Macedonian Albanian Croatian Dutch English French German Italian Portuguese Russian Spanish

Колумни

Пишува М-р Јанко БАЧЕВ

КАДЕ Е СОФТВЕРОТ, ЗА КОЈ ВРЕДНИОТ ВАНЧО КАРГОВ ПЛАТИЛ 150.000 ЕВРА ПРЕД ДВЕ ГОДИНИ?

Државата мора да ја водат високо компететни, способни и чесни луѓе. Наша цел е успешна Македонија. Ако Македонија е успешна, успешно е и ВМРО-ДПМНЕ. Од идната недела најмалку еден ден во неделата секој министер, функционер и директор ќе биде со граѓаните на теренот, со народот ќе ги посетувате вашите подрачни единици, институциите од вашата област, здруженија и групации, луѓето од чии пари земате плата. Ќе ги слушате проблемите на граѓаните на отворени трибини, ќе ги слушате нивните маки, изблици на бес и нервоза и разговарајќи со секого, гледајќи го во очи ќе барате решенија за нивните проблеми. Вака беседеше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во своето обраќање на 14. конгрес на партијата што се одржа на 5 и 6 март во во Битола.                        
Речено - сторено. Предвремените избори, иако се уште е неизвесно кога ќе се одржат, ја поттикнаа ВМРО-ДПМНЕ да го почне предизборниот карван, и на тој начин да ги спроведе во пракса споменатите заложби на Груевски од партискиот Конгрес во Битола.


ХУМАНИТАРНА ВИКЕНД - МИСИЈА!


Имено, изминатиот викенд владините функционери се растрчаа низ земјава за да делат донации од запленета стока на царината, која е дел од акцијата на Владата за донирање на шверцувана стока во 17 социјални центри низ земјата и резултат на борбата против корупцијата и криминалот. Во рамките на оваа владина акција, дел од владините функционери донираа предмети и стока во Скопје, а дел од нив и во градовите низ земјата. Се разбира, од име на владата беше порачано дека во овој потег воопшто не треба да се бара политичка заднина, туку единствено да се сфати како хуман гест. Затоа, големата количина шверцувана стока запленета од македонската царина и понатаму ќе се распределувала на социјалните категории во рамките на владините напори за подобрување на условите за живот на ранливите категории. Не изостанаа и фалбите дека сето тоа е заслуга на Царината, пропратено со тврдењето дека Владата преку Царинската управа, не го дозволува и го спречува криминалот.


Значи, според владините функционери, во основата на дарежливата владина акција лежи успешната работа на Царинската управа на Македонија. Меѓутоа, доколку се ѕирне поблиску одвнатре во работата на Царинската управа, се гледа спротивното - комоција и неодговорност во трошењето на буџетските пари. Бидејќи премиерот Груевски од партискиот конгрес во Битола порача дека владините функционери ќе ги слушаат проблемите на граѓаните, нивните маки, изблици на бес и нервоза и ќе разговараат со секого, гледајќи ги во очи ќе барат решенија за проблемите, ете, во оваа прилика како граѓанин на оваа држава сакам да ја слушнат мојата мака, мојот изблик на бес и нервоза поради луксузирањето и расипничкото трошење на народните пари  од страна на Царинската управа со благослов на директорот Ванчо Каргов!


Затоа, во продолжение на текстот ќе се осврнам на неколку примери за незаконско и неодговорно работење во Царината.  Имено, во рамките на владината акција за донирање на запленета стока од македонската царина, владиниот функционер# Каргов го посети домот за деца без родители „11 Октомври„ каде на децата им додели облека, обувки и играчки. Притоа изрази задоволство од посетата на домот за деца без родители и голема благодарност за добиената благодарница што му ја доделија дечињата во таа пригода. Каргов им возврати дека ова е само дел од она што е запленето и доделено на оваа институција, а во наредниот период ќе бидат донирани и останатите предмети.
Инаку, вкупната вредност на запленетата стока од Царината што беше донирана од владините функционери во нивната хуманитарна викенд - мисија низ државата изнесува 4,7 милиони денари. Меѓутоа, преку расипничкото трошење на народните пари во Царинската управа се извлекоа неколку пати повеќе од споменатите 4,7 милиони денари. Можеби затоа во некоја наредна прилика дечињата од домот без родители „11 Октомври„ треба да му доделат на Каргов не благодарница, туку неблагодарница, бидејќи од една страна се прикажува за дарежлив, а од друга страна дозволува расипничко трошење на буџетски пари. Колку што дозволува просторот, да го илустрирам ова со најмалку четири примери.


ДОГОВОР СО МАКПЕТРОЛ


Прво, недозволиво е преку одредени махинации во Царината да се обезбедува гориво за партиските возила на власта низ земјата. Дотолку повеќе што, премиерот Груевски од Конгресот во Битола порача дека Македонија е пред сериозен предизвик - да излезе како победник или како поразена во борбата против корупцијата и криминалот.  Така, на 2 февруари 2009 година  е склучен Договор за набавка на горива за возила, сукцесивно за период од една година, со број 05-290/5, помеѓу Царинската управа на Република Македонија и Макпретрол АД Скопје. Согласно член 2 став 3 од договорот, Царинската управа можела да набави горива најмногу до износ од 19.620.000,00 денари со сите вклучени давачки. За ненавремено плаќање се засметува законска затеза камата. Овој договор е со важност од 12 месеци, односно, до 2 февруари 2010 година. Поради вредносно неискористување на договорот, склучен е Анекс на постоечкиот Договор, со број 03-004410/10-0001 од 2 февруари 2010 година, со кој се продолжува важењето на договорот за уште 6 месеци, односно, рокот на договорот е продолжен до 2 август 2010 година.
Меѓутоа, по истекувањето на важноста на Договорот  на 2 август 2010 година, внимавајте добор, во периодот од 3 август 2010 до 3 октомври 2010 година, платени се фактури на добавувачот Макпетрол во износ од 770.032,00 денари. Ова се прави спротивно на Законот за јавни набавки и член 4 од Упатството за ликвидирање на сметководствени документи во Царинската управа број 01-24839/1 од 19 септември 2008 година. Односно, извршено е  иницирање и одобрување на фактури за кои не е спроведена постапка согласно Законот за јавни набавки.    
Значи, иницирани и одбрени се фактури по временското истекување на договорот, но, внимавајте добро повторно, овие фактури не се пријавени во Министерството за финансии - Трезор за плаќање. А вкупно неиницирани фактури заклучно со 31 октомври 2010 година се во износ од 1.405.095,00 денари, од кои само 2 фактури со број 445180 и 145887 во вкупен износ од 87.522,00 денари се однесуваат на периодот во кој важел договорот, а другите во износ од 1.317.573,00 се обврски кон добавувачот во периодот по временското истекување на Договорот. Дури, Царината недозволиво си дозволила и таков луксуз да плаќа и затезна камата на добавувачот во износ од 314.898.00 денари.                                    
Значи, регуларноста на превземањето и плаќањето на обврските согласно Договорот за набавка на горива не е спроведена согласно Законот за јавни набавки и Упатството за ликвидирање на сметководствените документи на Царинската управа. А не треба некое посебно правничко знаење да се знае што значи превземање на нешто што не во согласност со законот. Поточно, спротивно на Законот за јавни набавки не е склучен договор за јавна набавка на гориво во периодот од 2 септември до 3 ноември 2010 година, иако во тој период е набавувано и плаќано гориво. Со тоа, од страна на Царинската управа иницирани, одобрени и платени се фактури кон добавувачот Макпетрол во износ од 770,032,00 денари, без спроведена постапка за јавна набавка. Не е вршено одобрување на влезните фактури во поглед на вредноста на склучениот договор, односно, иницирани и одобрени се фактури за набавка на горива, за период, за кој Царинската управа нема важечки договор за јавна набавка и преземани се обврски поголеми од вкупната вредност на Договорот. Што е најинтересно, сето тоа е криено, односно, истите не се пријавени во Министерството за финансии - Трезор за плаќање. Така, еден дел од горивото набавувано и плаќано од Царинската управа завршувало по патиштата низ Македонија, со цел, партиските активисти на власта да можат, нели, да го ислушаат народот и неговите проблеми и притоа да ги претстават решенијата содржани во Преродбата во сто чекори.


ДВА АНЕКСИ ЗА ЕДЕН ДОГОВОР!


Второ, Царинската управа била особено дарежлива и не се штедела при наградување на своите вработени со буџетски пари за научни ангажмани. Така, на двајца свои раководни службеници, П.Р. и В.З. им исплатила 388.570,00 денари на име авторски хонорар за некакво научно истражување, внимавајте добро, за потребите на самата Царинска управа како корисник. Значи, милина, ем како вработен во царината си примате плата, ем си терате наука за потребите на Царинската управа, за што повторно ве плаќа Царината и тоа за научно истражување што влегува во описот на работните задачи. Сигурно ви звучи премногу познато во контекст на аферата со некои други владини функционери, кои за својата работа ем примале плата, ем хонорари, заради што, засрамени пред извесно време ги враќаа примените хонорарни парични средства со каса прими. Се разбира, Каргов, како старешина во Царинската управа водел сметка за секоја ситница, па така, во авторскиот договор што го потпишал, во член 5 определил дека договорните страни одделно се спогодија за рамномерна поделба на авторскиот надоместок меѓусебно. За секој случај, споменатите П.Р и В.З да не се испотепаат меѓу себе кога треба да го поделат доделениот хонорар од 388.570,00 денари.   
Трето, Каргов треба да одговори на прашањето, зошто Царинската управа потрошила 150.000 евра државни пари за набавка на непостоечки софтвер, кој се уште го нема во Царината. Царинската управа платила 8.917.500,00 денари за софтверот за единствен интегриран информациски систем, кој до ден - денешен не е набавен. Според документите, Царината во јули 2008 година склучила договор со фирмата „СРЦ системска интеграција„, но парите, иако се исплатени, Царинската управа останала без интегриран информатички систем. Дури, споменатата фирма „СРЦ системска интеграција„ како добавувач не доставила ниту банкарска гаранција на износ од 5 отсто од сумата, а која требало да ја достави веднаш по потпишувањето на договорот.


