Зошто ТВ Нова ја кани Левица на сите дебати

 

 

untitled-dasdasdasdasdasa
 
Просто сум зачуден како е можно еден интелигентен и образуван човек како г-дин* Димитар Апасиев да не сфаќа зошто ТВ Нова кани претставници на Левица 10 пати, односно на сите предизборни дебати!
 
Целта на ТВ Нова е јасна. Идејата е да се промовира Левица што е можно повеќе зашто се мисли дека така, со нивно промовирање и со давање на поголема видливост на оваа партија, таа може да им одземе гласови, со тоа и пратеници, на СДСМ, а од друга страна тоа да не се одрази врз ВМРО-ДПМНЕ. Со оглед на фактот што има малку шанси оној кој се мисли дали да гласа за Левица или СДСМ, некако да се одлучи да гласа за ВМРО-ДПМНЕ. Покрај тоа, власта смета дека Левица и онака не може да ги наруши плановите на ВМРО-ДПМНЕ, зашто за владејачката партија, сепак, станува збор за мала партија.
 

1. Са запрашал ли г-дин Апасиев зошто баш Левица и зошто само Левица е канета на сите 10 дебати на ТВ Нова, а тоа не е случај со другите вонпарламентарни партии? Зошто, на пример, тоа не е случај и со коалицијата ВМРО-НП/ОМ/Достоинство? Не ли му е овој факт сомнителен на г-дин Апасиев и нели тој се запрашува зошто е тоа така? Или, пак, да му пријдеме на ова прашање од другата страна, односно од страната на телевизиите. Зошто и останатите телевизии не ја канат Левица на толку многу предизборни дебати? Големите про-владини телевизии со висока гледаност не ни имаат дебати, ама зошто тоа не го прават другите телевизии? Како тоа само ТВ Нова се одлучи на ваков чекор?

2. Или, пак, да му пријдеме на ова прашање од третата страна, онаа на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Зошто и од каде тоа одеднаш ВМРО-ДПМНЕ се согласи да пушти свој претставник да дебатира со претставник на Левица, кога учеството на ТВ дебати на претставници на владејачката партија е строго ограничено и крајно минимално (ВМРО-ДПМНЕ се откажа од учество на сите дебати на Телма, на пример), а ова е прв случај претставник на владејачката партија да дебатира со претставник на вонпарламентарна партија. И тоа баш со Левица. И тоа насамо, без присуство на било кој друг претставник од било која друга партија. Зошто? Зошто баш со Левица и само со Левица, освен ако власта не смета дека со тоа ќе оствари бенефит, нанесувајќи му штета на СДСМ и претставувајќи ја Левица. Не ли и пречи на Левица тоа што власта ја користи како монета за поткусурување во битката со СДСМ?

 
3. Потоа, ја знае ли г-дин Апасиев генезата на настанокот на ТВ Нова? Не ли прочитал за злоупотребите кај тендерите за чистење на одводните канали, вредни со милиони евра, кои наместо за таа намена завршија за отворањето на оваа телевизија? Видовме што се случи во август во скопските села, на пример, кога одводните канали се преполни со ѓубре и каде заврши надојдената вода – во домовите на жителите на овие села. Не ли му е чудно што оваа телевизија има повеќе вработени од големите национални телевизии кои постојат веќе деценија или две?
 
4. Исто така, дали му е пријатно да биде злоупотребен на ваков начин, како што е тоа сторено во овој прилог (времетраење – 3:16), каде што имаме јасен пример на про-владин спин, односно претворање на поканите и гостувањата на претставници на Левица на оваа телевизија во пропагандно оружје за потребите и на телевизијата и на власта? И каде што поканите до Левица се искористени ем телевизијата да се испере за прекршувањата на Изборниот законик, ем да се нападне ад-хок телото за мониторирање на медиумите во предизборниот период кое е единствена, несовршена, каква-таква, брана против пропагандата од сите страни, но, пред сè, од страната на власта.
 
5. Да не говорам за фактот што претставниците на Левица на овие дебати се ставени во ситуација да полемизираат со вториот или третиот ешалон на ВМРО-ДПМНЕ и со ГДОМ-ците, но никогаш со некој кој е член на највисокото тело на партијата – Извршниот комитет (ИК), а особено не со членови на ИК, чии прислушувани разговори беа објавени од страна на СДСМ, иако и Јанкуловска и Јанакиески и Ставрески и Мијалков се сè уште членови на ова тело и преку него владеат со земјата, додека актуелната Влада е само трансмисија на ИК. Од друга страна, пак, Левица на овие дебати ги испраќа своите највисоки функционери. И, за сета ситуација да биде уште поапсурдна, станува збор и за нивните кандидати за пратеници, кои никогаш не дебатираат со своите противкандидати од ВМРО-ДПМНЕ, зашто во тоа време тие или се на средби со граѓаните во нивните изборни единици, или се на пат за на митинг или токму на митинг.
 
Покрај овие 3 прашања имам и уште 2 забелешки:
 
а). Пропагандата на власта е подла и нема правила. Спомнатиот прилог јасно говори за тоа. Многу лесно може да се случи во клучните дебати идната недела, таман пред изборите, претставниците на Левица да бидат наместени и злоупотребени на разни начини: евентуално претставник на Левица да треба сам да полемизира со неколку провладини претставници, да биде ставен во вкрстен оган и да не му биде дадено време да одговори на обвинувањата, да биде нападнат на личен план со измислици и клевети и да нема време и начин да се одбрани со демант, кој би бил објавен по изборите со оправдување дека е предизборен молк, на пример, да почнат да се вадат полувистини и измислици за нивната соработка со странски невладини организации и да бидат наклеветени дека шверцуваат мигранти незаконски преку граница, што и веќе се случи во излагањата на претседателот Иванов и во пишувањата на провладините медиуми и што лесно може да биде реактивирано, и уште којзнае како се не со оглед на тоа што фантазијата е единствено ограничување кое и стои на патот на пропагандата на владејачката партија.
 
б). Дури и да не случи вакво нешто, евентуален успех на изборите на Левица, после добиената поддршка на ТВ Нова, ќе биде извалкан и нема да биде чист. Овие гостувања и стекнатата видливост преку нив многу лесно ќе можат да се искористат против партијата таа да биде обвинета дека е употребена како стап во тркалата на опозицијата на нејзиниот пат кон победа или барем подобар резултат од постигнатиот, како и дека нејзиниот успех се заснова на поддршката што ја добиле од власта преку овозможените настапи на ТВ Нова. Ова може да стане и дополнително јаболко на раздорот во редовите на сите оние кои сакаат смена на власта.
 
 
*Се извинувам ако употребата на „г-дин“ е навредлива за Димитар Апасиев. Јас така им се обраќам на луѓето. Едноставно, не можам да го употребувам зборот „другар“ за некого кого не го познавам, а и ме потсетува на едни поранешни недемократски времиња на кои не сакам премногу често да се потсетувам.