Macedonian Albanian Croatian Dutch English French German Italian Portuguese Russian Spanish

Колумни

ТОА ГО РЕЧЕ ПЛАТОН, А НЕ ЈАС!


[Image: 333btar.jpg]
Да не го дрвам и јас околу регуларноста на изборите кои останаа зад нас, одма ќе кажам, тие не беа ниту фер, ниту слободни, ниту регуларни. Не беа фер затоа што на кандидатите ни одблизу не им беше овозможен рамноправен третман во медиумите. Во денешно време кога сликата и рекламата се најмоќните оружја за создавање разни потреби и желби кај конзументите, да му се одземе некому рекламното време за да се претстави себеси или својот производ, значи истиот тивко да се збрише од пазарот. Без телевизиски медиум зад себе стануваш неконкурентен. Губиш. Џабе беа укажувањата на разни странски и домашни авторитети, особено по првиот круг на претседателските избори, дека опозициските партии добиваат катастрофално малку рекламен простор на националните телевизии за да ги претстават своите партиски програми и кандидати. Џабе беа и забелешките за непринципиелната пристрасност на тие телевизии кон владеачките партии и нивните кандидати. Власта едноставно реши да ја обезоружи опозицијата, па потоа да ја пушти во рингот како топовски месо. Сликовито да се изразам, тоа е исто како сега Грција да реши да ја нападне Македонија од воздух, кога веќе знае дека немаме никаква противвоздушна одбрана, ниту пак современи ракетни системи за да го одбијат евентуалниот напад. Знаете што ќе биде ако го нападнат Скопје со ескадрила фантоми? Касапаана. Еден споменик нема да остане, а жители такуѓере.

[Image: 10307006_10152347224607180_2094637156_n....e=536466B7]
Изборите не беа ниту слободни, затоа што евидентни беа притисоците на гласачите од страна на владеачките партии. Од поткуп со фалшиво брашно полно мушички или во кеш од 500 до 1000 денари, преку уцени, до застрашувања и закани за губење на работните места. Да не правиме муабет за оние други нерегуларности како гласачката екскурзија на селаните од Пустец низ гласачките места во Македонија, потоа, случаите на семејно гласање, гласно прозивка на гласачите на некои гласачки места, евиденција на гласачите во непосредна близина на гласачките места од страна на личности кои не се назначени од ДИК да го прават тоа, а имаше и случаи кога гласаа луѓе кои живеат на непостоечки адреси или во фантомски влезови на некоја зграда. Трагикомично.

Затоа удирањето во гради на победниците и оние илјадници „благодарам“ кои Ѓорчев ги испрати секаде каде неговите победија, беа полни со цинизам, но и со добро прикриена горчина дека се победи на истиот начин како што се владее, по пат на сила. Себично е тоа што заради нивното континуирано насилство, сите ние допрва ќе испиеме уште безброј чаши пелин. Не заборавајте, многу големи финансиски скандали кои паднаа на главите на најмоќните луѓе на владеачката партија, најверојатно ќе останат нерасветлени во наредните години, но секако ќе бидат тригер за придвижување на некои други механизми низ кои ќе се манифестира правдата, ваква или онаква.

Де факто, никој не нѐ тепаше по раце кога заокружувавме зад параванот. И никој со сила не ги натера неодлучните да останат неодлучни и да не гласаат. Така, мнозинството од оние кои гласаа, одлучи. Си ја сака оваа власт и ваквата Македонија. Платон бил во право кога по смртта на Сократ рекол дека демократијата не е добра зашто честопати ѝ допушта на толпата да одлучи, а толпата за Платон е неразумна, необразувана и како таква, полезна за секаков вид манипулација. Повторувам, ова не се мои зборови, туку на големиот Платон, па сега вие, пред да изплукате некого кој зборува дека Македонија со ваков лесно подведлив народ нема никогаш да доживее благосостојба, сетете се дека тоа веќе го кажал еден брилијантен ум пред него и не ложете ја кладата. 

Во една од минатите колумни напишав дека да бев на местото на Пастирот ќе посакав пораз на овие избори, нели, под услов никој да не ми ја извадеше онаа афера за поткупот од Газда Нини. Но, Пастирот избра победа која според мене, ќе се покаже за горка еден ден. Затоа исправно е да му се остави да владее сам. Опозицијата направи фатална грешка кога пред неколку месеци, послуша одредени свои ментори од Брисел и избра да излезе на локалните избори. Да не излезеше, Пастирот денес немаше да турка нов мандат. Оттука, исправна е нејзината одлука да се врати на ОТПОРОТ и да ги врати мандатите во парламентот, зашто тоа е единствениот начин да се заштити од понатамошното компромитирање, кога веќе чукна часот за носење на најтешките одлуки кои целосно ќе го доведат под прашање патриотизмот, добронамерноста и чесноста на оваа власт. Секое партиципирање во законодавната власт под такви околности неодминливо ќе компромитира секого, без исклучок. И оние во опозицијата и оние кутри чесни поединци од власта кои еден ден, убеден сум, ќе се срамат и каат што молчеле тогаш кога требало да зборуваат гласно и да ги спречат своите претпоставени во нивниот уништувачки поход против својот народ. 

Сашо Тасевски

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без дозвола од редакцијата на КОТЛЕ

УДБА И РЕЖИМОТ ВО МАКЕДОНИЈА СЕ ВРАЌААТ НА СТАРИТЕ МЕТОДИ НА КОМУНИЗМОТ-ФИЗИЧКА ЛИКВИДАЦИЈА!!!