Четврто, на 30 јануари 2009 година е склучен договор за јавна набавка на систем за обработка на царински декларации помеѓу Царинската управа на Република Македонија претставувана од директорот Каргов од една страна како набавувач и италијанскиот конзорциум ИТЖМАЦ од друга страна како добавувач. Вредноста на договорот е 2.328.200,00 евра. Предмет на овој договор е јавна набавка на Систем за обработка на царински декларации и поврзани услуги.  Покрај споменатиот италијански конзорциум, во игра за оваа јавна набавка била и Царинската управа на Република Естонија, која го изгубила тендерот за минимален број на поени. Меѓутоа, во случајов е интересно тоа што директорот Каргов после потпишувањето на договорот со италијанскиот конзорциум, дополнително со овој конзорциум склучува два анекси на Договорот. Со првиот анекс од 25 декември 2009 година, Каргов недозволиво ги менува условите од тендерот, односно, прави измена на договорот за да може да исплаќа авансно од постигната цена, иако таква обврска не постои во основниот договор. Со вториот анекс пак, од 21 мај 2010 година, Каргов го пролонгира рокот за примена на системот. Директорот Каргов не смее да го прави тоа, а дури има исплатено и 435.000 евра, иако банкарската гаранција на добавувачот во тој момент е истечена и воопшто ја нема во Царинската управа на Република Македонија!


За крај, да потсетам дека пред извесно време, ВМРО-ДПМНЕ ја информираше македонската јавноста дека започнале со подготовката на новата изборна програма во пресрет на претстојните вонредни парламентарни избори. Притоа ги повика и македонските граѓани да се вклучат со свои идеи и предлози во изработка на нивната нова изборна програма. Во оваа насока, како граѓанин на Република Македонија согласен сум оваа колумна да биде своевидна идеја до ВМРО-ДПМНЕ, односно, предлагам напишаното во колумната за расипничкото трошење на буџетските пари во Царината да се земе во предвид во контекст на запишаното на страна 67-69 од Преродбата во сто чекори дека владата на ВМРО-ДПМНЕ има три основни принципи во своето работење: чесност, транспаретност и одговорност и нулта толеранција за корупција на сите владини структури.            
Граѓаните очекуваат ВМРО-ДПМНЕ како сериозна политичка партија која одговорно и пристапува на политиката да го прифати овој предлог кој е за општо добро. Доколу пак, не го прифатат овој предлог, како претседател на Народно движење за Македонија (НДМ) не гарантирам дека во догледно време нема да се појави некој член или симпатизер на НДМ со порака: „Јас не сум ВМРО-ДПМНЕ, јас сум НДМ, но, и јас сакам Царината да врши набавка на горива за партиските возила на НДМ во претстојната предизборна кампања„!


Авторот е Претседател на Народно движење за Македонија





пишува Владимир Костовски

 

 

СТЕЧАЈ ЗА МЕДИУМИТЕ И „НОВИНАРИТЕ“ ВО МАКЕДОНИЈА !

 

Неможноста да се излезе од затворениот погубен круг на двете братски партии во Македонија, ВМРО ДПМНЕ и СДСМ, во добар или и најдобар дел се должи на катастрофалната состојба со новинарството во земјата. Без точни, правовремени и сеопфатни информации, нема слобода на избор. Не бадијала, медиумите во секој учебник за држава и право се ставени како четврт елемент на власта. Оттаму, во Македонија, не само А1, туку повеќето медиуми треба да се затворат, самоукинат, самораспуштат, а една од првите силни реформи што треба да се прави, се реформите на медиумите и во новинарството


Со големо задоволство и сладострастие ги проследуваме информациите за аферата поврзана со тројцата европратеници, меѓу кои и нам познатиот Зоран Талер. Задоволството и страста не се од иста природа и мотив кои ги има во моментов и интензивно ги чувствува лидершипот на десната банда во македонската политика, номинално предводен од премиерот Н. Груевски.

 

Тие ако нема друг начин, преку своите „длабоки“ Орцекамчевски врски во британската влада, секако дека ќе изнајдат начин да им се заблагодарат на уредништвото и на новинарите на Сандеј Тајмс, кои успеаја мудро и минуциозно да ги насанкаат корумпираните политичари. Секако дека задоволството кај лидершипот на десната банда е потполно, зашто сега ќе имаат дополнителен погон во нивната пропагандна антиевропска машина да ги заверглаат старите приказни дека Талер е скриен СДСМ-овец и дека за таа цел тајно соработувал и со „дописничките“ од Брисел на македонските медиуми, се’ со цел да се урне ВМРО ДПМНЕ од власт и на законски или незаконски начин да се врати „левата“ банда на СДСМ.

 

Ние, се разбира, нема да невлегуваме во овие тврдења, иако по открититето на Сандеј Тајмс не би не зачудило се’ што се тврди за Талер да е точно, до последната буква.

 

Нашата причина за сладострастието и задоволството од откриената афера, всушност се должи на докажаното и правоверно новинарство, кое како четврта власт во секој демократски поредок има огромна одговорност да се занимава со точно, прецизно, сеопфатно и правовремено информирање на јавноста, т.е. на граѓаните, за сите битни аспекти од нивното живеење, особено за односот на избраните или делегираните функционери во сите институции што се важни за нивното општество.

 

Де факто, првата и најзначајната одговорност на медиумите и новинарите е да го информираат гласачкото тело, со цел демократијата да функционира, т.е., избирачите да имаат точни информации врз основа на кои ќе го носат својот суд за политиката и политичарите. Да знаат точно и прецизно кој ги лажел, а кој не, кој само ветувал, а кој исполнувал и кој, е каков. Само врз основа на тие и такви информации, граѓаните со право на глас ќе ги имаат предусловите да донесат објективна и заснована одлука, за тоа на кого на наредните избори ќе му го пренесат своето суверено право да владее со државата во нивно име.

 

Без оглед на мотивите на весникот, без оглед кој е неговиот сопственик и какви интереси има тој, во западното новинарство се уште доминантна категорија е виситината, а се уште доминантна алатка за да се дојде до нејзе, е истражувачкото новинарство. Тоа го покажува и овој пример со Сандеј Тајмс, тоа го покажуваат и стотици други примери, меѓу кои, секако, помаркантни во блиско минато беа аферите со Берлускони и со корупцијата на Жак Ширак.

 

Ете таму лежат основите за вистинското задоволство и сладострастие од оваа голема афера. Во вистинското и професионално новинарство, кое ги почитува оние за кои е наменето – публиката, т.е. граѓаните, од кои на крајот на краиштата и всушност живее, т.е. зема плата.

 

А1 под стечај?

Во изминатите неколку дена повторно до точка на усвитување во македонската политика, т.е. во односите меѓу левата и деснат банда (а по вертикала и хоризнотала низ целото општество), се врти темата за македонските медиуми. Случајот со замрзнувањето и одмрзнувањето на сметките на А1 ТВ, како една од фирмите инволвирани во аферата Рамковски, стана битен услов за тоа дали ќе имало избори или не или евентуално дали на тие избори ќе учествувала левата банда и нејзините сателити или пак, ќе ги бојкотирале.

 

Покрај А1 ТВ, тука ги замешаа и дел од медиумите на другата голема медиумска групација во Македонија, медиумите на германски ВАЦ, со недамнешната најава од компанијата, дека во рамките на рационализацијата и поуспешното работење, се размислувало за згаснување на Утрински Весник.

 

Логиката на покренување на овие прашања во јавноста, особено од левата банда, секогаш се заснова на тезата дека станува збор за медиуми исклучително критички настроени кон десната банда, која пак, еве ја, се служи со нечесни методи и со вон законски и вон европски практики, да ги затвори и да ги замолкне критичните медиуми, со цел да оствари предност во јавноста воопшто, а особено пред изборите.

 

Иако неволно, повторно се решивме да се позанимаваме со македонските медиуми и со македонското новинарство.

Прво, точно е дека власта со политички притисок и со селективно гонење на криминалот удира по А1 Телевизија, како најескпонирано и најопасно оружје и на Рамковски и на Црвенковски. Во тоа нема сомнение, исто како што нема сомнение дека А1 ТВ, односно менаџментот на телевизијата, правел криминал врз основа на кршење на повеќе закони од областа на финансисиите и даноците. Истото важи и за весниците регистрирани на „Перо Наков“ бб, Шипц, Време и Коха.

 

Нема сомневање дека се колатерална жртва со Велија, се А1, иако и тие со години, исто, така ги кршеле законите. Значи, ниту во криминалот има сомневање (иако во неговото докажување се тргна полуподготвено, килаво и процедурално сомнително), ниту пак има сомневање во селективноста на власта, т.е. на деснава банда, во гонењето и расчистувањето со тој криминал, поради добро познати мотиви.

 

Потполно е исто со поновиот случај со Утрински Весник. Нема никаков сомнеж околу тоа дека деснава банда го смета за антивмровски и за непријател. Но, исто така, нема никаков сомнеж околу фактот дека тоа е весник со еден од најмалите тиражи во Македонија, дека речиси и нема рекламни клиенти, а се слуша и дека со години прави загуби во компанијата што го издава, кои се мерат со стотици илјади евра годишно. Сето ова значи, дека вистината никогаш не е баш црно- бела и оти има повеќе лица (најмалку две), кои секогаш треба да се истражуваат за да се претендира на нејзе.

 

Но, ние тука не сакаме да зборуваме за овие лица на вистината, кои веруваме им се познати на голем дел од јавноста, т.е од консументната маса на споменатите медиуми. Ние тука сакаме да потенцираме еден друг страшен факт, за кој и македонската јавност и самото новинарство, т.е. медиумите, упорно молчат и не го признаваат.

 

А тое е фактот дека македонското новинарство е во ужасно лоша состојба кога е во прашање професионализмот и кога е во прашање општествената одговорност на медиумите, кои без оглед дали се приватни или јавни, се занимаваат со јавно одговорна задача.

 

Проблем стана фактот – алфа и омега на новинарството

 

Имено, никој не се занимава со фактот дека во македонското новинарство, обратнопропорционално со растот на бројот на медиумите, исчезнува професионалното новинарство.

 

Колку што нам од општа култура ни е познато, еден од основните постулати врз кои лежи информирањето или новинарството пошироко, е вистината, т.е. вистинитоста на информацијата која се пренесува, за настанот за кој се известува. Во македонските медиуми, после толку години практикување, божем слободно и објективно новинарство, ослободено од стегите на едноумието на комунизмот, вистината е една од попроблематичните категории.

