Macedonian Albanian Croatian Dutch English French German Italian Portuguese Russian Spanish

КОЈ ГО НАПУПИ ПАСТИРОТ?



[Image: 333btar.jpg]

Деновиве вест број еден е мега-скандалот со објавените аудио снимки на кои Грујо како министер за финансии во владата на Љубчо, преку посредник договара продавање на Македонска банка на прочуениот српски далаверџија Газда Нини. Од снимката дознавме дека тогаш од Газда Нини се побарани милионипол евра во кеш како „мала пажња“ за тоа што токму нему му ја продаваат банката и плус уште 900 илјади евра, кои официјално ќе стојат во купопродажниот договор како цена за која банката е продадена. Оние првите милионипол евра, никогаш нема да се слеат во финансиските текови на земјава, туку мистериозно ќе завршат којзнае каде, а за да се дознае каде, треба да има истрага. 

[Image: 2gsqrdu.jpg]

Треба, ама не мора, оти не сме ни Швајцарија ни Германија, а згора на сѐ нашиот јавен обвинител Зврле, јавно изјави дека е цврст дечко и не отвора истраги за безначајни озборувања. Изгледа и за него како и за ДПМНЕ, оние тројца на снимката не се тие што се, туку се три стари-моми немажени кои на телефон си прават празни муабети за продавање на една банка за дваипол милиони евра, од кои, поголемиот дел од нив ќе отидат во џебот на продавачите како поткуп. Веднаш по таа изјава цврстиот дечко Зврле, под страшен притисок на јавноста и свесен за она што првично го кажа од пусти страв да не му се замери на шефот, малку се поправи, па вети дека обвинителството ќе го разгледа случајот да види дали има место за истрага, иако на сите ни е јасно дека сето тоа е „мижи Асан да ти баам“.

Истрага нема да има додека Грујо е на власт и тоа е јасно, како што е јасно дека токму тој е главниот лик на снимката, колку и да се обидуваат неговите поданици да ја убедат јавноста дека тоа не е нивниот Водач, туку баба ми. Но она кое најмногу ја буди нашата љубопитност во врска со скандалот е нешто друго. Кој, за кого и зошто ја направил таа снимка. Во редовите кои следат ќе се обидам да одговорам на тие тешки прашања.

Снимката внимателно ја преслушав три пати и она што ми остави силен впечаток, бидејќи сум глумец по професија, е улогата на СОГОВОРНИКОТ или посредникот кој го договара продавањето на банката. Тој е главниот актер во целата драма и тој го води целото дејство. Се претпоставува дека зад соговорникот се крие ликот на бизнисменот Ден Дончев, но тоа е помалку важно. Поважно е тоа што овој посредник, неколкупати за време на посредувањето преку мобилен телефон, на своите соговорници им кажува дека телефонот кој го користи е на странска мрежа и нема опасност да биде прислушкуван. Божем у Београду или у Паризу не прислушкуваат! Тоа го повторува неколку пати, како да сака максимално да ги опушти соговорниците и да ги натера послободно да зборуваат на темата. Дури во еден момент вели нешто во смисла: Телефонот е безбеден, ама боже мој... Но потоа пак ги смирува дека веројатноста да се случи нешто непредвидено е многу мала. Прашањето е зошто тој има потреба неколкупати да нагласи дека телефонот е безбеден? 

Претпоставувам СОГОВОРНИКОТ, народски кажано, ја ишка мувата од капата, зашто очигледно не е професионално упатен во тоа да извлекува информации, туку е искористен ad hoc. Но, искористен од кого? Е од кого де? Од нашата тајна служба или од некоја странска? Или можеби е искористен од луѓе од нашата тајна служба, кои си го имаат на-ти-го-дај-ми-го со некоја странска служба? Или пак, самиот соговорник е директно поврзан со некоја странска служба? Последниве две претпоставки изгледаат најлогично, а ќе ви кажам и зошто.