„...Зошто го обвинувам Груевски? Некои ќе реагираат дека моите обвинувања кон Груевски се неосновани; дека можеби ова е дело на некој друг од групата против која водам судска постапка. Но, Груевски со именувањето на Силјан Аврамовски за Заменик-директор на ДБК, јасно укажува дека власта, чиј представник е тој, го оневозможува сусдскиот процес...“




[Image: 272x185-y.jpg]

пишува Јордан Петровски

Во животот сум донел многу одлуки, но две ги сметам за клучни и најисправни, а со тоа и најдраги. Првата е изборот на мојата животна сопатничка, а втората е моментот кога го донесов решението да ја прифатам играта на УДБа во 1998. год (за каква игра стануваше збор можете да прочитате во една од рамките-антрфилеата на овој текст објавени подолу-заб. Ј.П.). Со прифаќањето на играта со УДБа обезбедив несоборлив доказ за тоа кој и како на еден многу перфиден начин го гушел и потенцирам, сѐ уште го гуши секој обид за вистинското осамостојување на Македонија. Во тие моменти, кога ја осознав играта, внатре во себе бев пресреќен, копнеев само ВМРО ДПМНЕ да дојде на власт и бев уверен дека сѐ ќе се обелодени. Бев задоволен бидејќи сметав дека конечно најтешката, а воедно и најболната етикета, заради која многу луѓе беа затварани, прогонуваи па дури и убивани и која одвараќаше многумина од ВМРО ДПМНЕ со непобитни докази ќе се симне.


Зошто Љубчо ме „заборави“?

Но, не било пишано да биде така. Љубчо Георгиевски по победата во 1998 год. не сакаше да се сретне со мене, а не пак да го исполни даденото ветувања од пролетта ’98-ма, пред прославата на годишнината на ВМРО ДПМНЕ. Имено, тогаш ја побарав единствената услуга од него, со тоа што го замолив дека ако партијата победи на претстојните избори, единствено што ќе барам како противуслуга е информација зошто УДБ-а, толку се интересира за мене и зошто ми се меша во животот на различни начини. Тој ми вети дека тоа ќе го стори со големо задоволство. Но, од ветувањето: ништо. Мислев дека моите од одамна лоши односи со Доста Димовска и со Далаверци се причина за таквиот однос.

Затоа се обидов да контактирам со Братот Љубе, бидејќи, како стари ВМРО-вци се знаевме од 1994. год. Бошкоски ме прими без проблем. Направивеме подолг муаебет, при што му раскажав за случувњата со бугарската Амбасада. Бошкоски беше категоричен дека ќе го истражи случајот. Попатно му се доверив и со една дилема која ја имав тогаш. Имено, ме чудеше фактот што кривичната пријава која во 1995. год. беше поднесена од страна на Народна Банка на Македонија против Даравелски за 200.000 ДМ, не беше процесирана во кумановскиот Суд. Братот и тука беше многу категоричен, рече: „Вие само донесете ми ја пријавата, јас веднаш ќе го апсам.“

Напишав неколку текста во „ФОКУС“ за случувањата во Партијата. При објавувањето на секој нов текст притисоците од страна на Даравелски стануваа сѐ посилни. Со него имав и приватен спор, во кој го тужев за долг од преку 200.000 ДМ. Тужбата беше поднесена уште во 1996. год., но судот од 17 закажани рочишта го „пронајде“ само два пати за да му ја врачи покана за рочиште. Ми стануваше сѐ појасно дека Љубчо Г. веќе не ме ни „памети“ и дека Далаверци врз мене ќе ја демонстрираат својата моќ во Куманово. Затоа морав да барам излез од незавидниата состојба.

Фактот што успеав да добијам туристичка виза за Канада и да излезам од Македонија во тој период е кобен фактор во состојбите не само во мојот живот, туку и за многу случувања во Македонија. Можеби ќе останеше за мене загатка зошто Љубчо Г. не го исполни ветувањето од летото ’98-ма, но како што вели актуелниов премиер, „вистината е како шило“ таа само „в’ти, в’ти и излегува на виделина“. Георгиевски го донесе Законот за увид во личните досиеа. Заради приоритетот на моето заминување, досието не си го подигнав лично. Тоа го стори еден мој верен пријател. Читајќи го досието сѐ ми стана јасно. Покрај другите мерки сум бил следен:

„7. Примена на мерката Следење во земјата, кога патува надвор од Куманово;

8. Примена на мерката следење за времето на негово патување и престој во Р. Бугарија.“

Главните мои кодоши биле секогаш покрај мене: Драган Даравелски и Предраг Димковски—еден од нив или двајцата на секое патување беа со мене. Одговорот зошто Љубчо и Љубе не сакаа да го разјаснат случајот со бугарската Амбасада лежеше во тој факт. Доколку ја отвореа таа „Пандорина кутија“, ќе требаше да се открие дека Драган Даравелски е човек на УДБ-а. Зошто Георгиевски и Бошковски не сакаа да откријат дека Даравелски е човек на УДБ-а, освен ако и тие не биле дел од сето тоа.



Моите наивни надежи во Груевски ги сруши самиот Никола

Смената на врвот на Партијата во првата деценија на новиот Век ми даде грам надеж дека можеби ќе дојде до вистинска промена во ВМРО ДПМНЕ. Но, Груевски веднаш ми ја изгасна таа надеж. Тој не ги чепна луѓето на Љубчо, Доста и Даравелски.

Секоја партија која наводно се залага за демократија ќе ги користеше податоците дека Црвенковски како премиер носел закони и правилници, со кои овозможил прогон на идеолошки и политички противници. Мојот случај, со политичкиот азил во Канада, е крунски доказ во тврдењата на пример на ВМРО ДПМНЕ, дека Црвенковски е недемократ. Но, Груевски тие адути не го употреби во кампањата на Кедев за Претседател (а послeдователно ниту во една друга кампања против Цревенковски). Со кампања која би обзнанила дека Црвенковски е прекршител на човековите права и законите на Република Македонија, Кедев ќе ја добиеше подршката од ЕУ, САД итн. Дали Груевски тоа го стори од незнаење? Ќе видиме, дека одговорот е „НЕ“.