 

Земете го било кој настан од поголемо политичко или економско значење, вие ќе прочитате различни факти во различни медиуми, за иста работа. Во зависност од тоа дали медиумите биле блиски на левата или на десната банда, вие ќе се информирате на насловната страница на весникот или во ударната вест на телевизиските вести дека, на пример, „лидерската средба успеала, лидерската средба делумно успеала или лидерската средба е неуспешна“(се мисли на последното собирање на шефовите на бандите кај претседателот Иванов во врска со изборите).

 

Наместо да се оди со факти, се оди со оценки дадени неофицијално од бандите или пак, со оценки на уредувачките тимови на медиумите. Ова е само еден пример кој намерно го издвојуваме за да покажеме дека во македонските весници, радија и телевизии, денес се соочуваме со проблем, како граѓани и консументи, како гласачи ако сакате, да ја дознеме вистината. Ако ова е проблем на граѓаните во Македонија, на гласачите во дијаспората се разбира им е уште поголем проблем, без оглед на достапноста на информациите преку интернет.

 

Значи точноста или вистинитоста или фактите, се проблем со најголема тежина во денешното новинарство во Македонија.

 

Манипулативност

 

Вториот проблем кој испливува на површина, а е поврзан со првиот, е манипулативноста на македонското новинарство. Пропагандизмот и негативната селекција како дел од манипулативните алатки, уште и некако ќе го разбереме и ќе му се најде макар и тенко оправдување.

 

Тоа е она кога ќе пуштите вести на А1 и кога од прва до последна минута се редат прилози од кои треба да заклучите дека се е негативно во Македонија. Од тутунарите и лозарите, преку здравството до социјалата... Ама баш се’ е лошо, црно, да поцрно не може да биде. Ви зборуваме и за обратниот пример, кога ќе седнете да одгледате вести на Сител на пример, ќе стекнете впечаток дека се’ што прави актуелната власт (во случајов десната банда), е позитивно, умно, визионерски, градителски, патриотски, државнички... Тоа е таа пропаганда и негативна или позитивна селекција која ја гледаме и читаме денес во македонските елекетронски или пишани медиуми. Наместо новинарство, наместо истражување на факти, вие гледате пропаганда и манипулација.

 

Како што рековме, таа манипулација уште и ќе ја разберете. Но, што да правиме кога во име на цели на оние што ги злоупотребуваат новинарите и медиумите, се манипулира со факти? Како што беше случајот со лажното писмо на Филе до Груевски, во врска со слободата на медиумите во Македонија, а објавено помпезно како главна вест на А1 ТВ?

 

Што кога ќе видите дека во име на цели што немаат врска со новинарство и демократија, ќе монтираат писма или ќе измислуваат други факти, дури и во врска со институции какви што се еден еврокомесар на пример? Како тогаш да поверувате дека Н.Н. бил кодош и за тоа во некој медиум ќе се појави некаков си документ или дека Н.Н. бил криминалец и ја ограбил државата со милионски суми?

 

Да заклучиме, манипулативноста со лажни факти во македонското новинарство никогаш не достигнала поголема застрашувачка еуфорија каква што имаме во моментов. Вистинско цунами!

Површност, локалност, самобендисаност

 

Третиот негативен елемент кој го ничкосува македонското новинарство е површноста, која доаѓа од неукоста и катастрофалната образовна структура на самите новинари. Станува збор за такви еклатантни примери од кои како гледач или читател се срамите.

 

Тоа е така, затоа што во македонското новинарство може секој да работи и затоа што нема строга профилираност на новинарите, да речеме некој вид специјализација, а за супспецијализација и да не зборуваме. Земете најбанален пример – спорт и известување за спорт. Еден ист новинар ве информира и известува и за фудбал и за скијање и за формула еден и за ракомет и за американска кошарка. Но, тука последиците не се толку видливи.

 

Што на пример, кога еден ист новинар се нафаќа да известува за политички прашања, да речеме меѓуетничките односи, а утре истиот тој го читате како дава „експерстско“ мислење за тоа дали на Македонија и’ треба или не и’ треба нуклеарна централа или пак, дали Македонија треба да има поголеми или помали даночни олеснувања во делот на данокот на добивка или пак, дали Народната банка треба да ги зголеми или намали каматните стапки..?

 

Површноста во македонското новинарство се гледа ама баш во сите области со кое тоа се занимава. Човек што не знае што е слепо црево, што е рентген, а што е буџет во здравствен систем и како тој се распределува, ве известува комплетно за здравството. „Новинари“ што не знаат да прават разлика меѓу фискална и даночна политика ве известуваат и градат јавно мислење за економските политики во државата. Лица што немаат појма што е киловат, а што мегават час, известуваат за енергетската политика, а други што лажно и несвесно се претставуваат како новинари и уредници, не знаат што е извршна, што законодавна, а што е судска власт и каков е односот меѓу трите власти во еден демократски поредок.

 

И уште нешто, што е многу забележливо. Колку површноста на македонските новинари е поголема, толку поголема е и нивната самобендисаност. Не дај боже соговорникот да се обиде да им укаже на „новинарите“ на нивното незнаење!


Четвртиот негативен елемент што испливува на површина и што е поврзан со претходните три, е локализмот на денешното македонско новинарство. За секој просечно образуван, начитан и прошетан човек (се мисли прошетан низ светот), беше срамно деновиве да консумира македонски медиуми.

 

Срамно беше да се гледа како трагедијата во Јапонија се третира на внатрешните страници од весниците или како одлуката на Советот за безбедност на ООН за интервенција врз Либија и Гадафи, како и за првите крстосувачки ракети што беа истрелани, се вест која ќе се спомене во најавата на ТВ вестите, а потоа за нејзе ќе се информира во, да речеме, 25 минута од информативната емисија, во рубриката „вести од светот“.

 

Овој локализам на македонското новинарство е присутен многу одамна. Практично, по рушењето на комунизмот (кога се одеше во друга крајност), и е исклучително штетен за јавноста, за граѓаните. Долгодецениската затвореност поради визите и сиромаштијата, кои целосно негативно се одразуваат врз градењето објективна слика на македонската јавност, дополнително е потенцирано со локализмот практикуван од македонските медиуми. Освен ако не станува збор за забава, за животот на славните, се’ друго што се случува во светот за македонското новинарство во најмала рака е второстепено, третостепено, четвртостепено... Се’ така, до крајната граница – небитно за тоа да се информира.

 

Тоа е една катастрофално срамна позиција која со години се негува во македонските медиуми и која да повториме, само уште повеќе ја одалечува државата и нејзините граѓани од светот.

 

Исклучоци што го потврдуваат правилото

 

Ова се главните негативни елементи што се поврзани со самите медиуми и со новинарите, практично со квалитетот на новинарството во Македонија. За категории какви што се целосност на информација (втор, трет, четврт извор, споредни елементи битни за сторијата...), за категории какви што се навременост, избалансираност, чувство на одговорност кога се информира за малцински и загрозени општествени групи или пак, за религиски прашања, за категории кави што се документаристика и фелјтонистика во македонското новинарство, не вреди ни да се зборува.

 

Тоа се високо поставени и засега недостижни цели на македонските медиуми. Ние тука се обидовме да ги истакнеме главните, основните критериуми што го прават денешното македонско новинарство да биде на очајно ниско професионално рамниште.

За причините веќе сме пишувале. За бизнис и политичките и за мафијашко-полициските замешателства во македонските медиуми, кои се претворија во платформи за се’ и сешто, само не за информриање на јавноста, не само ние, туку и други пишувале.

 

Тука само ќе потенцираме дека една од најголемите и најнужни реформи со кои треба да се позанимава секој оној што има намера чесно и честито да управува со Македонија, е реформа во медиумската сфера: додека самите новинари како еснаф треба да се позанимаваат под итно, односно под најитно, со професионалните стандарди на новинарството, кои во најголем дел отсуствуаат.

 

На почетокот веќе рековме дека вистината секогаш има повеќе лица. Се разбира дека не сите медиуми и не сите новинари во Македонија се онакви какви што ги опишавме погоре. Такви се најголемиот дел од нив, а постојат исклучоци што само ја потврдуваат генералната состојба.

 

Затоа, кога денес се зборува за стечај и затворање на А1 ТВ, на Време, Шпиц, Коха, Утрински... всушност многу се греши! Во Македонија под итно треба да се (само)укинат 90 отсто од медиумите. „Стечај“ за сите такви !!!

 

Пишува Константин Леонов

 

ЗОРАТА НА ОДИСЕЈ ИЛИ САМРАКOT НА БОГОВИТЕ


Прилично е разочарувачки e погледот низ македонските медиуми деновиве, во врска со кризата во Либија. Главно сведени на (дез)информации филтрирани низ западните воено-пропагандни штабови и добиени од неколку „проверени“ мејнстрим агенции чија цел на постоење да ги покриваат дубиозите на „големите“ политики, македонските медиуми не понидија објективно информирање за последните настани во оваа земја, како и за тоа што претставува Либија. За воља на вистината, низ целиот свет е така, но таму барем има помали алтернативни „гласници“ кои го исполнуваат својот свет долг да ја кажуваат вистината. 

Исчезнаа и „големите“ меѓународни и експерти и аналитичари од општа пракса за се, сешто и за ништо  -- молчат како во изреката: Кога лавовите се бијат вошките се кријат. И оние што по нешто „поткажуваат“ го прават, главно, како платени агенти од влијание на споменатите пропаганди или пак се подготвуваат за бојкот на изборите, додека нивните телевизии фалсификуваат писма од еврокомесари. Овој текст е пишуван во недела, ден по нападот. Очекуваме „професорот“ Стево Пендаровски да издроби некоја дрдорлива и преџвакана интрнејшенел анализа, приготвена и „позајмена“ од споменатите штабови за миење мозоците. Тој е барем познат аналитичар: додека работел во Аналитика во  МВР, анализите и информации прво по факс ги праќал во преку океанот. На проверка, џанам.