Пред два месеци во една моја колумна овде на Котле, пишував за начинот на кој се поставуваат на власт лидерите на малите земји и не само на малите и дека тоа е пракса која се спорведува интензивно во последниве триесетина години. Напишав, за да се дојде на чело на една земја како Македонија, треба да се биде избран, но не од народот, како што погрешно се мисли, туку од одредени странски тајни структури на моќ кои имат интерес, оној кој ќе го изберат за свој пион да ги исполни задачите кои ќе му бидат дадени. Затоа тие преку свои посредници стапуваат во контакт со тајната служба на земјата во која треба да се избере пионот и бараат од нив да најдат соодветен лик за лидер на земјата. Под соодветен, прифатлив лик за лидер на државата-сателит, подразбираат човек со големи петна на биографијата, некој со разни ментални и сексуални аберации, без совест, со склоности кон корпупција, со болна амбиција и кој поседува разни ментални зависнички структури. Со еден збор се избира некој кој лесно ќе го држат за јајца доколку не се придржува кон договорот и не го исполнува она што ќе му се каже. Ќе потсетам само на некои од тие лидери кои сликовито кажано беа пуштени низ вода кога целосно не го исполнија она што им било кажано или пак не го исполнија ич. Или одненадеж им проработела совеста за нешто што направиле против своја волја, па решиле јавно да ги изнесат јадовите на душата и гревовите од минатото, по што морале да бидат замолчени. Хелмут Кол, Милошевиќ, Јанез Јанша, Санадер, Саркози, Бил Клинтон, Ѓинѓиќ, Љубчо Георгиевски, па ако сакате и Трајковски. 

Оној миг кога престанале да играат по нотите на нивните моќни ментори завршиле неславно. Со тужби за корупција и други криминални активности или пак, со обвиненија за откриени општествено неприфатливи или законски недозволени сексуални девијации или биле ликвидирани. Тоа отприлика сега му се случува на Грујо наш. Оти не постои друго објаснување за тоа, како некој кој од 2001 година па наваму важел за беспрекорно чист, одеднаш излегува дека можеби бил дел од нешто многу нечесно. Скандалот со продавањето на Македонска банка е изгледа само врвот од ледениот брег и маската на чесноста зад која се крие Пастирот. Убеден сум дека во наредните месеци ќе има уште обелоденети пикантерии од неговиот таен живот, зашто очигледно е дека некому му пукнал филмот и решил да го смени од власта, откако нежно ќе ги потурне работите во тој правец со помош на доверливите информации што ги поседува за него, кога веќе мнозинството од народот е целосно ментално парализиран и уверен во неговата добрина. Ништо не е случајно во политиката, особено не, во банана-држави како нашата, а најмалку е случајно тоа дека некој случајно го снимил разговорот и случајно снимката му испаднала од џеб на прагот на стожерот на опозицијата која потоа ја објави.

Можно е дука да има и лична одмазда од страна на СОГОВОРНИКОТ од аудио снимката. Ако е тој навистина Ден Дончев, многу е извесно дека некој од власта му се заканувал за други негови гревови од минатото поврзани со разни бизниси и тендери во државава, па решил да се одмазди, но сметам дека некој друг, му дал зелено светло да го направи тоа и баш на две недели пред изборите. Случајно? Жими мајка!

Конечно Грујо почна да го плаќа данокот на својата непослушност кон големите играчи кои го поставија да владее со земјава. Но тука се отвора и друга мистерија. Што е тоа што ветил дека ќе го исполни ако биде премиер, а не го исполнил. Моја претпоставка е дека ветил промена на името, па после се пишманел кога видел дека спротивниот став го прави голем патриот и му носи многу гласови на изборите и повеќе моќ. Ама ветеното е ветено, а тој изгледа стапнал на зборот. Да не ветел промена на името, изгледа немало ни да стане премиер. А може ветил и други работи, кои многу се косат со неговиот јавно изразен патриотизам. Она што максимално го исполнува и одработува за странците е неговото беспрекорно задолжување до гуша во странските банки, што е основен услов на секој балкански лидер, ако сака и понатаму да владее во својата земја. Затоа странците обично молчеа за сите изборни нерегуларности, за кршењето на човековите права или за замолчувањето на медиумите во Македонија и го оставаа да владее сиве овие години.

Ама трпеливоста за оние другите работи, ветени а неостварени, веројатно ги напушти моќните играчи на големата светска шаховска табла. Очигледно во нивните агенди за владеење со Балканот, Македонија со Грујо на чело им станува непотребен баласт, камче во чевелот, кое мора да го истресат и да постават друг кој нема толку да глуми лудило и патриотизам и ќе го заврши она што пред него го ветил некој друг. 


Сашо Тасевски

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без дозвола од редакцијата на КОТЛЕ