Во 2006. год. излезе многу интересен серијал за улогата на УДБ-а пишуван од Јанко Бачев, кој во многу работи ги потврди моите текстови објавени до тогаш. По победата на изборите истата година, Груевски влезе во коалиција со тврдото крило на КОС, со Тито Петковски и неговата партија. Во моментот, тој потег на Груевски го оценив како прагма. Си реков, можеби заради потребата да формира Влада коалицира со Петковски и затоа не се осврнува на наводите на Бачев.

Јас во ноември 2007. год. поднесов кривична пријава против Фрчкоски и уште осум други функционери на МВР за употреба на СДБ во партиски и идеолошки цели. Со тоа сакав да го отпочнам процесот на лустрација преку правосудниот систем, кој е единственото тело што може да носи легитимни пресуди. Уште на почетокот се виде дека процесот ќе оди многу тешко: кривичната пријава беше отфрлена со флагрантен фалсификат; откако постапив по правната поука која ми беше посочена на решението со кое се отрла пријавата, случајот се стави во „фрижидер“.

Во меѓувреме се случија и предвремените парламентарни избори на кои Груевски освои убедлива победа. И покрај тоа, опструкциите за мојата тужба против Фрчкоски et al. продолжи.

Откако разбрав дека Груевски ќе доаѓа во САД решив да се обидам да се сретнам со него и да поразговарам за лустрацијата која е приоритет за мене и Ветераните Дисиденти. Истовремено, според она што Груевски го зборуваше јавно, лустрацијата веќе беше еден од приоритетите и на Владата на Република Македонија. Во таа насока, тогаш-коалициониот партнер во Власта, Стојан Андов изготвуваше и закон за лустрација.

Со Груевски се сретнавме на кратко, од нога, во Њу Џерси. Од првите „три збора“ кои ми ги кажа Груевски, сфатив дека имам за соговорник - опасен лажго и манипулант. Имено, кога го прашав дали знае за мојот случај, одговорот беше дека не слушнал за такво нешто. Но:

ВМРО-ДПМНЕ го поддржа Јордан во тужбата против ДБК

По поднесувањето кривична пријава против тројца поранешни министри за внатрешни работи и поранешни раководители во македонската служба за државна безбедност, од страна на политичкиот азилант Јордан Петровски, тој доби поддршка од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ.

‘„Токму овој и сличните случаи покажуваат колку е важно бргу да се донесе закон за лустрација и да се расчисти со сеништата од минатото. Го охрабруваме Петровски да ги искористи сите законски можности да ја истера својата правда, но притоа да помогне да се испере овој голем срам од лицето на Македонија“ - изјави Оливер Шамбевски од ВМРО-ДПМНЕ.’



На таа кратка средба во Њу Џерси, на Груевски му поставив и прашање зошто Силјан Аврамовски е заменик на Сашо Мијалков во СДБ? Груевски ми одговори дека Аврамовски не е вработен во СДБ. Но кога му укажав на официјална изјава од МВР која го тврди спротивното, Премиерот ми објасни дека Аврамовски е вработен како ситен службеник. Не гледав друга причина зошто ме лаже, освен дека и тој е вплеткан по некоја основа со УДБ-а. А, не мораше така провидно да лаже. Едноставно можеше да ми одговори, дека знае за мојот случај и за злоупотребите на СДБ во идеолошки цели, ама дека Владата нема влијание врз судската власт, на пример.

Обидот јас и уште неколку члена од Групацијата во ноември истата година да се сретнеме со Груевски во Краун Поинт, во близина на Чикаго, беше безуспешен. Груевски не сакаше да не удостои ни со ракување, а не пак да разговара со нас и покрај тоа што во нашето друштво имаше ветерани-основачи на партијата. Зошто беше таа одбојност кон нас?


Груевски се „коцкаше“ со средбите со Харпер и Обама

Во Групацијата се договоривме да му понудиме на Груевски да му договориме официјална посета на Канада. Груевски прифати, но додаде и дополнителен услов: Премиерот на Канада, Стивен Харпер, заедно со Груевски да присуствува на прославата на 50-годишнината од основањето на организацијата „Обединети Македонци“ во Торонто. Го договоривме и тоа барање. Кога веќе сѐ беше договорено, на само неколку дена пред банкетот, Груевски го откажа неговото доаѓање во Канада. Тоа беше потег за секоја осуда, потег полн со некултура и самобендисаност. Премиерот на Канада не го откажа договореното присуство на прославата, тој дојде.

Во летото 2009. год. преку претставниците на македонската власт во Канада, добивме барање да му организираме официјална посета на Груевски, макар и средбата со Премиерот на Канада да трае само 15-тина минути, колку за да може да направат некоја фотка која ќе ја објават македонските медиуми.

Прифативме да ја организираме средбата, но под два услова:

- при посетата Груевски да направи средба со делегација од Групацијата на Ветерани Дисиденти, на која тема на разговорот ќе биде лустрацијата; и

- за време на оваа посета на Канада, Груевски да нема официјална средба со Џон Битов или некој од неговото семејство.

Мартин Треневски, тогашниот Генерален конзул на РМ во Торонто, преговарачот од страната на Груевски, ни соопшти дека неговиот шеф ги прифатил нашите услови.

Од наша страна, ја договоривме посетата, со сѐ средба со Харпер, ама не на 15 минути, туку договоривме официјална посета со сите државнички почести и договор помеѓу државите околу пензиите, како и кабинетска средба-разговори на делегацијата.