Остана ли малото „Котле“ единствениот демократски медиум во државата? Зошто нема реална и објективна информација за Либија? Како и да е, од друга страна, и на Македонците и на сите во светот им е јасно за што се работи. Благословен е интернет во рапидното подигање на политичката свест во светот (заради што истите штабови кројат планови драстично да го цензурираат), но и од досегашните искуства од такви демократски интервенции луѓето веќе знаат се, главно. Таа нова состојба неодамна го натера токму Збигњев Бжежински возбудено и речиси резигнирано да констатира: „Другата голема промена во меѓународните односи е дека за првпат во севкупната историја човештвото е политички освестено...тоа е тотално нова реалност...тотално нова реалност.“ Се разбира, таа тотално нова реалност отворено зборува и за неговата погубна улога на Блискиот Исток, но тоа е друга приказна, иако дебело поврзана со нашата.


Прогресот на Либија


Значи, што всушност се случува во Либија?Да почнеме прво со некои факти за оваа земја, кои не зависат од тоа дали Гадафи ви се допаѓа или не. Пред да избие „револуцијата“, Либанците беа богат народ, имаа највисок БДП во цела Африка, поголем од која било балканска земја, на пример. Што е најважно, владата направи тоа богатство да биде рамноправно распределено низ целата земја. Имаа највисок индекс на севкупен човечки развој на континентот. Можеби не ви се верува, но Либија имаше понизок процент на население под прагот на сиромаштијата од Холандија.  Само околу 5 проценти од населението имаше проблеми со сиромаштија, но и тоа ќе беше брзо надминато.

Пред хаосот, во земјата имаше помалку затвореници отколку во Чешка, на пример. Либија е земја со најниска стапка на смртност во Африка и највисок просечен животен век. Како одговор на растечките цени на храната, Либиската влада ги укина сите такси на храна . Во Либија, за разлика од повеќето арапски земји, жените имаат право на глас, можат да одат на училиште и да засноваат работен однос – цивилизација, бре!  Земјата достигна ниво на описменетост на населението од 90 проценти.

Како таа земја стана толку напредна. Со помош на нафтата, се разбира, но таа нафта не беше контролирана од странски експлоататорски коропорации, туку сите приходи остануваа во земјата. Сега, една од главните цели на операцијата „Зората на Одисеј“ е да ги дограби богатите либиски извори на нафта. Тоа му е секому јасно, според искуството со Ирак и други земји. Гадафи не ја даваше нафтата; тој всушност „нареди“ приходите од нафта директно да се распределуваат на населението во разни облици.  Веројатно е тоа недозволиво и недемократски во контекстот на корпоративната глобализација.


Недозволив успех


Ззгора на тоа, тој  жестоко го обвинуваше Западот за редица настани, но пред се се залагаше за концепт на Соединети Африкански Држави (настрана од Арапската лига која е главно под контрола на Запад и која побара воена интервенција врз Либија); ги обвинуваше САД за создавање на ХИВ вирусот, тврдеше дека Мосад стои зад атентатите врз Кенеди и Мартин Лутер Кинг, дека киднаперите на авионите од 11 септември 2001 се обучувани од американски структури (но и пропагираше доброволно давање крв за настраданите од нападот).  Тој, секако, е егоцентричен автократ кој ја ползува арапската традиција на желба за доминантни водачи, но како и да е, со редица мерки, од кои повеќето очигледно социјалистички, тој успеа да ја обедини, индустријализира и подигне земјата достигнувајќи ниво на стандард кое е 100 пати повисоко од она под режимот на Кралот Идриз Први. Многу различна ситуација од онаа Во Египет и Тунис, каде што „револуциите“ беа  успешни...скоро ќе видиме колку.

Јасно е дека Гадафи беше трн во окото на предводниците на новиот светски поредок: од една страна не дозволуваше странски пристап до нафтата и другите либиски ресурси, од друга беше жесток политички противник, а од трета Либија покажуваше резултати на голем прогрес, надвор од системот на доминација на Западот. Очигледно недозволиво, нели?


Инсталирање на „револуцијата“


Затоа, решија да го тргнат и му стокмија револуција во серијата инструирани немири долж африканскиот брег, како етапа кон многу поголема стратегиска цел. Но многу работи се чудни тука. На пример, Советот за безбедност на ОН донесе резолуција за забрана на летови над Либија за само неколку часа, додека за Ирак за тоа требаше месеци да поминат...ОН кои знаат со години да петљаат со многу поситни проблеми, сега беа многу ургентни. Се разбира, претходно беа инсталираа бунтовници, поттикнувајќи стари етнички анимозитети во регионот на Бенгази. Чудно е што „бунтот“ не започна во главниот град Триполи, туку во провинцијата, но чудно е само за оние што не знаат дека причини за бунт нема.

Потоа уследи информативната војна. Бунтовниците само што не го фатиле Гадафи, а тој пак избегал од земјата. Имал толку и толку милијарди на странски сметки, бил лудак и слично. Со сајбер-напад во најкритичните денови беше блокирана државната либиска новинска агенција, така што светот немаше информации од другата страна. Кога владините сили тргнаа во противнапад, поразувајќи ги бунтовниците и доаѓајќи во близина на нивното гнездо во Киренајка спремајќи се за конечна пресметка, ѕвоното на Запад заѕвони за узбуна.

Интересно е дека Гадафи неколкупати изјави дека Западот и особено Америка го „предале“, дека ова е дело на Ал Каеда. Отпрвин се чудев дали е толку глупав да не знае кој стои зад Ал Каеда и за што ја употребува, се додека не се проширија информациите дека  првата ќелија на Ал Каеда во Либија е организирана од Велика Британија, со цел да се изврши атентат врз Гадафи. Сегашната главана опозициона група е Националниот фронт за спас на Либија, финансиран од Саудиска Арабија (контролирана власт), ЦИА и француското разузнавање. Оваа група се инфилтрира во опозициското движење, формирајќи ја Националната конференција на Либанската опозиција, кој го организираше „Денот на револтот“ на 17 февруари, кога почнаа крвопролевањата. Патот за воена интервенција беше отворен. Ал(иби) Каеда си ја заврши работата.


„Не зори, зоро...“


Што друго значи војната во Либија? Таа се води за комплетна милитиризација и доминација  врз целокупниот Блиски Исток. Најверојатно ќе има погубни последици како во Аваганистан и Ирак, со целосен долгорочен неуспех да се воспостави стабилност. Ако досега и постоеја знони и држави (како Либија) надвор од таа контрола, сега играта е поинаква. Очигледно е дека креаторите на новиот светски поредок сега применуваат поинаква стратегија. Ако првичното за нив горливо прашање во тој регион (Иран) беше главно сметан како прва наредна цел, сега испадна поинаку. Претходно сакаат да го „обезбедат“ целиот регион, со серија поттикнати револуции.

И тактиката е поинаква. Соочени со фактот дека уште една директна  интервенција на „светскиот џандар“ ќе создаде жесток антиамериканизам ширум планетата, овојпат го истурија напред она кусо егоистично човече Саркози да им биде покритие. Се разбира, тука е и зачинот на секоја лута манџа на Блискиот Исток – Велика Британија. Америка е наводно само логистички поддржувач, но 110-те томахавк проектили испукани во првите неколку часа од нападот имаат далеку поразорно влијание од француските и британските авиони. Цивилни жртви во изобилство, по традиција. Во секој случај, срамна е воздржаноста на Русија и Кина во Советот за безбедност на ОН кога се изгласа уништување на уште една суверена држава.

Либија не е главната цел. Иран е главната цел. (Има уште една, многу поголема, но за тоа друг пат). Обидот за отстранување на Гадафи, како и елиминирањето на  Мубарак и останатите е првата поголема попатна станица пред големата конечна пресметка со централната, најзначајната и најсилната земја од некогашната Персиска цивилизација. Иран на Ахмадинеџад ќе остане последната блискоисточна оаза надвор од контролата на новиот поредок. Самото име на операцијата против Либија „Зората на Одисеј“ носи големо симболично значење и кажува доволно. Но, со оглед на фактот дека целиот свет е целосно политички освестен, се поставува прашање дали таа зора нема можеби да се претвори во „Самрак на боговите“ зад сцената на новиот поредок. Гадафи ги отвори воените магазини со намера да вооружи 1 милион луѓе и ја прогласи оваа војна за „крстоносна против муслиманите“. Со или без него, Големата Војна допрва претстои. Ужас.

ПС: За оние што знаат англиски: погледнете го ова кусо видео со пензионираниот американски генерал Весли Кларк од 2007 година, во кое тој објаснува за одлуките за напад врз Ирак...како почеток на серијата војни на Блискиот Исток.
http://www.youtube.com/watch?v=K4RBUAzFv-A&feature=player_embedded

Во духот на нашата уредувачка политика на медиум на плурализам на идеи, ја објавуваме денешната колумна од Константин Леонов. Групацијата на Ветерани Дисиденти при Комитетот за Демократизација на Република Македонија се оградува од мислењата изразени од господин Леонов.

Трајче Арсов, адвокат од Велес

Кој и да победи, народот губи!


Ако изборите чинат десетици милиони евра плус трошоците за партиските кампањи, нејасно е зошто во вакви услови се форсира политика на предвремени избори. Нели е подобро овие „непродуктивни“ расходи да се искористат како финансиска инјекција за стопанството? Зошто беа организирани предвремени избори во 2008 година? Актуелната власт доби мандат, премиерот пред извесно време даде свое објаснување (парафразирам): „со цел да продолжи со реформите, да не биде спречена и блокирана од опозицијата со опструкции во донесувањето закони во Собрание, а со тоа успешно продолжување на програмата во 100 чекори.“ С` ова навидум е оправдано и легитимно. Сега власта, кога има 2/3 мнозинство во Собранието, за непречено да продолжи во спроведување на своите „реформи“, н` убедува дека е попречена од опозицијата и дека се потребни предвремени избори. Секој просечно интелигентен човек ќе забележи дека овие „искрени“ залагања со косат со оние исти „искрени залагања“ во 2008 година, на кои народот му подари верба! Кое мнозинство ~ е потребно на власта за да продолжи „непречено“ од ниедна партиска групација во остварување на својата програма и до кога народот ќе има трпение!?

Подолго време следиме агресивна медиумска кампања на Владата која очајно бара да изнајде рационални причини со кои ќе н` убеди во неопходноста од предвремени парламентарни избори. Проѕирна е кампањата дека има потреба од предвремени избори „за да се спречат Бранко и СДСМ кои бројат одвај 18 пратеници да продолжи со вештачко создавање политичка криза со бојкотирање на Собранието и правење социјални немири и протести“. Дали ова треба да значи дека секоја идна опозиција кога ќе излезе од Собрание, при првото нејзино излегување власта треба да го распушти Собранието и да организира предвремени избори, за да се спречи политичка криза!? Доколку оправданоста ја наоѓа поради барањата на опозицијата, нејасно е зошто власта не закажа предвремени избори пред 5 месеци, кога тоа од нејзе беше побарано?

