоа се прави на истиот перфиден начин како што ферсите соработувале со Римјаните, каде што од една страна македонските свештеници не ги поддржваат гласно полтичките господари на Македонија, но ниту ги осудуваат за принудната корпуција што овие ја прават на народот. Од Тито до Киро Глигоров; од Бранко Црвенковски до Љупчо Георгиевски; од Никола Груевски до Зоран Заев. Македоците продолжуваат спасението да го бараат во земјени господари, продолжуваат да потпаѓаат на искушенијата на прагматизмот, а за сето тоа време си ја докажуваат лојаноста кон Режимот—тие си ги продаваат личните долгорочни интереси преку соработката со Тајната полиција, како што политичарите ги продаваат догорочните национални интереси со цел да се здобијат со уште еден меѓународен грант, уште еден меѓународен заем. Македонците се проколнуваат на живот во Пеколот потпаѓајќи на искушенијата кои им се пред носот.

Кога, според преданијата на нашата вера, Господ Бог се спуштил на земјата во телото на Исус од Назарет, тој не го зазел обликот на сѐмоќен цар или на моќен воин, туку на скромен столар, учител, припадник на поробено племе. Тука, Исус наликува далеку повеќе на архетипот за Дамјан Груев, Тодор Александров, Ванчо Михајлов или Дане Попоски, одошто на било кој современ македонски политичар—а најдалеку од фараонскиот архетип на Тито, во чие име се правеа слетови, бисти и статуи, се именуваа автопати и планински врвови, и се снимаа високобуџетни холивудски продукции, додека народот трпеше од глад. Пораката која Господ Бог ни ја праќа преку животот и делото на Исус Христос е дека капацитетот да бидеме Негов образ е во сите нас, зашто сите ние Негови чеда сме надарени со познавањето на доброто и злото. Исус оди во пустината да пости четириесет дни, не за да си ја подобри фигурата, туку за да си го зајакне интегритетот. Таму, во својот најтежок час тој го отфрла искушението на Лукавиот. Од Светото евангелие според Матеја, Поглавје четврто:

1. Тогаш Духот Го одведе Исуса во пустината за да биде искушуван од ѓаволот.

2. И како постеше четириесет дни и четириесет ноќи, најпосле огладне.

3. А кога се приближи до Него, искушувачот Му рече: „Ако си Син Божји, кажи овие камења да станат лебови.”

4. А Он му одговори и рече: „Напишано е – »Не само од леб ќе живее човекот, туку и од секој збор што излегува од устата на Бога.«“

5. Тогаш ѓаволот Го одведе во Светиот град и Го постави на храмовата стреа,

6. и Му рече: „Ако си син Божји, скокни долу, зашто во Писмото стои: »На ангелите Свои ќе заповеда за Тебе да Те запазат и на раце ќе Те земат за да не Си ја сопнеш некако ногата од камен.«“

7. А Исус му рече: „Напишано е исто така -»Не искушувај Го Господа, Твојот Бог«.”

8. Го одведе ѓаволот потоа на многу висока планина, и Му ги покажа сите царства на светот и нивната слава,

9. и Му рече: „Сето ова ќе Ти го дадам, ако паднеш и ми се поклониш.”

10. Но Исус му рече: „Бегај од Мене, сатано, зашто е напишано: »На Господа, твојот Бог, да Му се поклонуваш и само нему да Му служиш!«“

11. Тогаш ѓаволот Го остави и ете дојдоа ангели и Му служеа.

 

Пораката на Исусовото исклушение е јасна. Животот е една непрекидна серија на искушенија, некои поголеми, некои помали, но во секој случај водич треба да ни биде словото Божје. Варкај си ја душата од искушенијата како на опитките, и на адреналинот, така и на желбата за моќ и слава.

Почетокот на Србокомунистичката власт во Вардарска Македонија е означен со владеење на терор спроведен преку ликвидации и монтирани судења. Илјадници Македонци тогаш се лишуваат од своите животи и слободи на основа на судења во кои не се бара вистината, туку се наложува партиски измислена моралност. Формално, одговорните за ваквите гревови против хуманоста и Словото, остануваат несудени до денес. Напротив, тие сѐуште влијаат врз македонското општество и сѐуште се возвишуваат. Но, тие живеат штури животи, проведени во заблуда и неизвесност, а нивните поколенија се проколнати со зависностите кон насилството и различните опитки. Ним, секојдневно Вистината им суди.