Кога пристигна Груевски, од Треневски разбрав дека состанокот со Групацијата го нема во агендата на македонскиот премиер, па затоа Груевски ќе можел да се сретне само со мене и само на кратко. Во прв момент ставот на Групацијата беше да не одам на таква средба, но по кратка дискусија се премисливме. Кога влегов во апартманот во „Ројал Јорк“ хотелот, кој делегацијата го користеше за состаноци, се случи средба помеѓу луди и збунети. Груевски тврдеше дека не знаел дека треба да се сретне со мене. Повторно средба од нога, оти Груевци брзаа на состанок со Џон Битов.

Разговорот помеѓу мене и Груевски, на кој паднаа некои од најтешките „бисери“ на неговата ароганција, ќе оставам да ги опишат Антонио Милошевски, Љубен Тевдовски и Александар Николовски, кога Груевски, како и неговиот претходник ќе стане предмет на плукање на членството. Само ќе ја споменам понудата од наша страна, на Груевски да му организираме најдоцна до март 2010. год. официјален прием од Претседателот на САД. Условот што го поставив за таквиот наш ангажман беше Груевски да почне со спроведување на лустрацијата. Груевски го одби прелогот. Тоа веќе беше прејасна потврда дека тој се плаши од лустрацијата, бидејќи, претпоставувам, таа ќе стаса и до него.

Ние ги продолживме нашите активности за разоткривање на инсталациите и на обзнанување на методите на УДБ-а, како и на нејзините луѓе во Македонија, за кои и врапчињата знаат дека се луѓе на УДБ-а.


Обид за моја ликвидација!

Дека нашите написи, и конечното надминување на сите досегашни опструкции кои ја попречуваа истражната постапка по основ на мојата кривична пријава сериозно ги вознемириле челните луѓе на УДБ-а, зборува обидот да ме ликвидираат! Благодарејќи му на Господ, обидот беше неуспешен. Но, трагите, односно, доказите за обидот останаа неизбришани, а со тоа се и несоборливи.

Груевски со овој потег ја прелеа чашата. Обидот за мојата ликвидација беша планиран да се случи во сообраќајна несреќа, преку саботажа на мојот работен камион. Значи, во сообраќајната несреќа би можеле да загинат или да останат инвалиди и невини луѓе кои немаат никава врска со македонските работи: жени, деца, татковци, кои тој ден седнале во кола да се прошетаат до Нијгарините водопади. Ова веќе е АКТ НА ТЕРОРИЗАМ кој може да го измисли само болен ум.

Зошто го обвинувам Груевски? Некои ќе реагираат дека моите обвинувања кон Груевски се неосновани; дека можеби ова е дело на некој друг од групата против која водам судска постапка. Но, Груевски со именувањето на Силјан Аврамовски за Заменик-директор на ДБК, јасно укажува дека власта, чиј представник е тој, го оневозможува сусдскиот процес. Нереагирањето на сите институции - јавните обвинители, претседателите на судовите, поранешниот министер Маневски, Републичкиот судски совет - до кои сум упатил писмени известувања со непобитни докази за флагрантни фалсификати и кои останале неми, јасно говорат дека попречувањето доаѓа од самиот врв на власта.


Кого претставуваат пратениците на дијаспората?

На крајот би напишал неколку збора за претставниците на власта и системот на Македонија тука во Канада: амбасадорот, конзулите и се разбира, пратеникот избран да нѐ претставува нас Македонците од дијаспората во македонскиот Парламент. Дали се свесни дека тие се претставници на тоталитарен систем кој за да се зачува, повторно во игра ги враќа испробаните методи на едноумието - физичките ликвидации?

Дали господата ќе почуствуваа грижа на совеста ако загинеа недолжни луѓе во инсценирана сообрќајка која беше планирана од страна на нивните шефови? Дали пратеникот Саздов ќе проговори за овој случај во македонскиот Парламент? Ги има извештајот од автосервисот и бројот на случајот, кои се составен дел од текстов. Или пак, ќе оди по онаа „секој кој го загрозува системот кои ми овозможи да сум ова што сум, а сум благодарејќи на полтронството кон лидерот и службата, треба да биде замолчан“?

На крај, дали претставниците на режимот кој владее со Република Македонија се свесни, дека доколку се пролее канадска крв поради терористичките активности на истиот тој режим, тие ќе треба кривично да одговараат пред канадските власти? Тука, пратеникот Саздов, како канадски државјанин ќе биде подложен на посебна одговорност.

антрфиле1

Интервју со Јордан Петровски од Цветин Чилиманов, во кое се објаснува играта на УДБ-а со Јордан во 1998 :

Објавено во „Време“ во Октомври 2007 година

Полека ми стана јасно што е играта и што ми се подготвува, зошто толку инсистираат парите да не ги земам на граница или на некое друго место, туку токму во амбасадата. На денот на исплатата, јас ќе отидев во амбасадата на Бугарија во Скопје со возачи на ДБК, ќе ги земев парите, а штом ќе излезев надвор, истите тие од ДБК што ме возеле до амбасадата, ќе ме уапсеа со куферче полно пари. И, ете, крунски доказ дека државата Бугарија го финансира ВМРО-ДПМНЕ! Јордан Петровски, познат финансиер на ВМРО-ДПМНЕ, фатен со куферче полно пари како излегува од бугарската амбасада! ДБК со мене подготвуваше многу јасна, провидна местенка. На ВМРО-ДПМНЕ, кусо време пред избори, ќе му се залепеше етикетата дека е пробугарска партија. Истовремено, ќе имаше и оправдување за дотогашното мое следење од страна на ДБК, божем ете, јас навистина сум бил бугарски човек. Затворен случај.