Досегашното работење на власта и нејзините изјави индикативно упатуваат на повеќе причини како одговара на овие прашања и на с` што се случува на политичката сцена. Еден од нив е дека власта е под силен „притисок“ по посетата на Вашингтон да донесе одлука од суштински карактер на државата (времето ќе покаже каква), а која сигурно не би одела во прилог на партиските интереси и со тоа драстично да ~ падне рејтингот. Во еден таков вакуум-простор, власта гледа шанса (уверена во своите рејтинзи), што поскоро да обезбеди нов 4-годишен мандат, па потоа да го следи тоа сценарио во режија на Вашингтон. Втората причина е лично-партиска, односно се работи за нерационално и неодговорно однесување на власта по секоја цена да се дојде или остане на власт.

Своја улога има и опозицијата со условување да се одмрзнат сметките на ТВ „А1“ и на останатите медиуми, па да се оди на предвремени избори. Можеби изгледа смешно што и покрај толку стручни и компетентни луѓе од областа на правосудството во партијата, не доаѓа до израз нивниот професионализам. Тие знаат дека решавање на овој изборен предуслов не е во надлежност на извршната и законодавната власт, туку во судската власт. Лидерот на опозицијата е искусен политичар и свесно го условува одржувањето на предвремените избори со ирационални барања да се одмрзнат сметките на „А1“ и на останатите медиуми, познавајќи ја моменталната поддршка што ја ужива телевизијата, не поради нивната „објективност и независност“, туку поради гледаноста на сериски филмови (на кои ниту власта не може да им одолее), забавни емисии, итн. Дали и опозицијата смислено ја користи „А1“ да ги претопи нејзините поддржувачи во партиски симпатизери, тоа треба гледачите да оценат го ако ја согледаат реалноста од сите аспекти.

Кој и да победи, народот губи. Бидејќи редовните избори се 2012 година, да се надеваме дека власта ќе има доблест да се стрпи со избрзани одлуки уште една година, а средствата кои се планирани за спроведување предвремени избори, да бидат пренаменети за развој на стопанството и ублажување на социјалната криза.

Пишува м-р Јанко БАЧЕВ

 

СИТЕЛ И А1 ТЕЛЕВИЗИЈА, ДА НЕ СМЕАТ ДА ЕМИТУВААТ ПРЕДИЗБОРНА ПРОПАГАНДА!



Во моментот кога е пишувана оваа колумна во понеделникот на 14 март, сеуште не е одржана најавената лидерска средба помеѓу Бранко Црвенковски и Никола Груевски на која ќе се разговара за отворените прашања во пресрет на претстојните парламентарни избори. Ставот на опозициската СДСМ е јасен - доколку Груевски не ги исполни условите за демократски избори, тогаш опозицијата ќе ги бојкотира изборите. Патем, како знак на добра волја, Црвенковски минатиот петок соопшти дека деблокирањето на сметката на А1 не е предуслов за разговори, туку тоа ќе биде тема на меѓупартиски разговори, а остануваат и на другите претходно соопштени услови.            
Севкупно, македонските граѓани очекуваат на директната средба Црвенковски-Груевски да се изнајде начин за излез од политичката криза, и, притоа, да падне договор за денот на вонредните парламентарни избори. Односно, лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ да се договорат, дали да имаме предвремени избори во мај или во јуни на кои ќе учествуваат сите политички партии, или, пак, Груевски ќе го преземе ризикот и ќе оди сам на избори. Иако не е најбитно, дали предвремените избори ќе бидат во мај или јуни, туку битно е да падне договор за правилата на изборната игра, посебно прашањето со блокираната сметка на А1 да биде расчистено!


ПОЛИТИЧКИ ДОГОВОР ЗА  БЛОКИРАНАТА СМЕТКА


Значи, колку и да испорачуваат барања од СДСМ, сепак, во суштина, блокираната сметка на А1 и понатаму останува главниот услов поставен од опозициската СДСМ, која бара премиерот Никола Груевски да ја одмрзне сметката, како што ја замрзнал, по што ќе го прифатат неговиот повик за предвремени избори. Од друга страна, во случајот со блокираната сметка на А1, токму Груевски во јавноста демонстрираше непопустливост со изјавите кои се сведуваат на тоа дека не сака ниту да помисли, а камоли да разговара за одмрзнување на сметката на А1 телевизија, правдајќи се дека тоа е одлука на судот. Дури, Груевски јавно им порача на социјалдемократите дека власта не може да ги менува судските одлуки, и дека доколку не се вратат во собранието, владеачкото мнозинство самото ќе ги донесе измените на изборниот законик и ќе организира избори, без оглед на тоа, дали СДСМ ќе учествува или нема да учествува на изборите.            
Меѓутоа, ако е така, зошто сега наеднаш Груевски прифаќа средба со Црвенковски на која ќе се преговара и за блокираната сметка на А1, без оглед на тоа што Црвенковски изјави дека барањето за деблокирање на сметката на А1 не е предуслов, туку прашање кое ќе биде предмет на преговори. Значи, Груевски ќе преговара и за блокираната сметка на А1, а цело време ја убедува јавноста дека тоа е одлука на судот и дека извршната власт нема никаква можност да интервенира во судот. Произлегува дека разрешницата со блокираната сметка на А1 сепак ќе биде прашање на политички договор, како што и одлуката да се затвори оваа телевизија била политичка одлука. Повторно на виделина излегоа контрадикциите кои редовно го следат Груевски во неговото повеќегодишно владеење со земјата, односно, тоа што го кажува како цврст и јасен став по извесно време да излезе дека не било баш така!                           
Како што споменав, главното барање на опозицијата да не ги бојкотира изборите е деблокирање на сметката на А1 телевизија. Сметам дека е преоптимистички да се очекува дека само на една лидерска средба Црвенковски-Груевски ќе биде затворено прашањето со блокираната сметка на А1. Затоа, за надминување на политичката криза јавноста најверојатно ќе биде сведок на повеќе лидерски средби, независно од тоа дали ќе бидат очи во очи помеѓу Црвенковски и Груевски, или, пак, во поширок состав со учество на претседателите на сите парламентарни партии. Доколку отворените прашања околу претстојните избори се префрлат на маса со учество на сите парламентарни партии, тогаш не гледам ниту една причина, зошто да не бидат поканети и претставници на вонпарламентарните партии. Дотолку повеќе што прашањата поврзани со изборите се однесуваат на сите политички партии како учесници во изборниот процес, заради што треба да се даде можност на партиите, без оглед дали се парламентарни или вонпарламентарни, да дадат свои видувања и идеи за надминување на изборните проблеми. А најповеќе заради тоа што во моментот имаме парламентарни партии кои имаат многу помала политичка тежина од некои вонпарламентарни партии!


ПЛАН ЗА ДЕБЛОКАДА


Со еден збор, прашањето за избори не е прашање само меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и останатите парламентарни партии. Може на средбата Црвенковски - Груевски, или, пак, на средба на претседателите на сите парламентарни партии да  се разговара за сите отворени прашања за изборите, дури и да дојде до евентуален договор, но, останува потребата за една средба на сите парламентарни и вонпарламентарни партии. Само политички дијалог во таков состав ќе помогне да се организираат фер и демократски избори за најкратко време.                                       
Како и да е, за нас во Народно движење за Македонија (НДМ) нема дилема. Недозволиво е Република Македонија во очите на демократските држави да се претставува како незрела демократија, која не може да обезбеди учество на сите политички партии на претстојните вонредни парламентарни избори. Затоа, во оваа прилика сакам да презентирам своевиден план за надминување на најавениот бојкот на изборите од страна на СДСМ, доколку, се разбира, на споменатата средба Црвенковски - Груевски во меѓувреме не дојде до договор за излез од политичката криза во која е заглавена земјата повеќе од месец и половина.                       
Имено, НДМ предлага договор, според кој, телевизиите А1 и Сител за време на предизборната кампања нема да емитуваат изборна пропаганда. Поточно, нивното известување за време на предизборната кампања да се сведе само на корисни информации за граѓаните околу начинот и техниките на гласање. Се разбира, со прифаќањето на овој план, телевизиите А1 и Сител како приватни компании не треба да трпат финансиски последици, бидејќи познато е дека медиумите голем профит остваруваат токму од платената изборна пропаганда за време на предизборната кампања. Затоа, на овие две телевизии мора да им се додели еднократно утврден паричен износ како своевидно обештетување, заради тоа што нема да емитуваат изборна пропаганда за време на предизборната кампања.                    
За спроведување на овој план потребно е да се формира едно тело со претставници од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, А1, Сител и Советот за радиодифузија, кое ќе ги прецизира сите неопходни детали. Ова тело, меѓудругото, да предвиди и најстрога санкција - одземање на лиценцата за работа на А1 и Сител, доколку го прекршат договорот за неемитување на изборна пропаганда во претстојната предизборна кампања. Дотолку повеќе што Сител и А1 нема да трпат никакви финансиски последици со тоа што петнаесетина дена, колку што трае предизборната кампања, нема да имаат платена изборна пропаганда (законските рокови при вонредни избори се пократки), бидејќи најважното прашање за нив ќе биде решено - финансиски ќе бидат обештетени!


НАМЕСТО ШЕСТ - ЕДНА ИЗБОРНА ЕДИНИЦА!