Овие Србокомунисти воведуваат пракса на континуирано меѓусебно судење помеѓу Македонците преку институциите на државната безбедност. Оние коишто се сметаат за неверни на партиската догма—која се сведува на правдање на лускузите и гревовите на големците—се осудуваат на живот под репресивни мерки. Книга на Матеја, Поглавје седмо:

 

Не судете, за да не ви се суди.

1. Не судете, за да не бидете судени;

2. оти, со каков суд судите, со таков ќе бидете судени; со каква мерка мерите, со таква и ќе ви се мери.

3. Зошто ја гледаш раската во окото на брата си, а гредата во своето око не ја чувствуваш?

4. Или, како ќе кажеш на брата си – чекај да ти ја извадам раската од окото; а, пак, ете, во твоето око има греда?

5. Лицемере, извади ја прво гредата од твоето око, па тогаш ќе видиш како да ја извадиш раската од окото на брата си.

6. Светињата не ја давајте на кучињата, и не си го фрлајте бисерот пред свињите, за да не го изгазат со своите нозе, и откако се повратат, да не ве раскинат. (Зарем тука не станува збор за националниот интегритет? Д.П.)

7. Сакајте и ќе ви се даде; барајте и ќе најдете; чукајте и ќе ви се отвори;

8. зашто секој што сака, добива, и кој бара, наоѓа, и на оној што чука, ќе му се отвори. (Моќта е во наши раце, само со работа кон она што го бараме, ќе го добиеме она што го сакаме. Помислете повторно на ВМРО. Д.П.)

9. Има ли меѓу вас човек, кој, ако му посака неговиот син леб, да му даде камен,

10. и кога посака риба, да му даде змија?

11. И така, ако вие, бидејќи лоши, умеете да им давате на своите чеда добри дарови, колку повеќе вашиот Отец небесен ќе им даде добра на оние што Му бараат?

12. Сè она што сакате да ви прават луѓето, правете им го и вие; оти тоа се Законот и Пророците.

13. Влезете низ тесната врата; оти широки се вратите и широк е патот што води кон пропаст, и мнозина минуваат низ нив;

14. а тесни се вратите и тесен е патот што водат кон животот, и малцина го наоѓаат.

15. Пазете се од лажните пророци, кои доаѓаат во овча кожа, а однатре се волци грабливи.

16. По нивните плодови ќе ги познаете. Се бере ли грозје од трње, или смокви од чичка? (Можат ли Србокомунисти да донесат независност и демократија во Македонија? Д.П.)

17. Па така, секое добро дрво дава добри плодови, а лошо дрво дава лоши плодови;

18. не може добро дрво да дава лоши плодови, нити лошо дрво да дава добри плодови.

19. Секое дрво, што не дава добар плод, го сечат и го фрлаат во оган.

20. И така, по нивните плодови ќе ги познаете.

21. Не секој што Ми вели: »Господи, Господи«, ќе влезе во царството небесно, а оној што ја исполнува волјата на Мојот Отец небесен.

22. Мнозина ќе ми речат во оној ден: »Господи, Господи, не во Твое ли име пророкувавме? И зар во Твое име бесови не изгонувавме? И не во Твое ли име многу чуда правевме?

23. И тогаш Јас ќе им кажам: »Никогаш не сум ве познавал; бегајте од Мене вие што правите незаконски дела!«

24. И така, секој, што ги слуша и исполнува овие Мои зборови, ќе биде како благоразумен маж, кој си направил куќа на камен.

25. И заврна дожд и надојдоа реки, и дувнаа ветрови, и навалија на таа куќа, но таа не падна, оти беше изградена од камен.

26. А секој, што ги слуша овие Мои зборови и не ги исполнува, прилега на човек глупав, кој си направил куќа од песок.

27. И заврна дожд, и надојдоа реки, и дувнаа ветрови, и навалија на таа куќа, и таа падна, а паѓањето ѝ беше страшно.”