- И вие парите не ги подигнавте, иако биле легитимен долг кон вас?

Не. Одбив да учествувам понатаму. Ми стана многу полесно кога видов во моето досието дека ДБК всушност самите го признаваат случајот и потенцираат дека тие ме инструирале исплатата на долгот да оди преку бугарската амбасада, иако можела да се изврши на било кое друго место.

Со моето одбивање да ги земам парите бев свесен на каков ризик се изолужувам. А за да ја сватам сериознаста на постаката ми помогнаа инспектор Кузман и неговиот надреден од Скопје кои со честите посети вршеа притисок врз мене да продолжам со нивниот план. Бев свесен на последиците ако го сторам тој чин, ако ги изнесам парите од Бугарската амбасада и ме уапсат со нив. Никој и никогаш немаше да може да докаже дека ВМРО ДПМНЕ не е основано и финансирано од Бугарија.

Единствен спас беше да го изнесам во јавност случајот. За среќа во тоа време имаше слободни новинари и понекој слободен весник, односно сопствениците на весниците уште не беа сигурни дека Љупчо е ставен под контрола на УДБа па балансираа. За разлика од денеска кога УДБа контролира се. Дека ја говорам вистината, на МТВ драг гостин е Иван Бабановски на наводно блиската до Груевски ТВ Наша продефилира целиот КОС од Денко Малевски па до Панде Колемишевски додуша ке се протнеше и по некој соработник на УДБа онака заради плурализам.

На они опозициските УДБа и пребеганите КОС-овци зборуваат за човекови права, слободи, демократија , ЕУ, НАТО а под мишка сите ја држат црвената книшка со мислите на нивниот Мао: Тито, Киро или Сталин.

Илија Максимовски го објави моето сведочење. Кузман во име на УДБа ми ја пренесе заканата дека за ова ке платат и моите поколениа. Се наближуваа изборите и во мене сеуште имаше надеж дека ако победи ВМРО ДПМНЕ се ке дојде на свое мести. Во август 1998 година се сретнав повторно со Љупчо иако од неговите усти се излеваа буица зборови дека се ке биде во ред и дека нашето пријателство ке остане исто, чувствував дека тоа е наша последна средба.

антрфиле2:
Сервисот потврди дека камионот на Петровски бил „дотеран“ за да има сообраќајка

[Image: roseman2-1.jpg]

 

Јордан Петровски

Боро и Рамиз

 

 

Колумната не се препорачува за деца под77години

Неопходен е надзор на родител или старател

 [Image: banerlovetender.jpg&h=270&am...p;amp;zc=1]

Си биле еднаш Боро и Рамиз…

Почетоков на колумнава наликува на приказна за мали деца. А бидејчи колумните на Чеге Вара не се препорачува за деца под 77 години, денеска че треба да напрам мал увод.

 

[Image: Boro_i_ramiz.jpg]

Тинејџериве шо че ја чита колумнава сигурно че реча, а шобиле, уствари, Боро и Рамиз? Фудбалери на Трепча? Или музичко дуо од Прешево? А да не биле лидери на политички партии од Нови Пазар? Не? Е тогаш мора да се личности од бајките!?

Ај еден забрзан час по историја.

Боро (Вукмировиќ) и Рамиз (Садику) биле вистински личности од вистинскио свет. Млади лујџе. Партизани. Комунисти. Првио Србин, претпоставувате, вторио Албанец, погодувате. Во Втората светска војна се бореле против фашистите. Од нив биле и убијани. Фатени во заседа и стрелани. Умреле прегрнати, гушнати. Боро имал 31, Рамиз 28 години. Двајцата биле прогласени за Народни херои, и во бившата ни држава претставувале симбол на братството и единството.

Колкумина од вас читајчиго ова си рекоја „А бе до кога че нѐ лажа ова комунистиве“? Налет то шо Боро и Рамиз стварно постоеле, туку, че велев, поарно да ве лажа комунистите, отколку антикомунистите. Оти комунистите барем лажеја со стил, а овие античкиве, шо би рекле охријџани, мамат на простачки начин.

Си биле еднаш Боро и Рамиз. Тука застанав и оттука че продолжам.

Биле еднаш, ама останале занавек. Оти имале и идеја, и верба, и желба, и срце. Денеска, 71 година после нивната смрт, како стојме ние по овие прашања? Јас да ви кажам, или сами си го знајте одговоро?

Денеска едни двајца самонаречени шизици, напраја „римејк“ на приказната за Боро и Рамиз, и под превезо на патриотизмо, еве скоро цела деценија маме ни плача! Грујо и Ахмети vs Боро и Рамиз?

Не тврдам дека несум грешен со самата помисла дека прам споредба помеџу нешто неспоредливо. Двајцата Народни херои ги зедов само како парадигма, како споредба на две, на прв поглед, неспоиви работи.

Да зашпарам и на простор и на време, че одам „на прва“.

Кого го пра будала пастиро Грујо и команданто Али? Првио, демек, херој улице, кој недава нешто шо никој не му бара. Вторио, пак, увреѓен швајцарски пензионер, кој ако треба уште 100 години че биди во влада, само да ги одбрани правата на „угнетенио“ албански народ! Pasha Zoti, команданте! Твојата „жртва“ со гајда не се опева!

И шо вели после интелектуалецо од Шипковица? За да ни докажел колку бил принципиелен во барањето за консензуален претседател, и во вторио круг, пак че ги бојкотирал изборите! Не заебавај! Командант Али таја работа? Не ми е верно дека еден демократ од негов калибар, че прај такви деструктивни дејанија?