Сметам дека во постоечките околности, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ треба да го сфатат ваквиот план како најдобар можен начин за разрешување на проблемот со неучеството на СДСМ на изборите. Дотолку повеќе што на секој му е јасно дека без А1 телевизија, СДСМ нема што да бара на избори, во услови кога Сител не ја крие својата блискот со власта. Дури, не е претерано ако кажам дека со споменатиот план на НДМ се отстранува и последниот предуслов СДСМ да се врати во Собранието и најпосле да започне процедурата за распишување избори кои нема да бидат бојкотирани од никого.        
Со овој план се постигнува посакуваното избалансирано известување во време на предизборната кампања, бидејќи, горе - долу, во моментов имаме речиси рамномерна наклонетост на останатите медиуми спрема власта и опозицијата. Впрочем, во Македонија веќе на секој му е јасна блискоста на одреден медиум со одредена политичка гарнитура.                                        
Останува нејасно само, зошто медиумите сеуште одбиваат и самите  отворено да ја декларираат политичката наклонетост кон едниот или другиот политички табор, ако се знае дека токму во демократските земји медиумите јавно го признаваат тоа и воопшто не им пречи фактичката додавка на провладин или опозициски медиум. Впрочем, и македонските известувачи кога информираат од странство за настани што ги слушнале или прочитале во тамошните медиуми, редовно за изворот потенцираат дека станува збор за провладин или за проопозицски медиум!                           
Секако, за поздравување се и силните најави што деновиве ги слушаме од власта, дека ќе направела се за да се одржеле фер и демократски избори. Па, ете, доколку власта и навистина искрено сака фер избори, нека прифати најмалку две измени на собраниската расправа која ќе започне деновиве за Изборниот законик.        
Прво, власта да ги прифати залагањата на повеќе политички партии во земјата, вклучително и НДМ, територијата на Република Македонија да биде една изборна единица. Со тоа ќе се спречи некои партии да бидат изманипулирани со заобиколување на демократското начело - секој глас да има еднаква бројна вредност. Република Македонија како една изборна единица овозможува и поадекватно претставување на македонските гласачи, преку свои претставници во Собранието, што во крајна линија би значело и поголем легитимитет на македонскиот парламент.                            
Што е најбитно, на овој начин се доаѓа до еднакво вреднување на секој глас во изборниот процес, со што се овозможува најоптимално совпаѓање на процентот на освоени гласови со добиените пратенички мандати. Дотолку повеќе што, според постојниот неправеден изборен модел од шест изборни единици, некоја партија може да освои и околу 40 илјади гласови (во секоја изборна единица по околу 6 до 7 илјади гласови), и пак да остане без пратенички мандат, бидејќи за едно пратеничко место се потребни околу 8 илјади гласови. Доколку пак, Македонија е една изборна единица во која ќе се бројат сите освоени гласови, бројката од добиени 40 илјади гласови може да донесе четири пратенички места!


БУЏЕТСКИ ПАРИ ЗА СИТЕ ПАРТИИ


Второ, во услови кога СДСМ побара рамномерно распоредување на буџетски средства на медиумите за време на предизборната кампања, тогаш, ајде рамномерно да распоредиме буџетски средства и на политичките партии кои учествуваат во изборната кампања. На пример, недозволиво е право на надомест од буџетот да имаат само претставниците на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, кои на избирачките места на денот на изборите го контролираат изборниот процес. Во Македонија има околу 2.900 избирачи места во кои партиите предлагаат претставници кои го следат изборниот процес.            
Меѓутоа, според Изборниот законик, големиот број претставници на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во избирачките одбори во споменатите 2.900 избирачки места, на денот на изборите добиваат паричен надоместок (дневница) од Буџетот, а претставниците на другите партии се на финансиски товар на самите партии. Иако, познато е дека на денот на одржувањето на изборите, од започнувањето на изборите во 7 часот наутро, па, се до затворањето на гласачките кутии во 19 часот навечер, на избирачките места се присутни претставници на политичките партии како овластени предлагачи кои извршуваат иста задача - цел ден седат покрај избирачките кутии и го контролираат изборниот процес.
Оттука, мора претставниците на сите политички партии во избирачките одбори да добиваат надоместок од Буџетот, а не само претставниците на владеачката партија и оние на најголемата опозициска партија. На тој начин се надминува дикриминацијата по основ на политичкото уверување и политичката припадност меѓу претставниците на овластените предлагачи во изборните органи.       
Впрочем, кога се работи за буџетски пари, мора да важи правилото - или пари за сите, или за ниедна политичка партија, доколку, се разбира, сакаме рамноправен старт на изборите на сите учесници во изборниот процес. Буџетските пари мора да се распоредуваат подеднакво на сите политички субјекти, кои, како учесници на изборите, се еднакви во правата и обврските на политичката сцена. Во никој случај не може да постои ниту најмала можност за нивна дискриминација во поглед на еден од значајните сегменти - правото на еднаков пристап до буџетските средства!   
На крај, да ја информирам јавноста дека НДМ подржува распишување на предвремени избори. На потез се СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Ако се искрени и не блефираат, нека го прифатат планот на НДМ и ајде да се соочиме со народот на избори!


Авторот е Претседател на Народно движење за Македонија





Пишува Константин Леонов

ДОБРЕДОЈДОВТЕ И БЕРЕТЕ УМ, ЕКСЕЛЕНЦИИ!




Проблемот што Македонија го има со извесни дипломатски претставници не е ниту денешен ниту вчерашен. Во суштина, тој е втемелен врз исвесни карактеристики на нашиот менталитет кој знае да биде крајно снисходлив кон самиот поим „странец“, но кога се манифестира во денешни услови, тој е главно злоупотреба на тој менталитет од страна  на дипломати и политичари кои имаат посебни „задачи“ во нашата земја.

Во облик во кој денеска се пројавува (т.е. кршење на дипломатски принципи за немешање во внатрешните работи на земјата-домаќин) овој „манир“ е втемелен уште во средината на 90-те години, а сериозно сериозно зацврстен пред, за време и по воената криза во 2001. Проблемот не е само во тоа што споменатиот тип дипломати си земаат за право да прават недозволени испади, туку и во фактот што од старт ние им го дозволивме  тоа. Некои од нив, ако можат и на глава ќе ни се качат со своите „агенди“. Таквите непринципиелни арогантни замешателства се резултат на речиси апсолутното послушништво на македонските власти, доведено до раб на понижување на државата.


Вметнување во шемата


Играта беше двојна уште од самиот старт. Домашните леви сили, во потрага на дополнителна пропаганда против политичкиот противник, во игра ги вметнаа и странските претставници. Се разбира, не сите, туку оние податливите, главно второкласни политиканти, желни за публицитет и за статус на гувернатори во колонизирана територија. Таа политика почна да ги инструира и да ги пушта своите фабрикантски новинари да бркаат изјави за се и сешто од мбасадорите, барајќи контексти кои ќе го оцрнат противникот. Впрочем, пред три ипол месеци, во текстот „Јевропа и македонските Јевропејци“ детално ги елаборирав „проевропските“ сили во Македонија во служба на една партија.

Глупави, прости и нобразувани за тоа што значи статусот амбасадор на странска земја, голем број од тие новинари, служејќи им на своите стопани, успеаја дебело да го компромитираат достоинството на државата, до степен што денес тешко можат да се поправат направените проблеми. Не ќе најдете ниту една држава во светот во која странските дипломати имаат толкав удел во внатрешната политика. Но овде, политичката структура која во недостиг на реална поддршка од народот ги вметна во „шема“ податливите амбасадори на тој начин и нанесе голема штета на државата, до ниво на кое денес се смета за нормално секој странски службеник да дава мериторен суд: од ланскиот снег, преку сексуалните ориентации, па се до крајно недозволивите притисоци за промена на името.

Вистински и лажни дипломати


Значи, Фуере, Филипини и Рикер не се извор на проблемот, тие се само последица на односот воспоставен од „левите“ кои се подготвени да жртвуваат се, вклучително и елементарното национално достоинство, доколку може да искамчат макар една изјава од амбасадор во нивна полза. Колку бедно е тоа. За жал, во таа меѓупартиска пресметка, уште пред изборите во 2006 тие успеаја да го вметнат и највисокиот национален интерес – проблемот со името –обидувајќи се преку него да искамчат троа полза и гласачи, а всушност нанесувајќи погубни ефекти врз македонските позиции во преговорите/разговорите за името. Грчката офанзива и непопустливост жестоко се засили од тој период, откако увидоа дека овде има политичка сила подготвена да тргува со она со што не се тргува.

Се разбира не се сите странски дипломати исти. Главно, оние кои имаат високо професионално достоинство и принципиелен однос на почит кон земјата домаќин не влегуваат во таквите шеми. Кој може да му забележи нешто на извонредниот првокласен дипломат и политичар, амбасадорот Кристофер Хил, кој остави силни позитивни траги во земјата. Или на Џилиен Милованович, исклучително достоинствена, одмерена и виско професионална амбасадорка? Никој не се побуни против нивното дејствување затоа што си ја вршеа работата како што доликува, со високо ниво на дипломатски кодекс.

За разлика од нив, вистинска брука беше амбасадорот Лоренс Батлер, еден недоквакан и неизживеан човек, кому овде му беа поттикнати губернаторските апетити од споменатите домашни политиканти, па речиси секоја негова изјава беше крајно иритантна. Затоа имаше и реакции. На крајот, Батлер беше целосно компромитиран со наводно учество во недозволена трговија со уметнички артефакти од Македонија, како и со недозволива поддршка на приватни кампањи, па самиот Стејт Департмент го деградира и го испрати за некаков помошник на меѓународните власти во Босна. Тој речиси редовно заземаше страна во внатрешните политички пресметки.


Рикер, Фуере, Филипини


Амбасадорот Филип Рикер почна ветувачки, но својот мандат го завршува не премногу славно. Со оглед на неговите стари врски со извесна групација/мрежа во Македонија, лоцирана околу соросоидите, јасно беше дека ги протежира левите, но не си дозволи директни изјави во нивна полза. Неговиот најголем гаф е преголемиот притисок што го врши за промена на името. Не мислам дека баш се што зборуваат амбасадорите е резултат на политиката на земјите од кои доаѓаат. Многу што зависи од нивното ниво, култура, образование и принципиелност. Тој едноставно „турка“ политика дека Македонија МОРА да направи компромис до ниво до кое меѓу редови можеа да се прочитаат и извесни уцени. Неприфатливо, екселенцијо!

Фуере е посебна приказна. И тој падна на името, плус едностраното толкување на домашната политика. Во мигот кога во последниот Извештај на ЕУ за напредокот на Македонија никаде не беше спомнато името на нашата држава, заедно со непринципиелните притисоци околу последните настани, тој се самокомпромитира и ги дискредитира и своите позитивни заложби за државата. Казната му стигна симболично. Секоја година, на Водици, му попуштаа тој да го фати традиционалното буре со вино во Охридското езеро. Оваа година, му го зедоа пред носот. Заслужено. Холандската амбасадорката Симоне Филипини, пак,  е една симпатична, слободоумна жена, но не ми изгледа целосно свесна за тоа во каква машинерија е вметната и злоупотребена, за жал.