28. И кога ги заврши овие зборови, народот се чудеше на Неговото учење,

29. зашто Он ги поучуваше како Оној, Кој има власт, а не како книжниците.

 

Со неговиот последен акт, Исус се жртвува за човековиот род, тој се става себе си како врховен пример за сите нас, дека животот во пеколот кој е производ од задоволувањето на моменталните нагони и отстапувањето од начелото на вистината е безвреден во споредба со Рајот што го нуди чистата совест.

Има голема вистина во зборовите на преданите кон ликот и делото на маршал Тито дека токму тој ни ја подарил државноста, та дури и ни дал за внатрешни потреби се крстиме по сопственото име, а притоа да го изоставиме нашето презиме, речиси две илјадагодишното Христијанско наследство. Да, Тито ни подарил штура дражава со шупло име, но времето докажува дека цената којашто ја плаќаме сиве овие години за таа зделка, што една шака луѓе во име на сите нас ја направиле со Лукавиот, била премногу скапа. Оваа Македонија, овој македонски идентитет кој го обивива македонскиот народ е произод на насилното наметнување на еден безбожен менталитет од страна на Големосрпските пајташи. Тито на Македонците им го дава царството што Лукавиот му го нуди на Исус след неговиот пост во пустината. Исус го одбива ова лажно царство, како што привзаниците на ВМРО-ПРАВДА го одбиле царството на Тито.

Денес Македонија талка во буништето на цивилизираниот свет, обремента со неизвесноста за својот опстанок, не само како држава, туку и како поим; онеспособена да застане на цврсто тло. Македонија е куќа изградена на песок. Секој ден во животот на Македонците е агонија. Не знаат кои се, од каде, а најмногу од сѐ, не знаат каде одат. Секој ден е отежнат со неизвесноста за тоа како ќе се обезбеди преживувачката. Секој ден е неизвесност, заради можноста не дај Боже да се искаже политички-морално неподобно мислење или да се покаже „држење“ на самоувереност. Македонците не знаат што е тоа здрав морал, и не знаат како да се ослободат од маките што им тежнеат. Тоа за нив впрочем е речиси невозможно, зашто осум децении тие се предводени од џганот на своето општество, од апсолутно неморални луѓе, бандити, коштаплери и љубоморници. 

Оваа гарнитура е поддржана од мускулот олицетворен во луѓето симнати од планина. Нивниот грев е можеби најтешкиот во оваа констелација, зашто овие кои го сочинуваат вториот ешалон на Србокомунистиочкиот решим се предавници на своите прародители—на оние кои се иселие од градовите и долините и избегале во дивотијата со цел да ја сочуваат верата кога земјата им била поробена од мохамединскиот душман. Тие се пандан на Мојсеевите Евреи, кои по четириест-годишното талкање по пустината, во мигот кога Мосеј се качил на планината да ги добие Божјите Заповеди, почнале да се клонат на златното теле.

За жал, македонските Мојсеевци во разврската на Втората светска војна биле сардисани, биле изложени на нечесни, несовесни судења и ликвидации, а оние што биле задоени со чувството за вистина биле ставани под репресивни мерки и присилувани да се придружат на оние што се поклонувале на лажните идоли. Македонците се предводени од луѓе коишто измамата ја возвишија на ниво на доблест, коишто, за да си ги олеснат своите гревови а и да го направат своето управување полесно, го присилуваат секој чесен Македонец да се приклучи во синџирот на корупцијата при тоа што ќе стане соучесник во нивните плукања во лицето на Вистината и во гробовите на сопствените предци.  Македонците веќе одамна не се во Чистилиштето, туку длабоко во Пеколот.

Бившата југословенска Република Македонија е чедо на Титова Југославија, и на империјалистичка Србија. Отфрлањето на вистината како начело на живеење и како менталитет потекнува од Великосрпската алчност по незаслуженото. Таа во 1991 година, за жал не се роди како кулминација на четири-и-пол децениското геројско делување на измачените припадници на ВМРО-ПРАВДА (подоцна преименувана во ВМРО-Слободна Демократска Република Македонија под патронат на Америка) и на претходното полувековно делување на дејците за мекедонското дело.