А бе, команданте! То шо самио се доживуваш како поглавица на племе, шо за избирачките гласој на твојте сопартијци и приврзаници се пазариш како за овци на сточен пазар, многу-многу не ме секира. Си ги кандисал, си ги излагал, пеки! Нешто друго сакам да те прашам.

Оти си прајш бајрам со умо? Оти сите нас, припадниците на другото племе, нѐ имаш земено на подбишега? А бе не се сите ѓаури до толку малоумни! Ами се најдува, ебаго, чат-пат по некој шо разбира малку политика и шо размислува поинаку од твоето утопистичко свајчање за то како треба да се гради една држава. И зато ко че те слушам кај шо му најдуваш мани на неконсензуалнион кандидат, кого твојте другари од владините кабинети како пукан зајак го шета низ државава, ич не ти верувам! Оти?

Оти вие двајцата, идеолошки, ко да сте роџени једно за друго. Од едната страна ти, кој само шо се родил, наместо со млеко, го задоиле со социјалдемократската идеја. Не велам јас така, така пишува во статуто на твојата партија. Од другата страна тој, Хорхе, комуњара со скорни на привремена работа во портокаловата компанија АД „Мијалков & фемили“.

Ако е така, а така е, тогаш јас, друже Али, за тебе имам целосно разбирање и знам шосакаш да кажиш меџу редој: дека твојата „беса“ да ги бојкотираш претседателските избори, у ствари, е твој скромен придонес во зацврстувањето на внатрешните односи во дружината „братско стебло“.

Вистинските Боро и Рамиз смртта ја пречекале во другарска, во братска прегратка. За разлика однив, ти и карикатуралнио „Боро“ се гушкате откако че се изгасна светлата на театарската барокна гротеска. Вас, друже Али, еден ден историјата че ви го најди вистинското место. Не знам дали то че биди последица на некој нови досиеја кои, Тачи или некој друг, „случајно“ че ги најда пред влезната врата? Исто така неможам да претпоставам дали некој од мојчната дијаспора на твојо народ еден ден гласно че праша „кај се парите“? Ама со сигурност знам дека, порано или подоцна, џаоло че дојди по своето. А тогаш бегање – нема!

 

Автор:

 

Чеге Вара, ебаго!

 http://revolucionermk.com/?p=8754

 

КОЈ ГО НАПУПИ ПАСТИРОТ?



[Image: 333btar.jpg]

Деновиве вест број еден е мега-скандалот со објавените аудио снимки на кои Грујо како министер за финансии во владата на Љубчо, преку посредник договара продавање на Македонска банка на прочуениот српски далаверџија Газда Нини. Од снимката дознавме дека тогаш од Газда Нини се побарани милионипол евра во кеш како „мала пажња“ за тоа што токму нему му ја продаваат банката и плус уште 900 илјади евра, кои официјално ќе стојат во купопродажниот договор како цена за која банката е продадена. Оние првите милионипол евра, никогаш нема да се слеат во финансиските текови на земјава, туку мистериозно ќе завршат којзнае каде, а за да се дознае каде, треба да има истрага. 

[Image: 2gsqrdu.jpg]

Треба, ама не мора, оти не сме ни Швајцарија ни Германија, а згора на сѐ нашиот јавен обвинител Зврле, јавно изјави дека е цврст дечко и не отвора истраги за безначајни озборувања. Изгледа и за него како и за ДПМНЕ, оние тројца на снимката не се тие што се, туку се три стари-моми немажени кои на телефон си прават празни муабети за продавање на една банка за дваипол милиони евра, од кои, поголемиот дел од нив ќе отидат во џебот на продавачите како поткуп. Веднаш по таа изјава цврстиот дечко Зврле, под страшен притисок на јавноста и свесен за она што првично го кажа од пусти страв да не му се замери на шефот, малку се поправи, па вети дека обвинителството ќе го разгледа случајот да види дали има место за истрага, иако на сите ни е јасно дека сето тоа е „мижи Асан да ти баам“.

Истрага нема да има додека Грујо е на власт и тоа е јасно, како што е јасно дека токму тој е главниот лик на снимката, колку и да се обидуваат неговите поданици да ја убедат јавноста дека тоа не е нивниот Водач, туку баба ми. Но она кое најмногу ја буди нашата љубопитност во врска со скандалот е нешто друго. Кој, за кого и зошто ја направил таа снимка. Во редовите кои следат ќе се обидам да одговорам на тие тешки прашања.

Снимката внимателно ја преслушав три пати и она што ми остави силен впечаток, бидејќи сум глумец по професија, е улогата на СОГОВОРНИКОТ или посредникот кој го договара продавањето на банката. Тој е главниот актер во целата драма и тој го води целото дејство. Се претпоставува дека зад соговорникот се крие ликот на бизнисменот Ден Дончев, но тоа е помалку важно. Поважно е тоа што овој посредник, неколкупати за време на посредувањето преку мобилен телефон, на своите соговорници им кажува дека телефонот кој го користи е на странска мрежа и нема опасност да биде прислушкуван. Божем у Београду или у Паризу не прислушкуваат! Тоа го повторува неколку пати, како да сака максимално да ги опушти соговорниците и да ги натера послободно да зборуваат на темата. Дури во еден момент вели нешто во смисла: Телефонот е безбеден, ама боже мој... Но потоа пак ги смирува дека веројатноста да се случи нешто непредвидено е многу мала. Прашањето е зошто тој има потреба неколкупати да нагласи дека телефонот е безбеден? 

Претпоставувам СОГОВОРНИКОТ, народски кажано, ја ишка мувата од капата, зашто очигледно не е професионално упатен во тоа да извлекува информации, туку е искористен ad hoc. Но, искористен од кого? Е од кого де? Од нашата тајна служба или од некоја странска? Или можеби е искористен од луѓе од нашата тајна служба, кои си го имаат на-ти-го-дај-ми-го со некоја странска служба? Или пак, самиот соговорник е директно поврзан со некоја странска служба? Последниве две претпоставки изгледаат најлогично, а ќе ви кажам и зошто.