Малограѓански поданички менталитет


Погубен е менталитетот кој не дозволува критички да се реагира на активностите на странските претставници во Македонија кога тие ги пречекоруваат своите ингеренции. Хајката против Ристо Никовски, но и порано против секој што изнесува мислења спротивни од поданичкиот менталитет, само покажува колкав е квази-демократскиот, комуњарски менталитет на оние што не дозволуваат критички збор. Тоа е менталитет на паланечки сталинизам и тешка малограѓанштина во служба на на политичка опција која е подготвена на се само да ќари некој поен. Суштински неинформирани, повеќето Македонци немаат абер за тоа што е вистинската функција на амбасадорите, па им се наметнуваат како политички авторитети, што е далеку од реалноста.

Србите, увидувајќи дека Словенецот Јелко Кацин си дозволува преголеми излети таму каде што не му е местото, му се заканија дека ќе го прогласат за персона нон грата и ќе го протераат. Инстантно го замолкнаа. Тоа исто бирократче овде најде село без кучиња, па си дозволува да дава тешки политички (дис)квалификации, со видлива злорадост и никој ништо не му кажа. Притоа, небитно е тоа за која македонска политичка опција се однесуваат тие оценки. (Патем, ние имаме трагикомична ситуација едната политичка опција да има свои поддржувачи на сметка на противниците, а тие пак да изнаоѓаат други европарламентарци и лобисти кои ќе ги штитат нивните партиски интереси. И кај двете страни недостига свеста дека надвор од границита на Македонија секој мора да го застапува исклучиво државниот интерес).

Неговиот сонародник Зоран Талер се пресметува со легитимната власт и со македонското непопуштање пред уцените на Грција преку еднострани, тенденциозни и неприфатливи известувања за нашата земја. Кога некој ќе се обиде да укаже на тоа, веднаш бидува обвинет дека сака да ја скара земјата со целиот свет и да ја изолира. Па дури и кога разноразни третокласни бирократски службеници си дозволуваат да ни го менуваат името. Тоа е едноставно недозволиво. Допуштањето такви испади драстично ги ослабнува нашите позиции во битката за името и крајно време е на таквите да им се даде предупредување: Не се мешај таму каде што не ти е местото, или повели да си одиш од тука. Во достоинствен дом, нивото на гостопримството зависи од однесувањето на гостинот.

Од тука, ги сметам за позитивни последните настани поврзани со странските дипломати, вклучително и текстот на Никовски и останатите реакции во јавноста во таа насока , без разлика на хистеријата што мрежата соросоиди ја подигна со цел да биде употребена во внатрепартиски пресметки. Како тоа можело така?! А како и каде тоа можело да се уценува една нација да си го менува името и идентитетот?! Отпорот што го покажува Македонија кон дрските недипломатски упади во внатрешните работи на едностран начин ниту е заложба за изолација, а уште помалку желба за кавга со целиот свет. Токму тој отпор го натера остатокот од дипломатскиот кор во Македонија деновиве да објави соопштение во кое, суштински, се става на страната на нашето нацинално достоинство. Добредојдовте и берете ум, екселенции!


Пишува м-р Јанко БАЧЕВ

ТАЈНАТА ПОЛИЦИЈА ГО РАЗБИ ПЛАНОТ ЗА СПАСУВАЊЕ НА А1 ТЕЛЕВИЗИЈА!



По повод десетгодишнината од војната во 2001 година, во минатата колумна пишував за причините поради кои Република Македонија излезе посрамена и понижена од таа војна. Но, не заради неспособноста на македонските безбедносни сили да се справат со терористичката ОНА, туку како резултат на задкулисните политички сценарија на домашните политички актери во тоа време. Како своевидно продолжение на претходната колумна, во оваа прилика ќе се осврнам  на прашањето околу манипулациите со таканаречениот воен данок, кој го воведе Никола Груевски за време на војната во 2001 година како тогашен министер за финансии. Секако, интересно е да се спомене и најновото недозволиво инволвирање на македонската тајна полиција во политичките пресметки помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во врска со блокираната сметка на  А1 телевизијата.

Имено, во услови на војна во државата, Груевски како тогашен министер за финансии во месец  јули 2001 година воведе воен данок со кој беше оданочена секоја финансиска трансакција во земјата со 0,5 проценти од нејзината вредност. Овој данок всушност беше одговор на зголемените трошоци во министерствата за одбрана и внатрешни работи за време на војната. Според Груевски, сумата пари што се очекуваше да се прибере од воениот данок до крајот на 2001 година се проценуваше на 80 милиони тогашни германски марки. Оваа сума беше оценета како доволна за активностите на безбедносните органи во одбраната на земјата Дотука се беше во ред, бидејќи нема нешто повозвишено од одбрана на територијалниот интегритет на државата!

ВОЕН ДАНОК ЗА ПРИВАТНИ ЏЕБОВИ

Патем, амбициите на Груевски да го воведе новиот данок како вонреден извор на средства за финансирање на вонредните расходи кои произлегоа од интервенциите на безбедносните сили, не ги поматија ниту многуте негативни коментари. Критиките за воениот данок пристигнаа од економските експерти, од стопанствениците и на крајот од пратениците при усвојувањето на законот. Коментарите главно се сведуваа на тоа дека Груевски, кој како министер за финансии премногу расипнички и нетранспаренто ги троши државните пари создавајќи партиски богаташи, премногу лесно се одлучи на зголемување на даночното оптоварување, не водејќи сметка за и онака слабата кондиција на македонското стопанство. Повратно, министерот Груевски изјавуваше дека, иако е војна, ние имаме економски најуспешна година во последните 20 години. Сигурно ви звучи премногу познато во контекст на актуелната реторика на Груевски за лидерската позиција на Македонија и за време на светската економска криза!

Меѓутоа, споменатите коментари на воениот данок се покажаа како оправдани, бидејќи министерот Груевски во услови на војна одби да ги укине сите јавни набавки, со исклучок на оние непходните за одбраната и полицијата. Значи, иако во Македонија беснееше војна, тендерите и понатаму останаа редовна појава, преку кои воените профитери со благослов на власта финансиски се нафатираа додека гинеа македонските бранители во одбраната на  земјата.  Планираните 80 милиони германски марки беа собрани многу порано, но, воениот данок не беше укинат. Сцената за воено профитирање беше поставена, бидејќи не 80 милиони марки, туку на годишно ниво од воениот данок во буџетот се инкасираа цели 103 милиони евра (во меѓувреме, заклучно со 2001 година, дојде до конверзија од германски марки во евра). Значи, беа планирани 80 милиони марки (40 милиони евра) од воениот данок, а беа собрани фантастични 103 милиони евра. Притоа, Груевски се послужи со мала итрина, кога велеше дека воениот данок изнесува само 0,5 проценти од секоја финансиска трансакција, бидејќи овој данок во реалноста не беше 0,5 проценти, туку една иста стока се оданочуваше меѓу 3 и 5 проценти. Поточно, за еден производ се наплатуваше воен данок и до 8 пати додека стигне во малопродажбата, односно, 0,5 проценти се земаше при наплата на царина, при купување на стоката, при продавање на стоката, при продажба на мало, при купувањето на мало..!

Се разбира, сето тоа ќе беше оправдано, доколку овие пари завршија за одбрана на земјата, но, како што споменав, тендерите за време на војната не беа укинати и најголем дел од средствата прибрани со воениот данок всушност завршија во приватни џебови. Дури, иако воениот данок согласно законските прописи требаше формално да фигурира во листата на даноци заклучно со 2001 година, сепак, власта, соочена со буџет оптоварен со трошења за луксуз, реши да го задржи дури до 31 декември 2002 година, иако во 2002-рата немавме војна во земјата. Министерот Груевски утврди дека за да се пополни буџетскиот дефицит, потребно е негово продолжување уште најмалку една година. Значи, на прв поглед една парадоксална ситуација во која даночните обврзници беа задолжени со воен данок до крајот на 2002 година, иако во 2002-рата немаше војна. Невиден феномен - во 2001 година во Македонија имаше војна без прогласена воена состојба, а во 2002 година немаше војна, ама имаше воен данок!?

ТЕНДЕРИ ЗА НОВОПЕЧЕНИТЕ БОГАТАШИ

Значи, суштината на воениот данок беше поинаква, а на министерот Груевски како чувар на државното ќесе му се видело ептен убаво и по завршувањето на војната да има воен данок, преку кој ќе се намируваат тендерите со јавните набавки добивани од новопечените богаташи. Произлезе дека математиката со која излезе Груевски како министер за финансии, дека од воениот данок ќе се приберат 80 милиони марки е нереална. Односно, преку воениот данок во државната каса се извлекоа неколку пати повеќе од најавените 80 милиони марки. Вонредното пљачкање на македонските граѓани со воениот данок можеби ќе беше простено, доколку власта успееше да ја одбрани земјата. Меѓутоа, се покажа дека воениот данок бил во корист на поединци за нивно лично богатење преку јавните тендери кои не беа укинати дури ниту за време на војната во 2001 година!

Оттука, десет години по војната во Македонија во 2001 година, сеуште нема одговор на прашањето, каде заврши разликата од 80-те  милиони марки (40 милиони евра) што беа проектирани и употребени за безбедносните сили до собраните 103 милиони евра од воениот данок?  Дали во Македонија постоеја сили водени од лукративни причини,  подготвени и за време на војна да преземаат активности кои немаат никаква врска со одбрана на земјата? Дотолку повеќе што македонските граѓани со свои пари преку воениот данок го платија сопствениот пораз. Односно, го платија личното богатење на новопечените богаташи и победата на политичарите кои ги запоседнаа фотелјите, кои длабоко ги понижија сопствените безбедносни сили и македонскиот народ.  Поточно, како резултат на вкупните поразителни активности за кои детално пишував и во мојата претходна колумна, произлезе Рамковниот договор, кој беше наметнат, изнуден со уцени и во одредени одредби капитулански по Република Македонија. И Македонците во војната во 2001 година очекуваа Македонија да биде одбранета како национална држава на македонскиот народ со гарантирани права за сите нејзини граѓани. Па, кој ќе остваруваше профит, тогаш со пљачкањето на граѓаните преку воениот данок?

