МИ ТЕ КУРЧАТ ХРИСТОСЕ, А ТИ ПАК ПРОСТИ ИМ, АКО МОЖЕШ

За едно се чудам. Со кое лице Грујо и неговите конкубини, машки и женски, ќе влезат сабајлево во црква да го чествуваат воскресението христово. Нивното присуство ќе биде такво хулење на бога од кое верувам темелите на божјиот храм во кој ќе влезат ќе се затресе толку силно што камен на камен нема да остане. А може и светците од иконите ќе почнат да крварат од очите или ќе избегаат од иконите и фреските и како некои пиранделовски ликови ќе тргнат да бараат нови недовршени икони кои ќе ги пополнат со своето присуство? Да бев јас верник, денес секако немаше да влезам во оној храм каде ќе биде Грујо и неговите верни министерски слуги. Типчето што се жртвуваше за сите нас, такашто заврши закован на греди, ако нешто мразеше за време на својот живот меѓу луѓето, тоа беше лицемерието , суетата и алчноста и ги мразеше оние кои во негово име беа спремни да направат најголеми злодела. А баш такви се оние од харемот на Грујо кои денес ќе се топорат пред тв-камерите и лажно ќе се претставуваат како скромни и богобојажливи христијани.
Оти ако нешто видовме искрено од нив во овие девет години владеење, а особено во последните два месеци откако се разоткри нивниот злосторнички метод на владеење, тоа беше само неограничениот копнеж за моќ и владеење по секоја цена. Сѐ она кое Христос го проповедаше како смртен грев е нивни начин на живот: Опседнатост од богатење и стекнување материјални добра, неспособност за емпатија и простување, сурова одмаздољубивост, замижување пред сопствените маани и слабости, насилничко однесување, уживање во потребата да се понижи послабиот од нив, лажен морал и разни форми на лажно сведочење.
Ете тоа се демохристијаните кои маршираат под палката на Грујо и се претставуваат како заштитници на христијанството и МПЦ, иако делата ги прават целосен антипод на онаа библиска митска слика на добар христијанин за која зборуваше Христос со неговите апостоли, што значи нивниот господар не е од светот горе. Ги слушав и читав нивните изјави овие денови пред Велигден и не можев да не се сетам на онаа крилатица: Најголема умешност на ѓаволот да ги убеди сите дека не постои. Погледнете ги добро и слушнете го она што го зборуваат. Па тие името господово од уста не го вадат, јали за Велигден, јали во било која друга пригода од верски или световен карактер, а нивните души се скапани одвнатре. Им се свирка на нив за она: НЕ ГО СПОМЕНУВАЈ ЗАЛУДНО ИМЕТО ГОСПОДОВО, за она: НЕМОЈ ДА ИМ ГО ПРАВИШ НА ДРУГИТЕ ОНА ШТО ТЕБЕ НЕ САКАШ ДА ТИ ГО ПРАВАТ и за она: ЛЕВАТА РАКА ДА НЕ ЗНАЕ ШТО ПРАВИ ДЕСНАТА. Напротив, тие обожуваат да се сликаат и фалат кога нешто некому даваат, иако тоа е обично некој од нивното политичко стадо, жигосан со нивни жиг. Кон останатите кои живеат надвор од него, обично не се толку дарежливи, да не кажам ич.
И тогаш ќе ги видиш од една страна, како сите се наредиле покрај Дедо Стефан штом му цалнат  неколку стотици илјади евра да изгради црквиче за да се овековечат пред историјата како божји луѓе, а од друга страна ќе се кријат ко пички под кошула кога ќе згасне некој невин детски живот зашто не одобриле триесетина илјади евра за истиот да се спаси со операција во странство. Ќе ги видиш дека им е помило да фрлат милион евра да направат фонтана или гипсана фасада, отколку да спасат девојче чие денови се одброени без итна лекарска интервенција во странство. Тоа само покажува дека човечкиот живот за нив нема ама баш никаква цена. 
Важно им е само да се пресметаат со своите противници. Со физички ликвидации, што ги ставаат во категоријата сообраќајни несреќи или самоубиства или пак, со повеќегодишно изолирање на оние непријатните фаци за нив, во некој од нашите репрезентативни казнено-поправни установи. И во двата случаи оставаат сирачиња зад себе. Христијански и за пофалба, нема што.
Од тајно снимените телефонски разовори се изнаслушнавме како заради нечии лични хирови и повредени суети се злоупотребува моќта од власта за да се уништат реномеата на одредени поедници кои напорно ги граделе со години, новинари и судии. Во речникот на оние како Антонио Милошовски, Гордана Јанкуловска, Сашо Мијалков и Никола Груевски очигледно не постјат зборовите ПРОСТУВАЊЕ и МИЛОСТ со кои беше проткаено целото дело на Христос. Наместо тоа, нивните дела како да произлегуваат од еден сосема поинаков прирачник, драстично поинаков од Библијата, кој усно и преку практична работа се пренесува на припадниците на колумбиските и мексиканските наркокартели. Во него, меѓудругото се вели: Суровоста е предуслов да се зголеми и задржи моќта што подолго.
И уште нешто. Одамна имам расчистено со фактот дека не сум побожен. Знам како да се прекрстам, ама не го правам тоа, зашто не ми е пријатно да правам нешто во што не верувам. Тоа ми е професионална деформација, да не правам нешто на сцена во кое не верувам и тоа е чесно. Ја познавам библијата релативно добро за човек кој не е свештено лице и не мумлам молитви секоја вечер пред спиење во кои посакувам Господ да ми даде ново ауди, вила во Грција или главна премија на лото. Ниту пак барам од него да му прати тешка неизлечива болест на комшијата за да му ја земам козата. Ама едно знам, имам совест и имам простување за оние кои ми згрешиле, нели, до одреден степен, зашто тоа ми е вродено и знам дека не е природно да се живее добро на штета на ближните свои. Затоа не се чувствувам непријатно да признаам дека не сум побожен. Нема потреба да навлекувам маска и да глумам пристојност само затоа што овие две децении зад нас, а особено откако преродбениците владеат е во мода да си побожен и да те видат во црква. Оттука ми е без врска кога некој како она изгубено божјо и преродбеничко чедо Валентина Божиновска повикува на воздржување од објава на нови бомби пред Велигден и повикува на некаква хистијанска солидарност и помирување барем пред големите верски празници и кога противниците на преродбеништвото ќе одлучат да ја послушаат, не заради неа, туку заради политичките поени пред гласачкото тело, кое може да каже: Види какви безбожници, откриваат криминали на власта дури и на верски празници!
Мислам дај, кога ќе сфатите дека она божјото е само на бога и треба да остане што подалеку од политичкото, особено кога со една земја како нашата владеат суштества кои му се поклонуваат на друг господар чија адреса на живеење не е царството господово. Ех Христосе, Христосе, ако сепак те има горе на небесата, да ти кажам нешто... Ти барем воскресна, нас уште нè распнуваат.
 

Сашо Тасевски

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без дозвола од редакцијата на КОТЛЕ