Пред два месеци во една моја колумна овде на Котле, пишував за начинот на кој се поставуваат на власт лидерите на малите земји и не само на малите и дека тоа е пракса која се спорведува интензивно во последниве триесетина години. Напишав, за да се дојде на чело на една земја како Македонија, треба да се биде избран, но не од народот, како што погрешно се мисли, туку од одредени странски тајни структури на моќ кои имат интерес, оној кој ќе го изберат за свој пион да ги исполни задачите кои ќе му бидат дадени. Затоа тие преку свои посредници стапуваат во контакт со тајната служба на земјата во која треба да се избере пионот и бараат од нив да најдат соодветен лик за лидер на земјата. Под соодветен, прифатлив лик за лидер на државата-сателит, подразбираат човек со големи петна на биографијата, некој со разни ментални и сексуални аберации, без совест, со склоности кон корпупција, со болна амбиција и кој поседува разни ментални зависнички структури. Со еден збор се избира некој кој лесно ќе го држат за јајца доколку не се придржува кон договорот и не го исполнува она што ќе му се каже. Ќе потсетам само на некои од тие лидери кои сликовито кажано беа пуштени низ вода кога целосно не го исполнија она што им било кажано или пак не го исполнија ич. Или одненадеж им проработела совеста за нешто што направиле против своја волја, па решиле јавно да ги изнесат јадовите на душата и гревовите од минатото, по што морале да бидат замолчени. Хелмут Кол, Милошевиќ, Јанез Јанша, Санадер, Саркози, Бил Клинтон, Ѓинѓиќ, Љубчо Георгиевски, па ако сакате и Трајковски. 

Оној миг кога престанале да играат по нотите на нивните моќни ментори завршиле неславно. Со тужби за корупција и други криминални активности или пак, со обвиненија за откриени општествено неприфатливи или законски недозволени сексуални девијации или биле ликвидирани. Тоа отприлика сега му се случува на Грујо наш. Оти не постои друго објаснување за тоа, како некој кој од 2001 година па наваму важел за беспрекорно чист, одеднаш излегува дека можеби бил дел од нешто многу нечесно. Скандалот со продавањето на Македонска банка е изгледа само врвот од ледениот брег и маската на чесноста зад која се крие Пастирот. Убеден сум дека во наредните месеци ќе има уште обелоденети пикантерии од неговиот таен живот, зашто очигледно е дека некому му пукнал филмот и решил да го смени од власта, откако нежно ќе ги потурне работите во тој правец со помош на доверливите информации што ги поседува за него, кога веќе мнозинството од народот е целосно ментално парализиран и уверен во неговата добрина. Ништо не е случајно во политиката, особено не, во банана-држави како нашата, а најмалку е случајно тоа дека некој случајно го снимил разговорот и случајно снимката му испаднала од џеб на прагот на стожерот на опозицијата која потоа ја објави.

Можно е дука да има и лична одмазда од страна на СОГОВОРНИКОТ од аудио снимката. Ако е тој навистина Ден Дончев, многу е извесно дека некој од власта му се заканувал за други негови гревови од минатото поврзани со разни бизниси и тендери во државава, па решил да се одмазди, но сметам дека некој друг, му дал зелено светло да го направи тоа и баш на две недели пред изборите. Случајно? Жими мајка!

Конечно Грујо почна да го плаќа данокот на својата непослушност кон големите играчи кои го поставија да владее со земјава. Но тука се отвора и друга мистерија. Што е тоа што ветил дека ќе го исполни ако биде премиер, а не го исполнил. Моја претпоставка е дека ветил промена на името, па после се пишманел кога видел дека спротивниот став го прави голем патриот и му носи многу гласови на изборите и повеќе моќ. Ама ветеното е ветено, а тој изгледа стапнал на зборот. Да не ветел промена на името, изгледа немало ни да стане премиер. А може ветил и други работи, кои многу се косат со неговиот јавно изразен патриотизам. Она што максимално го исполнува и одработува за странците е неговото беспрекорно задолжување до гуша во странските банки, што е основен услов на секој балкански лидер, ако сака и понатаму да владее во својата земја. Затоа странците обично молчеа за сите изборни нерегуларности, за кршењето на човековите права или за замолчувањето на медиумите во Македонија и го оставаа да владее сиве овие години.

Ама трпеливоста за оние другите работи, ветени а неостварени, веројатно ги напушти моќните играчи на големата светска шаховска табла. Очигледно во нивните агенди за владеење со Балканот, Македонија со Грујо на чело им станува непотребен баласт, камче во чевелот, кое мора да го истресат и да постават друг кој нема толку да глуми лудило и патриотизам и ќе го заврши она што пред него го ветил некој друг. 


Сашо Тасевски

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без дозвола од редакцијата на КОТЛЕ

КЕЦ У ДВА !

[Image: 333btar.jpg]
Првата третина од изборната трилогија заврши. Кандидатот на власта победи со разлика од 120 илјади гласови во однос на кандидатот на опозицијата. Ќе има и втор круг, но за власта, тој како да е завршена приказна. На Груевски му падна каменот од срце и тоа не можеше да го скрие, зашто и самиот, длабоко во себе се сомневаше дека неговиот пулен ќе добие со таква разлика. Сега е сигурен и во убедлива победа на парламентарните избори кои ќе се поклопат со вториот круг на претседателските. Но јас лично не би бил толку сигурен во тоа. Еве зошто.