Патем, без оглед на тоа, кој што мисли за рамковниот договор,  тој и понатаму останува длабоко трауматичен за македонската национална свест. Дури, се најавува дека годинава ќе следи и официјален јубилеј по повод десетгодишнината од потпишувањето на Рамковниот договор кој беше потпишан на 13 август 2001 година. Значи, Македонија најверојатно е уникатен пример на меѓународната сцена, бидејќи ќе слави национален пораз. Токму рамковниот договор доведе до обезличување на македонската држава, односно, нејзино конституирање како некаква збирштина на заедници на местото на дотогашната унитарна и национална држава на македонскиот народ и сите нејзини граѓани, која беше разбиена како државно-правна организација по војната во 2001 година!

ПЛАНОТ НА „ПРИЈАТЕЛИТЕ НА А1„

Болно е сознанието дека од сите наброени заедници во преамбулата на македонскиот устав, само Македонците и Ромите немаат сопствена национална држава. Дури, поразите за Македонија се редат и во поствоениот период, со најавите за обештетување на припадниците на терористичката ОНА, само затоа што убиваа македонски бранители. Иронијата да биде поголема, дури и бранителите, како припадници на легалните безбедносни сили за време на војната во 2001, сеуште мака мачат како да остварат социјални права од воениот конфликт. Никаде во светот не постои правна ситуација, каде агресорот на крајот од војната се наградува со пензија за своите борци. Во вакви ситуации, познато меѓународно правно-признато стојалиште е амнестијата, што, пак, веќе е наша реалност. Значи, погубната македонска историја продолжува. Домашните политички демагози продолжуваат да се коцкаат со интересите на својот народ. Доколку пак се постигне согласност за неприфатливиот идеолошки консензус помеѓу Груевски и Ахмети (пензии за борците на ОНА), тоа ќе биде климавото столче под нозете на македонскиот премиер!

Во продолжение на текстот и околу недозволивото инволвирање на македонската тајна полиција во најновите случувања со А1 телевизија. Имено, јавноста деновиве е сведок, како Велија Рамковски и неговите соработници се на ново соочување со истражниот судија и јавниот обвинител во процесот Пајажина. По неколкуте промени на сумата, сега обвинителството пресметало дека штетата за државата е седум милиони евра. Поточно, нови милионски суми штета пресмета Државното обвинителство. Прво беа 4 милиони евра. Потоа штетата се намали на 2 милиони евра и на таа сума беше замрзната сметката на А1 телевизијата се до последното наменско проширување на 7 милиони евра. Пред Кривичниот совет е одлуката за сметките, но неизвесноста и понатаму опстојува, бидејќи Советот веќе триесетина дена не одлучува дали ќе ги одмрзне сметките на А1 телевизијата. А неизвесноста ќе потрае уште некое време штом се инволвирала и тајната полиција, иако сметам дека јавното инаетење на власта со А1 на крај ќе заврши со ситуација во која оваа телевизија најнормално ќе си ја врши работата во претстојната предизборна кампања. Е, сега, каде е тука врската на тајната полиција?

Имено, на една скорешна средба во тесен круг на многу познати луѓе (за потребите на овој текст ќе ги именувам како „Пријателите на А1„) било договорено да се обезбедат потребните 2 милиони евра за колку што беше последното блокирање на сметката на А1. Планот бил да се уплатат средствата, да се намири државното побарување од 2 милиони евра, сметката да биде одмрзната и телевизијата најнормално да продолжи со работа. Меѓутоа, власта со новото брзопотезно проширување на истрагата во Пајажина од два на седум милиони евра го растури споменатиот план на „Пријателите на А1„ по претходно осуетување на овој план од тајната полиција!

ВМРО-ДПМНЕ КАКО ЕКСТРЕМНО КРИЛО НА СДСМ!

Со оглед на профилот на личностите кои биле на средбата и ја договарале операцијата - уплаќање на 2 милиони евра и одмрзнување на сметката на А1, едноставно е незамисливо некој од нив да ја провалил работата или пак да бил озвучен на тој состанок, како во случајот со средбата во  хотелот „Александар Палас„ во 2000 година, во обидот за создавање ново парламентарно мнозинство за рушење на тогашниот премиер Љубчо Георгиевски. Оттука, останува само можноста, тајната полиција да го провалила планот на „Пријателите на А1„ за одмрзнување на сметката преку примена на оперативно-технички средства и методи, како на пример, тајно набљудување и следење, тајно следење на телефонските комуникации, озвучување на просторијата каде е држен состанокот по претходно дознавање на локацијата..!

Како и да е, ова се недозволиви активности на тајната полиција во однос на една легална и легитимна актиност на „Пријателите на А1„за одмрзнување на сметката на А1. Овие мерки на тајната полиција  единствено би биле оправдани само доколку истата имала оперативни сознанија дека споменатите два милиони евра се прибавени на незаконски начин. Но, во јавноста деновиве не слушнавме дека некој е приведен поради прибавување на незаконски суми од 2 милиони евра, што само е дополнителна потврда дека во случајов има инволвирање на тајната полиција во политичките пресметки помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, со краен резултат - наменското проширување на истрагата од два на седум милиони евра!

Значи, тајната полиција се враќа на старата пракса на нејзино инволвирање во домашните политички состојби, кое нешто, пак, обилно го вршеше во демократска Македонија во изминатите дваесет години, иако тоа е недозволиво во едно демократско општество. Ако е за некаква утеха, во случајот со сметката на А1 барем еднаш видовме дека и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се во право. Имено, точно е тоа што го кажува премиерот Груевски, дека извршната власт нема законска можност да влијае врз судството за одмрзнување на сметката на А1, иако реалноста е поинаква. Меѓутоа, во право е и Бранко Црвенковски кога не сака да оди на избори доколку не се отстрани и последната пречка што го оневозможува нормалното работење на А1, бидејќи без оваа телевизија е јасно дека Црвенковски нема што да бара на избори. Во секое зло - добро!

П.С
Големиот број телевизиски кадри што деновиве ги гледаме од најголемиот партиски собир на ВМРО-ДПМНЕ што се одржа на 5 и 6 март во Битола, претставуваат најголема потврда на моите кажувања дека во таа партија во моментов нема ВМРО-ДПМНЕ, туку таму имаме некакво крило на СДСМ, можеби во поекстремна варијанта. Патем, после Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ, оние кои со право подолго време ја оспоруваат изворната идејна позиција на сегашното ВМРО-ДПМНЕ, најпосле на отворена сцена го добија маневарскиот простор за таквите свои обвинувања!

Авторот е Претседател на Народно движење за Македонија

Пишува Костантин Леонов

ДИКТАТУРА НА ФРИКОВИТЕ


Во овие денови на апсурд во државата Македонија ништо повеќе не изгледа нормално, доколку сте, секако, еден од несудените 600 илјади гледачи и поддржувачи на А1. Од екранот се редат бесмислени тврдења, „анализи“, дебели лаги, автентични и политички трансвестити, журналистички бруки и предизборен отпад, сите во служба на спасување на давеникот од Бихаќка

Во големи дилеми ме ставија минатонеделните главни медиумски собитија. Во недостиг на автентична тема (се е веќе кажано, бе луѓе!), но и во желба сепак да издвојам еден или два кои имаат далекусежни и коренити влијанија врз македонското општество, се уште лутам, неодлучен, помеѓу неколку од нив, од ист ранг и еднакво драматични по својата суштина, па затоа ќе ги наведам сите кои го пленија моето внимание изминативе дни.

1.    Боки 13-ка бидува протеран од Србија, па потоа повторно задржан, во полза на добрите меѓусоседски односи.
2.    Љубомир Данаилов Фрчолина (13-ка) во интервју на А1 изјавува дека Бранко Црвенковски е никој друг туку Џон Фицџералд Кенеди (имал „кенедиевски“ однос, бидејќи изјавил дека тој веќе нема политички амбиции, немал што да бара од Македонија, туку можел само да и даде, а во контекст на тоа дека можеби немало да се кандидира за премиер. „Нема зошто да не му верувам“, вели Камењарката Фрчолина...и остана жив).
3.    А1 собрала, не повеќе и не помалку, туку 600 илјади потписи на поддржувачи во акцијата „И јас сум А1“! Цела Македонија, сосе рибниот фонд од Охридско езеро е А1.
4.    Љубчо Георгиевски, алијас Шутрак Војводата, се активира во кампањата, се појави со беџ на интервју за истата телевизија. И тој бил А1. Ќе предложел сите партии пред изборите да потпишат декларација која би значела дека гласачите со гласовите на победничката партија и давале мандат за промена на името. Подмолна и опасна идеја која, со оглед на неговиот антимакедонски ангажман, сигурно доаѓа од место надвор од Македонија.

Куку леле! Се надевам, сега ги разбирате моите маки. На сон да ти дојдат овие, ќе се разбудиш препотен и преплашен како од пеколен кошмар, а камо ли да ги имаш на јаве, секојдневно. Нејсе, во една таква лепеза на ликови од ист ранг, со исто значење, што да се издвои, на што да се даде приоритет? Во ваквото богатство од значајни и неверојатни настани, еден скромен аналитичар се наоѓа затекнат од нивниот интензитет и меѓусебно поврзано влијание и во суштина не треба ни да се обидува да анализира, туку само да се прекрсти и да каже Господ нека ни е на помош.

Во искушение сум, затоа, да побарам помош од најеминентниот аналитичар во оваа земја, Васко Ефтов Триперот, новинарот од чии анализи, дубиози и некролози (на новинарството) ви се приодува понадвор веќе во третата минута од неговата емисија. Само тој може да излезе на крај со овие настани и да им најде заеднички именител. Само тој може да измонтира целина која, вообичаено, ќе заврши со констатација од типот: Груевски (како докажан србоман) го наместил Боки 13-ка да биде протеран од Србија и да се врати во Македонија, за медиумски соодветно да парира на колегата/колешката транвестит Фрчолина; се разбира сето тоа пред камерите на А1 (т.е. пред 600 илјади фантоми) со цел да се потврди тезата (според Триперот) дека Шутракот е платен од страна на Премиерот повторно да се активира и да му ги земе сите 457 гласачи на Брат Љубе. И да ги придодаде на своите 480, плус роднините. Добра ноќ, Македонијо. Каде и да си, Васко Триперот ќе те најде и ќе те измонтира.