Таа не е производ на заклетвата дадена од Даме Груев, Христо Татарчев и Пере Тошев во Ресен во 1893. Таа не е производ на идејата за Македонија – Швајцарија на Балканот: демократска, буржуаска, неутрална, но пријателски настроена држава со крст на знамето. Напротив таа се створи како стратешка погодност на Србокомунистичките интереси како инструмент за зачувувањето на придбивките на Великосрпската политика. Бившата југословенска Република Македонија е дело на крагуевски стипендисти и безбожни вртикапи. Оттука и генезата на самопогубната македонска политика на неморал и лигаво измаништво мора да ја бараме во Југославија, односно плаштот за Велика Србија.

Следејќи го историскиот развој на просперитетните држави и богатите народи, лесно можеме да заклучиме дека основен столб на нивниот успех е почитувањето и следењето на мудроста на старите. Инаку речено, тоа е изразување и практикување на доблеста која ја нарековме скромност. Нашата Јудео-христијанската вера го има зацементирано овој постулат во основните десет правила за животот, на коишто се осврнавме порано. Денес науката открива дека Евреите—особено Ашкеназите—се наумните помеѓу човековиот род, па умно ќе е да го следиме нивниот пример. И нивните преданија.

Денес Македонија талка во пеколкот на неизвесноста заради тоа што нејзиниот карактер е дефиниран во рамките на кодошењето, иследувањето, соучеството во завери, одречувањето од вистината—од денунцирање на нејзиното истражување и од осуда на нејзиното пропагирање. Зборуваме за праксата на плукањето по оние кои одбиваат да се приклучат во синџирот на корупцијата, како метод со кој покварените си ја докажуваат на својата лојалност кон режимот што ги пљачка. Зборуваме и за изопачувањето на историјата низ протегањето на лагата дека Македонците од секогаш биле кодоши—нешто што е апсолутна лага. Тие станале кодоши како производ на државништвото на Тито и на воведувањето на безбожниот Комунизам како општествено евангелие.

Како и нејзиниот неодговорен параспурски родител, изгледите за долготраен опстанок на оваа држава не се многу убедливи. Врпочем, бившата југословенска Република Македонија беше створена како стратешко решение чија што времена потреба сѐ повеќе се губи: Србија веќе не војува (иако се наоружува), па врз неа нема режим на санкции; а ВМРО (физички) повеќе или помалку е целосно уништено. Оттука, логично е таа да ја снема во текот на догледните години. Но тоа можеби и нема да биде толкава голема трагедија, зашто таа, ваква каква што е, не е дом на Македонците, туку нивна отворена зандана—масовен логор за превоспитување и за уништување на вродениот морал што е всаден во секој од нас. Изборот е наш. Ние како чеда Божји сме надарени со способноста да го распознаваме доброто од злото; и како следбеници на Христа сме надарени со спобноста да се исправиме пред искушенијата на Лукавиот како и пред заканите на неговите следбеници. Го имаме неговиот пример—кој верно го проследиле приврзаниците на ВМРО-ПРАВДА—да ја следиме Вистината и кога тоа не делува како удобна и профитабилна опција. Само на тој начин можеме да ги спасиме нашите души и иднината на нашите поколенија.

За времето на нажестоките дни на Србокомунизмот младежите на ВМРО-ПРАВДА, и покрај тоа што биле свесни дека немаат каде бегаат, заталкале по мирољубивиот пат на Исус, тивко ширејќи ја вистината за генезата на нашиот род и за она што е здрав морал. Нив не ги спречил стравот од измачување во Идризово, ниту пак стравот дека нема да се здобијат со политичко-општествено позиции како производ на нивниот завет кон вистината. Нивниот пример треба да ни послужи како светлото што ќе нѐ избави од пеколот на Србокомунизмот. Тие младежи се ставиле во служба, не на земјините идоли и моментални задоволства, туку во служба на своите браќа, на своите родители, и на своите деца. Привзаниците на ВМРО-ПРАВДА, предводени од Дане Поповски, Костадин Смичковки, Благој Мрмевски, Глигор Крстевски и Љубен Костовски, се ставиле во служба на вистината без разлика на привремената неудобност која морале да ја претрпат. Кога ќе ја разбереме нивната порака, тогаш Македонија ќе стане слободна.