[Image: 2j4tvl3.jpg]

Груевски и ДПМНЕ деновиве многу љубат да се удираат во гради дека народот уште еднаш покажал дека стои зад нив и нивното владеење. Само не ми јасно за кој народ зборуваат, кога од вкупниот број гласачи со право на глас, на претседателските избори во првиот круг гласале само 49 проценти. Од нив за Иванов гласале околу 450 илјади, а за Пендаровски околу 330 илјади гласачи. Оние 450 илјади на Иванов се само 27 проценти од целиот народ со право на глас. Значи нивниот кандидат го поддржува многу мал дел од народот. Проблемот со останатиот, мнозински дел од народот е тоа што се или апстиненти, целосно разочарани во сите политички партии во Македонија или пак се емигранти, отселени во последниве 12 години, кои засекогаш ѝ завртеле грб на својата татковина, такашто повеќе не им е гајле дали овде се колеме или бесиме. Колку се точно на број, никој не знае, зашто власта упорно избегнува да спроведе попис на населението. Таа намерна утка со пописот е уште еден значаен фактор кој го урива легимитетот не само на владеењето на оваа власт, туку и на секој изборен процес, зашто отвора широк простор за безброј манипулации и измами. 

Дека не е сѐ готово во полза на ДПМНЕ, зборува и фактот дека во првиот круг на претседателските избори, за опозиционерскиот кандидат Пендаровски гласале многу од оние кои биле апстиненти во претходните изборни циклуси. Ако се земат тука во предвид и гласовите на оние кои не се задоволни од оваа власт, а кои гласаа за преостанатите двајца кандидати од ГРОМ и ДПА, а кои најверојатно во вториот круг ќе го дадат својот глас за Пендаровски (тука пред сѐ мислам на оние од ГРОМ), тогаш таа разлика од првиот круг драстично ќе се намали. Ова последното, под претпоставка ГРОМ да не излезе кукавичко јајце подметнато од Грујо пред изборите за да го расцепка гласачкото тело во корист на власта. Сепак, сакам да верувам дека не е така. Значи борбата ќе биде околу преостанатите десетици, а можеби и стотици илјади апстиненти кои не излегоа во првиот круг, за кој никој точно не знае колку се на број, оти како што реков, попис нема ни за лек.

Е сега, ако некој успее тие да ги анимира, многу е веројатно тоа да биде само Пендаровски, кој уште во првиот круг покажа дека исклучиво благодарение на својата личност и настапите, успеа да ги привлече симпатиите на многу од оние неутралните, без партиски книшки, на кои им е доста од владеењето на преродбениците. Најголема предност на Пендаровски во вториот круг е токму неговиот противкандидат Иванов кој самиот се сведе на ниво на обичен партиски мегафон, без трошка личност и автентичност. Не случајно, професорот Шкариќ преку писмо му порача дека не заслужува да биде претседател на Македонија зашто решил да биде слика без тон. Решил да се самоукине и како личност и како претседател во својот прв, веќе изминат мандат. Толку е удобно сместен во скутот на Грујо, што дури и на пресот по објавувањето на резултатите од првиот круг, ги повтори само слоганите на својата партија, дека народот, а тука веројатно мислеше на оние 27 проценти од народот, ЗНАЕЛ ДА ПРЕПОЗНАЕ и дека ЗНАЕЛ ДА НАПРАВИ РАЗЛИКА. Не кажа ништо друго. Тешко него и тешко за нас со него. 

А на Заев пак, како лидер на опозицијата, воопшто не му требаше она кукање на пресот по објавувањето на резултатите, дека власта пак манипулирала и играла нечесно во првиот круг. Старо и добро познато правило е дека гомнари со гомнарски цевки се тепаат, а згора на сѐ борбата за власт секогаш изобилувала со измами и блефови, такашто нема лутиш. Тоа значи дека пред вториот круг опозицијата мора не само да нападне уште пожестоко, туку со сите сили треба и да ги каптира сите интелектуалци и јавни личности на кои им е преку глава кичот и лудилото во кое живееме и на некој начин да ги приклучи во својата кампања, не како свои членови туку како сојузници, оти очигледно во ваков состав, СДСМ уште имаат проблем со масовно враќање на довербата на народот. Само така, во преостанативе две недели до изборите, па и во иднина, ќе можат да го прошират фронтот на отпор против оваа бескрупулозна власт. Влогот за СДСМ како партија е преголем за и понатаму да се однесува како да е доволна самата на себе. Приказната со Пендаровски треба да им е доволна за да сфатат дека е дојдено време да приграбат за свои сојузници што е можно повеќе од оние кои размислуваат со своја глава.

Наскоро ќе дојде и денот на одлука. Многумина веќе гледаат уверлива победа на ДПМНЕ, но мислам дека вистинскиот одѕив на гласачи ќе се случи токму во вториот круг, кога најмногу заради парламентарните избори ќе излезат уште илјадници од оние кои решија да останат дома за првиот круг на претседателските избори. Тие во голема мера ќе го решат и победникот на начин на кој нема да му се допадне на Грујо, оти како што се чини, за ДПМНЕ останаа да гласаат само нивните партиски членови од кои поголем број гласаат под уцена, принуда или застрашување. Еден нивни член вработен од ДПМНЕ во Комуналец ми рече дека ги плашат со зборовите: Ако дојдат СДСМ на власт ќе ве отпуштат од работа, зашто ние ве вработивме! Како тргнале, може да се случи, на крајот, токму тие преплашените и уценетите да се свртат против своите уценувачи. Но да видиме... Натпреварот е во тек, а пресврти се случувале и ќе се случуваат, како во спортот, така и во политиката. Нешто ми мириса на кец у два!

Сашо Тасевски

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без дозвола од редакцијата на КОТЛЕ