Macedonian Albanian Croatian Dutch English French German Italian Portuguese Russian Spanish

НЕ СУМ ЈАС ЖИМИ МАЈКА!


[Image: 333btar.jpg]
На концерт во МКЦ, некој тип се мушнал покрај обезбедувањето се качил на некаква конструкција под кровот за оттаму подобро да ги следи своите идоли, ама по некое време, музиката толку го понела или го погодила у срце, што се откачил од конструкцијата на која бил закачен и треснал долу на подиумот, директ врз главата на некоја девојка. Девојкава во длабоко безсознание е пренесена на еден од ургентните центри каде лекарите се бореле за нејзиниот живот. Дај боже да е точно дека се избориле.

[Image: 14avki8.jpg]

Несреќи на концерти се случувале и се случуваат секаде по светов, ама до скоро уште не бев чул, организаторот на концертот веднаш по несреќата во која имало мртви или повредени, да тврди дека нема врска со она што се случило и дека сѐ било во најдобар ред. Колку и да им е репутацијата загрозена, обично ќе изјават дека прво ќе почекаат да видат истрагата што ќе каже, па потоа ќе излезат со соопштение. Никој од нив одма не излегол да се брани дека нема никаква врска со немилиот настан. Така е по светот, но кај нас нештата природно се извртени наопаку.

Така, директорот на МКЦ кој беше организатор на концертот, не губеше време да излезе пред јавноста и да каже дека обезбедувањето на концертот и организацијата биле беспрекорни. Е како тоа биле беспрекорни, кога некоја будала успеала да мине покрај обезбедувањето, да се искачи некаде под кровот и одозгора да акне долу врз главата на некоја девојка? Дали гледате што прават годините на индоктринација на преродбеничкиот менаџерски кадар кога е во прашање преземањето на личната одговорност? Значи тоа не е од вчера и никако немојте да мислите дека е случајно.

Се сеќавате на потонатиот брод во Охридско Езеро во кој загинаа дваесетина бугарски туристи. Првата реакција на оној Миле, министерчето за транспорт, додуша беше природна. Веднаш ја понуди својата оставка. Но, не поминаа ни неколку часови, кога некој над него во партијата, го поучи дека не треба да избрзува со одлуката и да не ја прифати својата одговорност за несреќата. Така Миле, јунакот наш кој сѐ уште е министерче во тоа министерство, одма се попишмани и ја повлече својата оставка која ја најави преку медиумите. Потоа следуваше и бродоломот со Сведмилк. Се сеќавата некој од власта да презеде одговорност за потопувањето на она што неколку месеци претходно го најавија како голема инвестиција во млечната индустрија? Немаше таков. Сите беа невини. Оттогаш до последнив случај во МКЦ имало уште дваесетина примери во кои приучените менаџерчиња и министерчиња на преродбениците избегнувале да преземат одговорност во разни случаи. 

Меѓу најеклатантните примери за тоа се секако оној со институционалното забошотување на убиството на младиот Нешковски, кога половина од раководниот кадар на МВР на чело со министерката мораа да поднесат оставки, а сепак, мува не ги полази. На таа топ листа, сигурно влегува и скандалот на триото Грујо, Газда Нини и Ден Дончев поврзан со поткуп при продавањето на Македонска банка. И независната експертизата покажа дека гласот на аудио-снимката е на Грујо, ама џабе. Ниту истрага има, ниту пак Грујо ја презеде одговорноста за својата вмешаност. Напротив, со обвинителството кое ги штити неговите дубиозни дела, сега тој ги тужи оние кои го обелоденија скандалот.

Што да очекуваш од полтроните, кога нивниот шеф бега од сопствената одговорност? Тие имаат од кого да учат за избегнувањето од одговорност. И кога НЗС-то на владеачката гарнитура во државава е замижувањето пред сопствените утки и недела, човек не може поинаку да ја дефинира таа држава, освен како НЕОДГОВОРНА. Државата која според Грујо и преродбениците мора да биде пред сѐ, е токму таква – ЖИМИ МАЈКА НЕ СУМ ЈАС! Држава без вистински мажи кои кога ја онадиле утката на летање, храбро ќе станат и ќе кажат: Виновен сум! Ја онадив утката! Онадете ме сега мене! Или да кажеме: Ветив дека ќе направам рај од Македонија, не успеав, си одам, нека дојде поарен од мене!
Вакви индивидуи не се градат со екстерни испитувања и со заокружи го точниот одговор на прашањето дали месечината е портокал, плафоњерка или природен сателит. Такви карактери не се градат во партиските штабови каде се предава само еден предет климоглавологија. Преземањето лична одговорност е способност и одлика само на силни индивидуи со високи морални принципи, а не на мивки кои веруваат дека земјата почнала да се врти откако тие дошле на власт.

Затоа бидете подготвени на уште понепријатни настани и изненадувања во иднина, оти бегањето од одговорноста е заразно и по хоризнотала и по вертикала. И тешко на оној кој ќе биде жртва на некој несреќен случај, зашто ќе нема ни каде да се пожали, ни кому да докаже дека е неправедно оштетен или повреден заради неодговорното однесување на фиљан човек, особено ако тој фиљан човек е битен фраер во власта или пак, некое самобендисано менаџерче поставено на важно раководно место од некоја крупна ѕверка во државата.

Сашо Тасевски

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без дозвола од редакцијата на КОТЛЕ